Денес разговараме со Рада Марковска од Велес, голема љубителка на цвеќиња, а на која особена слабост ѝ се љубичиците, кои ги негува веќе цели 30 години.
– Прво, да почнам со убавиците – љубичиците, тие ми се најомилени, ги гледам веќе 30 години во мојот дом, зиме и лете тие се тука. Сакаат светлина и не многу вода – ни вели Рада.
А дали ја знаете легендата за љубичиците? Една од легендите која ја нагласува убавината на ова виолетово цвеќе вели дека благодарение на него, грдиот Хефест ја освоил наклонетоста на Афродита. И Зевс ја искористил нејзината привлечност. За да ја утеши својата љубовница Ио, која поради љубомората на Хера морал да ја претвори во јуница, ѝ ја покрил нејзината ливада со љубичици. Според друга легенда пак, приказната за потеклото на цветот со прекрасен мирис е всушност приказна за невозвратена љубов – се развиле од крвта на Атис, кој бил убиен од божицата Кибела.
Дека е најубав цвет покажува и тоа што жените го користеле за утринско миење. Додека Римјаните уживаа во неговото вино, кај Грците тоа беше симбол на плодноста.
На нашата соговорничка Рада, овие цвеќиња ѝ го разубавуваат денот. Кај неа тие се во најразлични нијанси – од оригиналната виолетова, преку сите тонови на сината и виолетова нијанса. Самите листови на љубичиците носат доза на нежност. Тие обично се во облик на срце, со кратко стебло, така што цветовите формираат вистински мал букет. Оттука тие се вистински украси на секој агол од домот, а внесуваат свежина во просторот со нивните весели бои каде и да ги поставите.
Втора слабост меѓу цвеќињата на Рада се клиновите.
– Ги гледам 40 години. Не мрзнат, во дворот се и зиме и лето…Лето си бараат вода – објаснува Рада.
Во дворот се и сарделите и трендафилите – вистински убавици. А, Рада ги негува со многу нежност и љубов.
Од цветната слика ви носиме фотогалерија, за да ја споделиме оваа убавина и со вас.
Инаку, Рада е член на Фејсбук групата …ДВОРЧЕТО…, група која ви ја препорачуваме да си станете член и да се изнагледате преубави објави!
УЖИВАЈТЕ ВО ФОТОГАЛЕРИЈАТА:
ФОТО- ПРИВАТНА АРХИВА