13.8 C
Скопје
14:25 - 18 декември, 2024

(Фотогалерија) На рахат кафе со Веселинка Ковачева, успешна нашинка во Сараево: Кој еднаш дошол, повторно се враќа во балканскиот Ерусалим

За Веселинка Ковачева Сараево не е само град туку „љубов што не можам на сите да им ја објаснам зашто секој не може да ја разбере“. И таа љубов со нас ја споделува како водич низ градот за кој толку сакаме да слушаме и одново да мечтаеме да го посетиме.

По дваесет години работно искуство во Француското интернационално училиште во Скопје како професор и заменик административен директор, Веселинка Ковачева во 2019 година стана главен финансиски директор на школската групација „Сколае мунди“(Scolae Mundi) и така животниот пат ја одведе во Сараево. Во декември 2021 групацијата стана дел од поголема француската школска групација „Одисеј едјукејшн“ (Odyssey Education) која има 15 француски училишта во Европа, Африка и во Азија. Денес Веселинка е главен финансиски директор за централна и континентална Европа на „Одисеј едјукејшн“. Нејзината прва средба со Сараево се случила во 2014 година, а вистинската љубов со градот во август 2019 година, кога ја прифатила понудата за работа. Од првиот ден живее во самото срце на Сараево, Стари град, местото каде што истокот и западот се спојуваат.

Каква беше твојата прва средба со Сараево?

– Ax, јас и Сараево…Мојата прва средба со Сараево беше во 2014 и не беше апслолутно љубов на прв поглед. Беше мај и Сараево беше завеано во снег, беше толку сиво и студено што едвај чекав да ми заврши обуката и да се вратам во Скопје. Во 2017 година дојдов повторно на семинар, но немав многу време за разгледување на градот. Вистинската љубов се случи во август 2019 година кога ја прифатив понудата да работам како главен финансиски директор на школската групација „Scolae Mundi“. Се преселив за време на Сараевскиот филмски фестивал, не бев ни свесна што се случува, сите чувства ми беа измешани… Почнував нов живот, нова страница, нова авантура. Од првиот ден одбрав да жиевам во срцето на Сараево познато како општина Стари град, местото на сите збиднувања. Тоа е всушност најстариот и можеби историски најзначаен дел на Сараево. Од една страна ја имате австроунгарската архитектура, а од друга – отоманската, или местото каде истокот и западот се спојуваат. И можеби токму таа живописност и шареноликост ми помогнаа да се навикнам на мојот нов живот. Денес после три години можам да кажам дека Сараево за мене не е повеќе само именка, не е само град, туку љубов. Љубов која не можам на сите да им ја објаснам зашто секој не може да ја разбере. Сараево е убаво и опојно.

Со пријатните чајџилници, атмосфера на joie de vivre, односно раатлук, и уникатната мешавина на отомански и европски влијанија кои му даваат посебен шмек на градот и ве тера да посакате да го истражувате, сметаш ли дека Сараево е еден од најпотценетите престолнини на Балканот, па и во Европа? Имаше ли многу туристи ова лето, од кои земји се најчестите посетители и што најмногу ги привлекува?

– Од една страна, точно е дека Сараево е еден од најпотценетите престолнини, но потценет од нас Балканците бидејќи секогаш одбираме да посетиме некоја европска престолнина и никогаш не сме размислувале дека можеби треба да се види и она што е околу нас. Кога им кажав на сите блиски и пријатели дека ќе се преселам во Сараево не беа толку воодушевени како кога би им кажала дека ќе се селам во Париз, Лондон, Рим или некој друг европски град. Сите кои дојдоа да ме посетат си заминаа со големо воодушевување и со желба повторно да се вратат. Од друга страна пак, не е потценета престолнина во Европа бидејќи е многу посетувана преку целата година. Ова лето има многу туристи, најбројни се од Германија, Франција, Италија, Шпанија, Турција, Саудиска Арабија, Америка и други делови од светот, од регионот, и да не ја заборавам дијаспората. За разлика од минатата година, бројот на туристи е зголемен за 75%, но моите Сараевчани ми кажуваат дека секогаш имало многу туристи освен за време на короната. Освен Сараево тие ги посетуваат и другите делови на Босна и Херцеговина. Босна е прекрасна земја која и јас допрва ја откривам. Многу е развиен домашниот туризам. Она што го забелажав годинава е дека имаше многу посетители од Македонија.

Што е тоа што треба да се доживее во градот познат како Балкански Ерусалим, што да се истражи, ако сме во Сараево само на викенд?

– Пред да се почне со истражувањето мора да се испие едно кафе на раат (рахат кафа), без никакво брзање, опуштено бидејќи сè е на дланка. На познатата улица Ферхадија неизбежна е Катедралата, Вечниот огин, Тржница, пазарот Маркале, Галеријата 11/07/95 која ќе ви ја раскаже приказната за Сребреница, Детскиот Воен Музеј. Тука е Башчаршија каде можете да се изгубите по сите тие мали улички полни со занаетчиски работилници. Тука се старата православна црква, џамиите, синагогата поради кои Сараево го добил епитетот Балкански Ерусалим. Неизбежно е фасцинантното здание на градската Вијечница, некогашна градска библиотека, а денес тука се наоѓа Советот на градот Сараево. Moстовите на реката Миљацка сведочат за различните периоди од историјата на Сараево и секој има своја приказна. Би го издвоила Латинскиот мост или Латинска чуприја кој до 1993 година е познат како Принципов мост. Шетајќи долж мостовите ќе стигнете до Парламентот и преубавиот Национален Музеј каде се наоѓа и убавата ботаничка градина. За љубителите на природата во срцето на градот се наоѓа жичарата со која за неполни 8 минути доаѓате на планината Требевич. Кога ќе почнете да навлегувате во шумата, не можете а да не ја забележите боб стазата за санкање направена за време на Зимските Олимписките Игри кои се одржаа во Сараево во 1984 година. Доколку сакате да го видите Сараево, неизбежно е качувањето до Жолтата и Бела Табија, таму е најубаво зајдисонцето. Најубаво е кога ќе заталкате по тесните сокаци низ познатите сараевски „махале“ или маала, е тука може да ја почуствувате сета топлина и убавина, прекрасни стари куќи и објекти со претежно австроунгарска архитектура. Многу места ќе останат овде неспоменати, а јас ќе додадам дека Сараево не се разгледува, туку се чувствува затоа што кој еднаш дошол, тој повторно се враќа.

Што да се дегустира, освен легендарните ќебапчиња, кои традционални јадења треба да се побаат и каде најчесто ти седнуваш?

– Секој мора да ги проба познатите ќебапчиња со кајмак. Задолжително треба да се проба сараевскиот бурек, сирница , зељаница, компируша, баклавата, хурмашица, туфакија….. Кога станува збор за храна и вино, јас сум голем хедонист. Ги обожувам саботните утра, околку 9 часот наутро кога задолжително го пијам моето прво „рахат кафе“, на раат, бидејќи градот е уште тивок. Најчесто е кафулето „Наполи“ во Башчаршија бидејќи сакам добро кафе во комбинација со тивка џез музика. Зависна сум од кроасаните со путер и багетите од француската пекара ‘„Maison Coco“, но и кроасанот со домашно чоколадо од „Мрвица“. Во Сараево има многу ресторани со интернационална кујна. Уживам во сите специјалитети во „Барса“, „Авлија“, „Фит Бар“, „Бархана“, „4 сезони’’, тоа е мојата топ листа.

Како и нашата земја, така и Босна има одличен избор на вина, а храната и виното се нераскинлив спој. Соковите од бозел и роза се пијат во „Рахатлук“, а најдобриот сладолед се јаде во „Маршал џелато“ и секако крем кадаифот од „Пејпер мун“. Има едно посебно место во градот, под сараевската жичарница, каде може да се погледне добра изложба, да се слушне одлична музика со одличен пијалок, а тоа е „Евергрин 1969 Концепт Бар“.И секако сараевското пиво кое може да го испиете во познатата Сараевска пивница. Но секогаш додека полека талкате низ сокаците и тесните улички ќе најдете некое симпатично местенце каде ќе бидете срдечно пречекани. Мали кафулиња или ресторачиња каде мислиш небаре запрело времето, она што нашите генерации го паметат од поранешна Југославија и ќе ви дојде некоја носталгија, барем мене ме потсетува на едно убаво детство.

Каков е ноќниот живот во Сараево, има ли добра забава за млади, но и за повозрасни? 

– Сосема различен од нашиот во Скопје, но градот навечер е доста раздвижен. Може да се слушне музика од бившите југословенски простори, но и „хипстерска“ со диџеи од БиХ или од странство. Пред неколку дена познатиот диџеј Соломун собра илјадници луѓе на познатата Титова улица по повод затворањето на Сараевскиот филмски фестивал. Има џез клубови, всушност има места за сечиј вкус.

Сараево во август е домаќин на познатиот Сараевски филмски фестивал, што се случува на полето на културата? Одат ли сараевчани во театар?

– Секоја година помеѓу 12 и 19 август Сараево е домаќин на Сараевскиот филмски фестивал. Тоа е една од најголемите збиднувања кога овој град живее „триста на саат“. Многу гости, познати светски личности, проекции, забави. После 17 часот некои од улиците се затвораат и се претвораат во пешачки зони, место за забава и дружба. Насекаде се чувствува таа еуфоричност. Картите се секогаш однапред распородадени. Што се однесува до театартот можам да кажам дека е многу посетуван. Редовно одам во театар, на изложби, концерти. Имаат богат културен живот. Особено сум горда како Македонка дека нашите „Авалон“ влегоа во Сараево и веќе од октомври, ако не се лажам, го носат Стинг и уште многу познати, ете тоа на пример му фалеше на овој град, концерти од светски музичари.

Почетокот на април 1992 година Сараево ги памети случувањата кои го означија почетокот на војната, оттогаш се поминати 30 години, дали денес се спомнува зборот војна, се чувствува ли некаква меѓуетничка напнатост, дали луѓето зборуваат и се сеќаваат на војната во секојдневниот живот?

– Во кругот во кој јас се движам до сега немам забележано некоја меѓуетничка напнатост. Впрочем, познавам многу луѓе со мешани бракови кои се прифатени од околината без никакви предрасуди, барем оние кои ги познавам. Сараево е многу безбеден град за живеење. Зборот војна не се спомнува, но пријателите и колегите на работа ми имаат раскажано многу тажни и потресни приказни. И покрај војната и маките кои ги има видено овој народ, сите ќе ве пречекаат со најтопла насмевка и најљубезни зборови, а неизбежен е и оној познат босански хумор. Луѓето се среќни, без разлика на проблемите кои ги имаат. Не сум видела порадосни луѓе и покрај војната која им се случи.

Како сараевчани се справуваа до сега со актуалните светски случувања, на пример, со коронакризата, а како денес гледаат на воениот конфликт меѓу Украина и Русија?

– Мислам дека на ист начин како и сите земји на Балканот. Колку што можам да забележам скоро сите балкански земји се справуваат на ист начин.

За жал, Сараево иако географски блиску до нас, поради лошата поврзаност на двата града – Скопје и Сараево, сме лишени од негово почесто посетување. Како може да се стигне до Сараево на најпрактичен начин?

– Ова е всушност мојата болна точка и најголемиот проблем во овие три години откако сум во Сараево. Идеално би било да има директен лет Скопје-Сараево кој би траел не повеќе од 40 минути. Според мене, не постои практичен и побрз начин. Јас, вообичаено си доаѓам во Скопје со авион и тоа секогаш преку Загреб, Виена или Истанбул и најчесто губам многу време во чекање по аеродромите. Со автомобил патувањето изнесува околу 10 часа, а со автобус околу 16 часа. За некои патот е добар, а за некои е многу лош. Ова е всушност проблем на сите Македонци кои живееме во Босна и Херцеговина. Секој бара начин побрзо да стигне дома, а за сега тоа е невозможно.

Еднаш кога ќе го напуштиш градот, каков сувенир од него би понела?

– Кога еден ден би го напуштила овој град не би понела некаков предмет како сувенир. Најголемиот подарок што Сараево ми го даде е комплетната промена како личност, ќе ја понесам позитивната енергија и ведрина и најдобрата лекција што ми ја даде, а тоа е љубовта кон себе и како што спомена во едно од прашањата погоре joie de vivre. Многу сакам фотографија и сакам да фотографирам, аматерски, правам „catch the moment“ фотографии. Можеби еден ден, за некои од нив ќе напишам кратки сараевски приказни кои ќе ги објавам, во план ми е. Тоа би било идеалниот сувенир. И секако и јас како Пруст, ќе ја имам својата шоља чај и мадлена и ќе го носам секогаш со себе мирисот на сараевскиот сомун, мирисот на свежо испрженото кафе, вкусот на сокот од бозел. И секако, насмевката и добрината на моите пријатели.

 

 

Слични објави

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ и Немања Гудељ во шок! До телефонот ставиja детектор за зрачење и предупредија на голема опасност

Еспресо

(Фото+видео) Луксуз на дело: Цеца Ражнатовиќ дојде со торба од 30.000 евра на прославата на Жељко Јоксимовиќ

Еспресо

Том Круз ја доби највисоката награда на американската морнарица за улогите во воени филмови

Еспресо

Скандал во шоуто на Амиџиќ: Дарко Лазиќ почна да ја фали бившата, Катарина побледе од срам!

Еспресо

(Фото) Емина Јаховиќ ги покажа стомачните: Згодната пејачка е во најдобрата форма досега!

Еспресо

Хороскоп за 18 декември: Раковите ќе уживаат со семејството, Водолиите ги очекува успех

apostolova
Се вчитува....