-1.2 C
Скопје
00:21 - 24 ноември, 2024

Тајни сведоци: Везден го прислушувале Асанж, а планирале и да го отрујат

Американска приватна компанија за обезбедување, во сопственост на пријател на претседателот Доналд Трамп, преку шпански партнер постојано го прислушувала Џулијан Асанж, а разгледувала и планови како да биде отруен или грабнат од Амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што со години беше засолнет, изјавија сведоци пред судот за екстрадиција на основачот на Викиликс.

Надгледувањето на Асанж било спроведувано од шпанската фирма за обезбедување „Андеркавер глобал“, која со тајно поставени микрофони ги прислушувала сите негови разговори со адвокатите. Од чаша што ја користел му биле земени отпечатоци од прстите, па имало дури и план да се шпионира основачот на Викиликс преку пелена на бебе што редовно го носеле во Амбасадата.

Ова се детали од писмените сведоштва на поранешни службеници во „Андеркавер глобал“, чии идентитети се заштитени, пишува весникот „Гардијан“. Адвокатот Марк Самерс ги претставил сведоштвата пред судијката Ванеса Бараитсер во лондонскиот суд „Олд Бејли“, кој треба да решава за барањето за екстрадиција на Асанж во САД, за да му се суди за објавување доверливи информации и државни тајни. Обвинувањата се однесуваат на илјадниците документи што ги објави Викиликс, а кои сведочат за вмешаност на американските сили во воени злосторства и нарушувања на човековите права.

Застапникот на владата на САД не го оспори сведоштвото, но пред судот го оцени како „целосно нерелевантно“.

Преоѓање на „темната страна“

Според пишаното сведоштво на првиот таен сведок, компанијата „Андеркавер глобал“ била основана од Давид Моралес и во почетокот имала ситни договори, се додека во октомври 2015 година не потпишала спогодба со владата на Еквадор за да ги обезбедува ќерките на претседателот и Амбасадата во Лондон. Работата тргнала на подобро откако Моралес присуствувал на струков саем во Лас Вегас, каде што потпишал договор со компанијата „Лас Вегас сендс“, во сопственост на американскиот милијардер Шелдон Аделсон, личен пријател и симпатизер на тогашниот претседателски кандидат Доналд Трамп.

Ќе играме во првата лига – наводно им рекол на вработените Моралес кога од Лас Вегас се вратил во седиштето на компанијата во Херез во Шпанија. Објаснувајќи го договорот, Моралес рекол дека „компанијата се префрлила на темната страна“ и дека од наводната индиректна соработка со американските власти очекува да добие договори насекаде низ светот.

Фокусот бил на Асанж. Била спроведена софистицирана операција за негово надгледување во Амбасадата на Еквадор во Лондон, а со победата на Трамп на претседателските избори операцијата се засилила.

– Надгледувањето на адвокатите му беше опсесија на Моралес, бидејќи нашите американски пријатели тоа го бараа – сведочи поранешниот службеник во „Андеркавер глобал“.

Микрофон и во тоалетот

Пред судот за екстрадиција завчера сведочел и информатички експерт, кој се вработил во шпанската компанија во 2015 година. Тој лично во декември 2017 година бил задолжен да инсталира во Амбасадата нови камери што, за разлика од претходните, снимаат и тон. Моралес инсистирал средбите на Асанж со адвокатите да се пренесуваат „во живо“ до „американските пријатели“. Сведокот вели дека тогаш се пожалил дека тоа е „технички невозможно“, по што веднаш добил детални технички упатства од директорот. Микрофони, сепак, биле поставени на противпожарниот апарат во собата за состаноци во Амбасадата, како и во тоалетот, кој Асанж често пати го користел за разговори со посетителите.

– Преку електричен приклучок успеав да протнам микрофон во тоалетот во задниот дел на Амбасадата. Тој не беше отстранет и можеби сѐ уште е таму – изјавил сведокот.

Американските партнери станале нервозни кога дознале дека Асанж може да добие еквадорски дипломатски пасош, со кој би можел да отпатува во трета земја од дефакто притворот во Лондон. Тогаш тие предложиле „поекстремни мерки“ за посетителите на Асанж.

– Имаше предлог да се остави подотворена влезната врата во Амбасадата, за да може да се провлечат лица за да го грабнат или за да го отрујат Асанж – тврдат сведоците.

Во таа насока имало барање да се залепат налепници на прозорците од собите во кои престојува основачот на Викиликс, за да служат како цели за ласерски насочуваните микрофони за прислушување од далечина. Асанж ова го спречил, активирајќи „бела бучава“.

Во ќелија покрај Ел Чапо и Јунабомбашот?

Џулијан Асанж помина седум години засолнет во Амбасадата на Еквадор во Лондон, откако британските власти го прифатија барањето да биде екстрадиран во Шведска за да му се суди за сексуален напад. Асанж одбиваше да се предаде, оценувајќи дека всушност ќе биде екстрадиран во САД, каде што ќе му се суди за сериозни дела и каде што му се заканува посурова казна. Шведска подоцна го повлече барањето, но во април 2019 година лондонската полиција доби дозвола од Еквадор да упадне во Амбасадата и да го приведе Асанж, а до крајот на оваа недела треба да биде донесена одлука дали ќе биде екстрадиран во САД.

Адвокатите наведуваат дека Асанж страда од низа ментални проблеми, вклучувајќи и од самоубиствена тенденција, кои веројатно би се влошиле ако биде префрлен во затворска ќелија во САД. Медиуми веќе ја пренесоа веста дека Асанж најверојатно би ја отслужувал казната во озлогласениот федерален затвор со максимална безбедност во Флоренс, Колорадо, и би бил под „специјални административни мерки“, какви што се применуваат за „највредните“ затвореници, како „Јунабомбашот“ Тед Качински, мексиканскиот наркобарон Хоакин „Ел чапо“ Гузман или исламистите Рамзи Јусеф и Закарија Мусауи, единствените двајца осудени за учество во нападите врз САД на 11 септември 2001 година.

The post Тајни сведоци: Везден го прислушувале Асанж, а планирале и да го отрујат appeared first on Слободен печат.


Тајни сведоци: Везден го прислушувале Асанж, а планирале и да го отрујат was first posted on октомври 2, 2020 at 8:13 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....