Канадската компанија „Еуромакс Рисорсис“ која е концесионер на неотворениот рудник за бакар и злато во струмичко, Иловица-Штука, деновиве во соопштение до јавноста објави промена на челото на компанијата. Имено, од крајот на август Варшан Гокул повеќе не е главен извршен директор и претседател на бордот на компанијата. На негово место е назначен Тим Морган-Вин, досегашниот не-извршен претседател, кој воедно е одговорен за „проектот во Северна Македонија“, информираат од Еуромакс и воедно најавија „уште позасилено фокусирање за реализација на изградбата на рудникот во Иловица во општина Босилово.
Изградбата на овој рудник е запрена откако Владата минатиот декември донесе одлука еднострано да го раскине договорот со концесионерот Еуромакс Рисорсис од 2014 година и Анексот на Договорот од 2015 година, со образложение дека концесионерот немал поднесено барање со целокупна неопходна документација за издавање на дозвола за експлоатација на минерални суровини во рок од четири години по склучување на договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини. Потоа истата одлука ја потврди и Второстепената владина Комисија за управни работи. Во меѓувреме, локалните еколошки здруженија организираа отпор, односно протести против изградбата на рудникот, со образложение дека тој ќе го загади овој земјоделски крај.
„Позитивно и со голем ентузијазам очекувме конструктивна соработка со новата Влада на Република Северна Македонија заедно да ги надминеме постојните потешкотии во врска со рударскиот комплекс „Иловица-Штука“, се вели во соопштението од компанијата, која претходно ја тужеше Владата за раскинување на концесискиот договор, а разврската на случајот сега е во рацете на Вишиот Управен суд, кој треба да пресуди дали ќе го врати предметот за Иловица во рацете на Второстепената комисија или пак самиот Суд мериторно ќе одлучува за натамошната судбина на проектот Иловица.
Одлуката на Управниот суд во полза на бившиот концесионер канадската компанија Еуромакс Рисорсис со која се поништува одлуката на Второстепената владина комисија беше донесена на 31 март, но Судот ја објави пресудата дури кон средина на мај, со образложение дека тоа го прави бидејќи постои зголемен интерес на јавноста за овој случај и дури откако самиот концесионер се пофали дека пресудата е во негова полза.
За време на кампањата за неодамнешните предвремени парламентарни избори лидерот на СДСМ Зоран Заев и новоизбран премиер на Владата го потсети локалното население во струмичко дека Социјалдемократскиот сојуз го одржал зборот дека рудник кој ја загрозува животната средина и природата во тој крај нема да има и ги повика жителите на струмичките села да бидат спокојни. Разрешувањето на досегашниот директор во рударските кругови се поврзува со неуспехот проектот Иловица да се наметне како позитивен економски проект кај старо-новата владејачка гарнитура.
The post Во очекување на судската разврска за рудникот Иловица: Промени на челото на Еуромакс, заминува извршниот директор Гокул appeared first on Слободен печат.
Во очекување на судската разврска за рудникот Иловица: Промени на челото на Еуромакс, заминува извршниот директор Гокул was first posted on септември 2, 2020 at 2:36 pm.