2.8 C
Скопје
19:10 - 20 декември, 2024

ВМРО и Мајка Тереза – хероите на постземјотресната обнова

Да личеше она јаросно скопско лето 1963-то на ова денешново, безмалку пролетно, ковидно лето, разгневениот земјотресен змеј ќе проголташе илјадници животи повеќе и ќе ја претвореше катастрофата во уште понезамислива човечка трагедија. Меѓутоа, тоа горешто лето сонцето пржеше со таква бесна силина, што веќе доста време пред 26 јули го беше престорило Скопје во град сосем неподобен за живеење. Токму поради таа легендарно неподнослива скопска жештина, тој јули скопјани го беа веќе напуштиле градот, секој кај што ќе стасаше: многумина на Јадранско Море, други на нашите езера, а најголемиот број кај баба и дедо на село, така што кога зататни земјата и го распукна градот на парчиња, во него се затекнаа помалку од третина од неговите жители.

Навистина, овој злосреќен парадокс отскокнува и во бројките што се црнеат во личната карта на скопскиот земјотрес од 1963 година. Во градот што тогаш броеше одвај 200.000 жители, цели 160.000 останаа без дом, бидејќи беа урнати 15.766 живеалишта, а уште околу 13.700 беа сериозно оштетени. И покрај ова масивно рушење на градбите, животите ги загубија 1.070 скопјани – ненадоместлива загуба на блиски луѓе – но како за исклучително разорен земјотрес со јачина од дури 9 Меркалиеви степени, настрадаа невообичаено малку луѓе. Да бевме со затворени граници како ова лето, веќе болно залегнати во нашите дувла, со пријатни мајски температури што нѐ галат цел јуни и јули, земјотресот ќе го сотреше скопското племе.

Ах, тие предземјотресни „изгор лета“ што ги облија сеќавањата на моето детство со прејака светлина, која рефлексно ми ги подзамижува очите на секое припомнување; што ги обоија тие слики со прозрачна небесна светлосина и со нијанси на скопската прашина по која везден талкавме; што ги обрабија со сосушени зелени, пепливи резеди и избледено жолти преливи на крајпатната трева што како карнер ги красеше сите земјани тротоари на градот (а, освен центарот и неколку главни улици што се ширеа од него, безмалку сите беа земјани). Тарашкајќи по овие детски сеќавања, сфаќам дека во колективната меморија на градот – ако таа празна соба денес воопшто постои во Скопје? – е практично сосем заборавена вистинската причина за неподносливиот жежок „шарм“ на предземјотресните скопски лета. Тоа не беа спржените денови во кои погледот на градот се брануваше и се заматуваше од горештина, како чад од цигара на омарно пладне, туку беа застојаните и безветерни претопли ноќи, од кои не само возрасните туку и ние – децата – не можевме да заспиеме.

Тито го крена градот по земјотресот

Но да се вратам на нашата дефектна колективна меморија. Жешките скопски ноќи исчезнаа од сеќавањето, затоа што исчезнаа и од градот, постепено заладнуваа, за во седумдесеттите веќе да ги снема за да не се вратат до денешен ден. Што се случи, ќе прашате. Скопје ја менуваше својата микроклима со истото темпо како што растеа дрвјата и другото шумско зеленило на Водно, коешто од гола кафеноцрвена планина на која успеваа само ниски и жилави џбунови на зеленика и клека, се престори во шума густо покриена со јасени, дабови, борови, габер, костен и уште којзнае колку други видови дрвја и ниско шумско зеленило. Таа шума е резултат на систематските пошумувања на планината, кои се случуваа од крајот на педесеттите години, се интензивираа во шеесеттите и завршија со крешендо во седумдесеттите. Паметиме ли кој ги изведе тие грандиозни зафати од непроценлива корист за градот? Според материјалното паметење на градот, спомениците и имињата на улиците, тие далековидни државници ќе да беа Тодор Александров, ВМРО и Мајка Тереза. Или, можеби грешам?

За уништеното земјотресно Скопје може со сигурност да се постави и една друга хипотетичка, но брилијантно вистинита импликација. Да не беше челичната волја на Јосип Броз Тито, кој реши да го обнови градот од темели и да го претвори во крунски доказ на моќта на братството, единството и солидарноста на југословенските народи, Скопје ќе беше и ден-денес пеплосана паланка во која ќе царуваа урнатините. Тито беше тој што ја обезбеди финансиската и секоја друга помош, што за нестварно кусо време го крена градот и практично му ја изгради денешната инфра и супраструктура. Помошта што југословенската и светската солидарност ни овозможи да се кренеме од пепел е денес незамислива: вкупната штета беше проценета на 2,4 милијарди тогашни американски долари (читај денешни 19 милијарди долари), но вистинската вредност на обновата до крајот на седумдесеттите изнесуваше повеќе од 40 милијарди долари, од кои странската помош изнесуваше околу една денешна милијарда, а сиот останат финансиски товар од обновувањето на Скопје, го понесоа народите на Југославија.

Што Мајка Тереза навистина направила за Скопје?

Е, сега, гледајќи според застапеноста и масивноста на нашите паметници-благодарници, Јосип Броз Тито не само што нема заслуги за постоењето на македонската држава и за обновувањето на уништеното Скопје, туку е веројатно и непостоечка личност, непроверена гласина, а најзаслужната за обновата на нашиот град е никој друг туку Мајка Тереза лично. А, кога веќе ја спомнав, дали некој се прашал што Мајка Тереза навистина направила за Скопје? Што таа и нејзиниот ред преземаа кога ги слушнаа вестите за катастрофата што го уништи нејзиниот роден град? М?

Конечно, се сетив и на летото 1965 година, кога моите родители се нагрбија со потрошувачки кредити за уредување на нашето живеалиште, и со тие пари потегнаа со децата на едукативно семејно патување со разгледување на културните и уметничките чудесии на Италија. Патувавме со куфери полни со Гавриловиќеви конзерви, тешки ко бронза, влегувајќи во секој музеј и галерија и шетајќи ги сите архитектонски знаменитости од Венеција, преку десетина други градови, Рим и сѐ до Неапол и Помпеи. Нема да ви раскажувам што се видов и научив, туку од што се шокирав најмногу. Неверојатно беше што како што патувавме кон југот на Италија, се зголемуваше количината на урнатини од Втората светска војна во градовите во кои се воделе тешки битки. А, Неапол – тој град што бездруго треба да се види пред да се умре – беше целиот во урнатини, во кои живееја луѓе како стаорци и во кои царуваа илјадници подивени мачки! И тоа беше 20 години по војната, истото лето 1965 во кое – кога се вративме во Скопје – веќе не можевме да видиме ниту една единствена урнатина од земјотресот што уништи 85 отсто од градот, само две години пред тоа!?

Елем, заборавот со кој им се заблагодаруваме на оние што нѐ кренаа од прашина, исто како и културата на славење на измислени, лажни и криминални „национални величини“, ја чинат клиничката слика на нашата тешка морална и самоспознајна болест. Ние, кутрите, денес не сме способни ниту да ги спознаеме вистинските контури на културната катастрофа што ни се случуваше до пред три години, а камоли да ги исчистиме отровните последици од катастрофата – спомениците на вмровскиот фашизам, што уште арогантно се перчат по центарот на Скопје.

The post ВМРО и Мајка Тереза – хероите на постземјотресната обнова appeared first on Слободен печат.


ВМРО и Мајка Тереза – хероите на постземјотресната обнова was first posted on јули 25, 2020 at 3:00 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....