Македонската водителка Цеце Николова привлече внимание со својот моден избор за свадбена прослава на која присуствуваше како гостинка. Таа се одлучи за елегантна црна креација со детали од чипка, која ја истакна нејзината фигура.
Николова сподели неколку фотографии од свеченоста на својот инстаграм-профил, а нејзиниот изглед наиде на бројни позитивни коментари.
Меѓу оние што ѝ упатија комплимент беше и македонската пејачка Лоба, која напиша: „Вистински феникс“.
View this post on Instagram
Нејзиниот коментар привлече внимание и поради симболиката на зборот „феникс“, кој е наслов на новата песна на пејачката, но и поради личната приказна на Николова.
Водителката со години отворено зборува за своето искуство со алопецијата, состојба што предизвикува губење на косата. Преку своите јавни настапи таа ја истакнува важноста на самоприфаќањето и самодовербата, особено кај луѓето што се соочуваат со промени во физичкиот изглед.
Во неодамнешно видео, во кое симболично разговараше со својата помлада верзија, Николова се присети на моментот кога одлучила повеќе да не носи перика и јавно да се појавува без неа.
„Едно сабајле станав и решив дека не можам повеќе да се кријам. Се изморив…“, раскажа таа.
Зборувајќи за животот што го изградила и за својата работа како водителка, Николова призна дека денес се чувствува исполнето и задоволно.
„Никогаш не сум била посреќна“, истакна таа.
Во истото видео се осврна и на погледите што понекогаш ги привлекува во јавноста, објаснувајќи дека со текот на времето научила поинаку да ги доживува.
„Луѓето се љубопитни, ама ќе се навикнеш на погледите. Не се со сожалување, туку со восхит“, порача Николова.
Со својата отвореност, водителката продолжува да испраќа порака за прифаќање на сопствениот изглед, додека нејзините последни фотографии покажуваат дека ужива во модата и во изразувањето на својот личен стил.
