-2.2 C
Скопје
07:05 - 23 декември, 2024

РАЗГОВОР СО МЕРИ АРСОВА, МАКЕДОНСКАТА АГАТА КРИСТИ: Најдобрите идеи ги добивам под туш или пред спиење

Младата авторка Мери Арсова ја објави својата прва книга, и тоа – од жанрот трилер. Романот со многу интересна корица, и уште поитригантен наслов, „Опасна игра“, во издание на  Арс Либрис“ (дел од „Арс Ламина – публикации“) беше претставен на Саемот на книгата 2021, на т.н. „Ноќ на домашни трилери“.

Додека пишувам ми треба мир и тишина. Целосно го исклучувам мобилниот телефон и си правам појако кафе. Понекогаш пуштам тивка музика, но само кога пишувам романтични сцени. Фото – приватна архива

Во својот дебитантски роман ни носиш непредвидлива крими-трилер приказна. Зошто се одлучи токму за жанрот трилер?

– Една од главните карактеристики на трилерот е решавање на проблем или остварување на мисија од страна на протагонистот, а за мене, токму таквите „загатки“ за кои треба да се најде решение, претставуваат предизвик. Сакав да создадам еден вид на проблем, односно мисија на кои ќе им треба решавање, односно остварување, па овој жанр сметам дека е најадекватен за тоа. Секако, големо влијание врз изборот на жанр имаше и долгогодишното читање на крими-трилери, па тоа што го имам научено преку читање ми се виде како добра основа.

Кога и како се роди идејата за романот и како се одвиваше креативниот процес?

– Идејата за романот „Опасна игра“ се појави за време на студентските денови, но со пишување се зафатив малку подоцна. Бев во оној период кога ни се зголемува обемот на обврски, кога стануваме посериозни личности и се прашуваме што ќе правиме понатаму во животот, па веројатно од тие причини добив некој нагон, потреба да создадам женски лик кој ќе може да одговори на сите предизвици кои ги носи животот, која ќе биде храбра и со уникатен сет на вештини со кои не може да се пофалиме ние „обичните“ жени. Процесот на реализација на романот беше бавен, но возбудлив, бидејќи постојано учев и правев промени, ги усовршував карактерите, а за крајот на приказната напишав неколку алтернативи и беше многу тешко да изберам една од нив.

фото приватна архива

Идејата зад романот е да создадеш силен женски лик што ќе ја води приказната низ сите развојни фази. Кои карактеристики според тебе треба да ги има женскиот лик за да биде силен?

– Секоја жена е силна на ваков или онаков начин, само што понекогаш забораваме на тоа, па Ева би била добар потсетник. Поради нејзината цел ја надополнив со неколку специфични способности кои ќе ја направат физички поиздржлива, но во суштина таа е како сите нас. Животот е тој кој ја менува. Таа едноставно мора да научи да игра според неговите правила. Според мене, силната жена е самоуверена, не се плаши да застане зад тоа во што верува и е горда на тоа што го постигнала во текот на животот.

Со оглед на тоа дека омилени жанрови ти се мистериите и трилерите, кои авторки ти се најинспиративни?

– Кога зборуваме за мистерии и трилери, не може, а да не се спомне Агата Кристи. Првиот крими-трилер кој го прочитав беше токму нејзината „Пајакова мрежа“, а воодушевена сум од романот „Десет мали црнци“. Многу научив од мастер класовите на Маргарет Атвуд, која има чуден стил на пишување, но исто така е фасцинантна. Од поновите авторки, ми се допаѓа работата на Лиса Гарднер.

Познато е дека Агата Кристи заплетите во главата за своите романи ги правела миејќи садови. Имаш ли ти свој ритуал?

– И завидувам на Агата, затоа што не само што не сакам да мијам садови, туку и постојано сум лута и напната додека го правам тоа (се смее,н.з). Додека пишувам ми треба мир и тишина. Целосно го исклучувам мобилниот телефон и си правам појако кафе. Понекогаш пуштам тивка музика, музиката не ми пречи, но сум забележала дека тоа го правам само кога пишувам романтични сцени. Во однос на заплетите, најдобрите идеи ги добивам под туш или пред спиење, а знам да се разбудам и во текот на ноќта и веднаш да ја запишам идејата во тефтер.

Што е следното? Подготвуваш ли веќе нешто и дали остануваш на полето на криминалистиката и трилерот?  

– Останувам на трилерот сега за сега. Почнав да работам на нова идеја и можам само да откријам дека е повторно трилер. Но, сакам да експериментирам, не сакам да се задржувам на еден жанр, па во иднина може да напишам нешто сосема поразлично. Во главата постојано ми се вртат нови идеи и чудно е како, откако ќе комплетираш едно дело и ќе го издадеш, мозокот ти функционира само во тој правец. Се надевам дека „Опасна игра” ќе биде прифатена од страна на читателите, па за понатаму ќе видиме.

 

Слични објави

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо
Се вчитува....