7.8 C
Скопје
06:18 - 27 април, 2024

(ФОТО) РАЗГОВОР СО ОЛГИЦА ЃОРГИЕВА: По успехот, сама на себе си реков благодарам!

Креативноста нема граници, може да има само предизвици, вели модната дизајнерка Олгица Ѓоргиева за „еспресо“. 

фото – приватна архива

Во последно време си на релација Словенија, Австрија, Македонија, сè почести се твоите соработки со европските земји, задоволна ли си од досегашното постигнато во модната индустрија?

– Уживам и ми е интересен целиот процес како се развивам јас како уметник. Благодарна сум за сите искуства кои се најдоа, ќе се најдат или се на мојот животен и уметнички пат. Мојата официјална професија е моден дизајнер и тоа ќе си остане како паралелен пат со мојот живот. Тоа е работата во која што уживам и би сакала да ја негувам и зачувам засекогаш. Но уметноста нема граници и сè што денес се случува на мојот професионален-уметнички пат јас на тоа гледам како надоградување на мене како професионалец. Дефинитивно ме прави побогата за различни животни, професионални и уметнички искуства. Во колку повеќе искуства се втурнете толку повеќе ќе се осознаете себеси и својата вредност.

Како се втурна во театарот, односно во костимографија?

– Пред 3 години ми беше понудено да работам костимографија за балетска претстава „Електра“, во Грција. Тоа беше моето прво театарско искуство, во кое се покажав во одлично светло. Претставата помина одлично, а јас ги добив сите пофални зборови за костимите. Благодарение на добро завршената работа следуваше понудата за костимографија за балетската претстава „Амадеус“ во Австрија. Тоа беше претстава која „шеташе“ низ повеќе земји (Австрија, Германија, Унгарија, Италија, Хрватска, Србија). После оваа претстава следуваше покана за работа на балетска претстава „Ајде на валцер” со Словенската опера и балет.

Дали коронакризата ти откажа проекти кои си ги планирала?

– И покрај тоа што сите сме на некој начин погодени од новонастанатата состојба со короната, особено модниот бизнис, јас никогаш не сум била песимист по природа, па така ја прифатив и оваа животна ситуација. Во целото ова време додека трае короната јас голем дел од времето го поминав надвор од нашата држава. Бев 3 месеци во Австрија и цела година на релација Скопје-Љубљана (патував за потребите на претставата во Словенија). Горда сум на овој проект.

Како помина премиерата на претставата во Словенската опера и балет?

– Премиерата помина прекрасно. Претставата доживеа вистински успех, тоа го потврди и генералниот директор на Словенската Опера и балет, но и публиката која имаше можност да ја погледне претставата. Стоевме многу долго на сцена со громогласни и долги овации. Среќна и благодарана сум што овој проект влезе во мојата деловна биографија. Сега се на ред следни предизвици. Најбитно од сè е да се ужива во сè што се прави.

Ајде малку повеќе детали да ни откриеш конкретно за претставата во Словенија?

– Проектот траеше една година, целиот процес на организација , подготовка и реализација. Работев со државна, интернационална театарска куќа и искуството е непроценливо. Секако дека тоа стави печат на мене како дизајнер, а во случајот како костимограф. Фактот дека јас како дизајнер, кој го поминал секој процес на создавање и креаирање, беше олеснителна околност затоа што процесот во Словенското ателје одеше многу лесно. Уживањето беше обострано. Тоа ми беше пренесено од самите вработени во Операта и балетот. Понекогаш ни се чини дека некои процеси од нашата работа ни се потребни или пак не сакаме да ги правиме, но на крај, цело е кога има сè! Тоа си го потврдив и сама на себе си реков-  Благодарам!

Благодарам зошто бев упорна, итрајна, трпелива, посветена, верував во своите соништа и кога било најтешко, едноставно останав доследна на сама себе.

И сето ова го пишувам со цел да мотивирам нови, помладни уметници кои сега започнуваат да ги одат своите соништа…Сите имаме свои патишта, но сè е возможно ако се вложи време, емоција и енергија.

Колку костими беа реализирани за претставата?

– Тимот со кој работев на претставата беше интернационален. Станува збор за околу 50-тина костими. И покрај тоа што претставата беше валцер, барањата на режисерот беа да биде тоа микс од елеганција и модерно. Идејата за костимите произлезе од ентериерот на Словенската опера и балет во Љубљана. Ентериерот беше цел во златно со златни детали и одредена приказна. Јас искористив орнаменти од ентериерот и ги претворив во стилизирани детали кои ги вградив во костимите. Исто така и логото на нивната куќа го ставив во главниот костум. На крај заедно со сценографијата која исто беше главно во златна боја, доби една компактност која даваше прекрасен визуелен ефект. Јас и како дизајнер сум позната дека вметнувам доста детали во своите креации, па така, и тука ставив дел од мојот личен печат. Ова интересно професионално искуство го затворив со една прекрасна емоција и енергија и сум подготвена за наредните предизвици кои доаѓаат. Цело мое досегашно искуство го собрав на едно место и во наредниот период  верувам дека ќе работам и функционирам со малку поинаков концепт. Сега малку ќе се посветам на дизајнерската работа и секако повторно сум отворена за нови искуства од доменот на костимографијата.

Што се случуваше во изминатата година на деловен план освен овој проект?

– Во изминатата година, освен проектот во Љубљана, пуштив линија на маички и исто така реализирав еден мој многу драг проект, а тоа е линија на ташни за која наскоро следува проширување. Ташните се нешто што од секогаш сакав да ги направам, но некако не успевав да ја затворам целата приказна. Откога си ги најдов идеалните луѓе за тоа, успеав и да го реализирам. Многу им се радувам, направени се со љубов. Идејата е е од една моја јапонска марама која ја имам добиено на подарок и е стара 50 години. Толку многу ја сакав што некако сакав да и го продолжам векот. Во еден многу обичен момент ми дојде идејата да испринтам материјал од самата марама и да изработам ташни. И мислам дека не згрешив. Станува збор за парче кое е  уникатно, елегантно, модерно, романтично, но во исто време шик. Лесно прилагодливо, но и воедно дава уникатен изглед на самиот стајлинг. Со сигурност ќе ја продолжам и ќе ја проширам таа приказна. Во моментов пак, спремам мини колекција која е прилагодена за моменталните потреби и уште една нова приказна со интересен концепт која би требало да биде готова за од прилика еден месец.

Photo: Darja Štraus Tisu / SNG Opera in balet Ljubljana

Слични објави

Сеќавање на Велибор Џаровски-Џаро: „Животот е едно големо зезање“

еспресо

Почина познатиот менаџер Велибор Џаровски-Џаро

еспресо

(Фото) Еве како изгледа Мина Наумовиќ еден месец по породувањето: Прво јавно појавување на водителката и Огњен Амиџиќ

Еспресо

Ин мемориам: Почина Антон Андов, уредник на постпродукција на „Слободен печат“

еспресо

(Видео) Во секси аутфити: Тамара Тодевска и Јанг Дади ја објавија песната „Его“

Еспресо

(Видео) Брејк отиде во народњаци, отвора радио „Естрада“: Ќе се занимава со народна музика

еспресо
Се вчитува....