12.8 C
Скопје
16:42 - 23 април, 2024

Зошто во Македонија бројот на починати од ковид-19 урива рекорди? Високиот морталитет ќе се „лекува“ со ново упатство за лекување

Бројот на починати пациенти од ковид-19 урива рекорди, а завчера ја имавме и најголемата бројка на смртни случаи во еден ден, 15. Лекарите велат дека ова од една страна е последица на големиот број заболени, како и на фактот што пациентите не бараат лекарска помош навремено. Лекарските тимови од сите ковид-центри во земјава изготвуваат упатство за лекување на овие пациенти, во кое ќе се дадат попрецизни насоки за постапување и за примената на дијагностички процедури и третманите за лекување.

Завчера починаа 15 лица, што е најмногу во еден ден од почеток на епидемијата. Најголем број од пациентите односно деветмина, починале во болницата „8 Септември“, од кои двајца на возраст од 54 години, а останатите на возраст од 60, 61, 75, 45, 74, 57 и 65 години. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починале три лица, на возраст 64, 73 и 80 години. Две лица од Скопје и Гостивар се починати дома на возраст од 65 и 82 години. Во болница во Струга е почината пациентка на 67 години.

Со овие 12, бројката на вкупно починати се искачи на 321. Стапката на смртност, според податоците на Институтот за јавно здравје, изнесува 4,8, а во еден период беше и под 4. Статистичките податоци покажуваат дека на 1 јуни имало 140 починати пациенти од ковид-19, додека до завчера таа бројка беше 321, значи за еден месец нови 181 смртни случаи. Првите смртни случаи се регистрирани на 23 март, на 30 април бројот на починати изнесува 77, а мај го завршуваме со 133 случаи по што бројката почува забрзано да расте.

Директорката на КАРИЛ, доктор Маја Мојсова Мијовска, вели дека бројките на починати растат бидејќи расте и бројот за заболени, а сè уште е присутен и проблемот со задоцнетото барање лекарска помош.

– Пациентите треба да се водат од тоа дека, ако за два-три дена им се влошува здравствената состојба и добиваат и нови симптоми, не треба да се лекуваат дома туку да побараат лекарска помош. Тоа што ќе се обратат на лекар, не значи дека веднаш ќе бидат испратени на болничко лекување. Треба да веруваат дека лекарот ќе направи подобра проценка за тоа каков третман им е потребен отколку тие самите – објаснува доктор Мојсова Мијовска.

Со цел да се унапреди третманот на пациентите со ковид-19, лекарите се договориле да се изготви упатство за лекување, кое треба да даде попрецизни насоки околу тоа кога каков третман да се примени и кои дијагностички процедури, базирано на искуството во лекување на овие пациенти на нашите лекари, светското искуство и она што се нарекува медицина базирана на докази.

– Пациентите што доаѓаат во многу тешка состојба, ќе мора да се стават на апарат за дишење, бидејќи кај нив тоа е единствена шанса за преживување. Но кај пациентите што се со средно тешка клиничка слика, ќе се оди со други конзервативни методи на лекување, бидејќи искуството покажува дека така исходот од лекувањето е подобар – вели доктор Мојсова Мијовска.

Директорот на болницата „8 Септември“, која исто така е ковид-центар, Христијан Костов, вели дека голем проблем во лекувањето е тоа што пациентите доаѓаат доцна на лекар.

– Кога ќе дојде пациент со многу ниско ниво на кислород во крвта, а кај нас има многу такви случаи, тогаш мора да се стави на апарат за дишење. Ние имаме навистина многу пациенти, добро би било пациентите со тешки пневмонии да не доаѓаат кај нас, барем од тоа да бидеме растоварени, бидејќи тука се болни со мозочни удари, скршеници, пациенти на кои им се потребни хируршки интервенции – вели Костов.

На  болницата  „8 Септември“, според директорот Костов, потребни ѝ се анастезиолози, како и медицински кадар што ќе го замени постојниот, бидејќи веќе четири месеци работат без одмор.

The post Зошто во Македонија бројот на починати од ковид-19 урива рекорди? Високиот морталитет ќе се „лекува“ со ново упатство за лекување appeared first on Слободен печат.


Зошто во Македонија бројот на починати од ковид-19 урива рекорди? Високиот морталитет ќе се „лекува“ со ново упатство за лекување was first posted on јули 3, 2020 at 1:56 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....