33.8 C
Скопје
14:29 - 17 август, 2026

32 години од првите „Охридски трубадури“: Како почна фестивалот што ја слави македонската песна

На 17 август 1994 година, во Охрид започна една фестивалска приказна која со текот на годините ќе стане едно од препознатливите места на македонската музичка сцена. Првото издание на „Охридски трубадури“ било замислено како фестивал на новосоздадени македонски староградски трубадурски песни, а зад идејата стоел композиторот Григор Копров.

Она што денес го знаеме како „Охрид фест – Охридски трубадури“ во почетокот било многу поскромно замислено. Првото издание имало само една вечер – Фолк-вечер. Подоцна фестивалот се проширил со Поп-вечер, а потоа и со Интернационална вечер, прераснувајќи во манифестација на која настапувале музичари од Македонија и од целиот регион.

Една августовска вечер покрај Охридското Езеро

Новинарот Љубчо Алексовски, кој во тоа време го следел фестивалот за Македонското радио, се присетува дека првото издание се одржало во дворот на хотелот „Палас“, во августовска вечер во која сцената и Охридското Езеро создале посебна атмосфера.

„Тогаш се случи интересна работа, од денешна гледна точка“, се присетува Алексовски во својот текст за фестивалот.

И навистина – првото издание ќе остане запаметено и по една љубовна приказна која подоцна ќе продолжи далеку од фестивалската сцена.

Ленче Дедејска и Горан Кукиќ – првите победници

На првата Фолк-вечер, Ленче Дедејска ја освои првата награда од публиката со песната „Течете солзи“, додека Горан Кукиќ ја освои првата награда од жирито со песната „Дали има пиле шарено“, создадена во соработка со композиторот Димитар Масевски, вели основачот на фестивалот Григор Копров.

Но, зад овие две награди се крие и интересна лична приказна. Ленче Дедејска и Горан Кукиќ подоцна станале брачен пар.

„Јас бев прва од публиката додека мојот иден сопруг Горан беше прв од жири-комисијата“, се присетувала Ленче Кукиќ години подоцна.

Нивната љубов подоцна била овековечена и со песната „Те сонив ли душо моја“, дует на Ленче и Горан, со музика на Димитар Масевски.

Од една фолк-вечер до голем фестивал

Успехот на првото издание бил само почеток. Веќе во 1995 година фестивалот бил проширен со Поп-вечер, а подоцна била воведена и Интернационалната вечер. Така „Охридски трубадури“ постепено прераснале во „Охрид фест – Охридски трубадури“, фестивал кој со годините станал место за промоција на нови пејачи, композитори и автори.

Низ годините на фестивалот се појавиле и бројни познати имиња од регионалната сцена – Бајага, Горан Каран, „Нови фосили“, Беби Дол, Саша Матиќ, Емилија Кокиќ и многу други.

Но фестивалот не бил само место каде што доаѓале веќе познати музичари. За голем број млади изведувачи тој бил и можност да бидат забележани.

А потоа дојде Тоше

Една од најзначајните страници во историјата на „Охридски трубадури“ несомнено е поврзана со Тоше Проески.

Во 1998 година, тогаш 17-годишниот Тоше настапил на фестивалот со песната „Усни на усни“, на авторите Григор Копров и Огнен Неделковски. Песната му ја донела втората награда од жирито, но уште поважно – станала неговиот прв голем радиохит. Тоа е потврдено и во официјалната биографија на Тоше Проески.

„Усни на усни“ ќе биде една од песните што ќе го одбележат неговиот ран период, а само неколку месеци подоцна Тоше ќе го освои Гран при на „Еврофест“ со „Сонце во твоите руси коси“, повторно песна на Копров и Неделковски.

Самите организатори на „Охрид фест“ години подоцна ќе истакнат дека токму на таа сцена во 1998 година Тоше го започнал својот блескав музички пат.

 

Хитови што останаа

Во повеќе од три децении фестивалска историја, од сцената на „Охрид фест“ произлегле бројни песни што продолжиле да живеат и по фестивалските вечери.

Меѓу нив се „Усни на усни“ на Тоше Проески, „Јас и мојот бенд“ на Биба Додева, „Јана“ на Гиш, „За љубов се пее до крај“ на Ристо Самарџиев и Влатко Илиевски, „Цреши охридски“ на Александар Митевски и Драган Спасов – Дац, „Штом ноќта помине“ на Гоце Арнаудов и многу други.

Интернационалниот летен музички фестивал Охрид Фест, оваа година ќе се одржи на 26 и 27 август.

 

Слични објави

(Фото) Миа Костова во шок! Една година комуницирала со лажен профил, се јавија и мајки на болни деца

Еспресо

Љубовта на Арсен Дедиќ и Габи Новак: „Кога имате некого како Габи, не можете да бидете несреќни“

Т.Ц.

(Фото) Тенисерката Лина Ѓорческа овој пат куферот го спакува за на плажа

Еспресо

(Фото) Годините ништо не ѝ можат – Неда Украден го прослави 76. роденден, изгледа неверојатно во бикини покрај море

Еспресо

(Фото) Стефан Лазаров и Марта ги одбројуваат деновите до најубавата животна улога — вљубени и насмеани уживаат во Охрид

Еспресо

Дневен хороскоп за 17 август: Бидете внимателни пред да се одлучите на голем чекор

apostolova
Се вчитува....