Дел од хотелите низ Скопје и државата веќе еден месец се претворени во државни карантини каде се сместуваат повратниците од странство. Процедурата е следна, нашинците од странство доаѓаат на граничните премини во Македонија, со организиран превоз се пренесуваат на соодветната локација и таму остануваат 14 дена. Потоа, без да бидат тестирани за присуство на коронавирус, тие се испраќаат дома, каде што е предвидено да поминат уште седум дена во домашна изолација.
Зошто не се прават тестирања по напуштање на карантинот, прашавме во Министерството за здравство од каде што добивме одговор дека ако во карантинот немале симптоми, нема потреба да се тестираат.
– Сите оние на кои им изминува периодот во државен карантин, а кои се без симптоми според протоколите на Комисијата за заразни болести нема потреба да се тестираат, со оглед на тоа што се физички раздвоени и се сите во посебни простории. Оние кои ќе појават симптоми во тек на престојот задолжително одат на следни протоколи – тестирање со што се утврдува присуство на вирусот, стои во одговорот на Министерството за здравство.
Сепак, наши извори тврдат дека во државните карантини се нудат тестирања од приватните лаборатории. Овие тестирања не се задолжителни, и доколку се одлучат да ги направат, граѓаните ќе треба сами да си ги платат. Едни одлучуваат да се тестираат, други не.
Кај некои од тестираните, тестовите се позитивни, иако немаат симптоми, и на нив престојот во карантинот им е продолжен, додека другите го напуштаат карантинот без да направат тест за присуство на Ковид 19.Токму тука се јавува проблемот. Нетестираните си одат дома, а по седум дена се шетаат по паркови, аптеки, маркети… и претставуваат опасност од ширење зараза.
Марлон Симоновски кој вчеравечер го напушти државниот карантин во хотелот Ибис, за Слободен печат вели дека откако тестот за коронавирус покажал дека е позитивен, иако немал никакви симптоми, бил задржан во хотелот и по завршувањето на 14те дена за кој потпишал изјава дека ќе биде во карантин. Но, за разлика од него, дома бил пуштен неговиот цимер, со кој бил заедно во соба, а кој не сакал да се тестира на свој трошок.
– Има голема нејаснотија околу начинот на тестирање. Не разбирам како може цимерот со кој две недели ја делев истата соба и тоалет, заедно јадевме, буквално го дишевме истиот воздух, да го пуштат дома, а мене да ме задржат само затоа што јас решив да си платам и приватно да се тестирам. Или нека не тестираат сите, или никого, ако веќе сметаат дека не треба. Ова е само половична заштита – вели Симоновски.
Слободен печат праша во Министерството за здравство, дали знаат за ваквото тестирање по желба и како го коментираат, но одговор не добивме.
The post Во државните карантини приватни клиники нудат тестирање за Ковид 19, кој не сака да се тестира си оди дома, со ризик да е заболен appeared first on Слободен печат.