7.8 C
Скопје
16:46 - 18 декември, 2024

СТРАВ ОД КОРОНА: Трудниците земаат кредити за да се породуваат во приватни болници

Родилките од Скопје, исплашени од ситуацијата со коронавирусот, тешко се решаваат да го донесат на свет своето дете во државните родилишта, па без разлика дали имаат или немаат пари, земаат кредити за да се породат во приватните болници. Тие велат дека во државните родилишта не им се прават тестови за детекција на вирусот на сите трудници за разлика од приватните, па и затоа е поголем ризикот да се инфицираат со новиот коронавирус.

– На Гинекологија знаеме дека се примаат родилките со ковид-19 и тие што се сомнителни. Колку и да се на посебен оддел, сепак персоналот е ист. Во Чаир не се знае што се случува, што уште повеќе не плаши. Официјално немаше таму трудници со ковид-19, но после во јавноста се објави дека тоа не е баш така – вели трудницата Симона К. која се наоѓа во деветтиот месец од бременоста.

Таа објаснува дека во ваква ситуација е принудена да зема кредит за да оди да се породи во приватна болница.

– Имам кредит за станот, работам самостојно преку проектот „Македонија вработува“, поради што и 5 месеци сум дома значи и не остварувам никакви приходи, а мора да платам кирија, струја, вода и други трошоци за деловниот простор. За економските мерки не можев да конкурирам зошто сум користела државна помош од „Македонија вработува“. Сопругот не се знае дали ќе ја земе целата плата, во услови на криза чиј крај не се гледа, никој не знае. Кога се ќе се собере, навистина немам уште 2.000 евра за да се породувам во приватна болница, мора да земам кредит кој не знам како ќе го вратам – раскажува Симона.

Со слична дилема се соочуваат и другите жени кои се наоѓаат во нејзината ситуација. Тие забележуваат и на тоа што поради ковид-19 многу од испитувањата кои треба редовно да ги прават во бременоста биле принудени да ги платат приватно затоа што „Мој термин“ не работи редовно и не може да закажат.

– Едноставно не може да добиете информација, на клиниките немаше воопшто термини за нас трудните. Сето тоа создава голема недоверба и прави да се чувствуваме дека сме оставени сами на себе – објаснува друга трудница од Скопје, која иако првично планирала да се породи во болницата во Чаир, по информацијата за двете позитивни родилки отишла во приватна болница.

Од Клиниката за гинекологија пак смируваат и објаснуваат дека, иако на некој начин се уште се ковид центар бидејќи примаат трудници со симптоми и заболени од ковид-19, сепак почнуваат да примаат и други трудници.

– Од денеска во функција се брзите тестови за откривање на ковид-19 кои ќе ги правиме на сите трудници. Ги примаме сите без разлика дали се со симптоми или не, имаме посебен оддел за суспектните, се прави тријажа и се почитуваат протоколи за заштита. Нема зошто трудниците да стравуваат да дојдат да се породат на ГАК – вели Викторија Јовановска, директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство.

Таа објаснува дека во гинеколошката болница во Чаир препраќаат родилки само доколку нивниот капацитет е навистина полн.

Директорот на болницата во Чаир, Башким Исмаили вели дека родилките кои имаат симптоми или фамилијарна анамнеза за ковид-19 ги праќаат на ГАК.

– Сме имале само два случаи на заболени родилки, се почитуваат мерките за заштита – вели Исмаили.

Во гинеколошките кругови се коментира дека ризикот по здравјето на трудницата и новороденчето постои секаде без разлика дали станува збор за државно или приватно родилиште и дека пациентите не треба беспотребно да се изложуваат на трошоци кои немаат како да ги покријат.

Инаку кај нас досега починаа две трудници поради коронавирус. Во едниот случај почина и новороденчето, додека во другиот тоа преживеа.

The post СТРАВ ОД КОРОНА: Трудниците земаат кредити за да се породуваат во приватни болници appeared first on Слободен печат.


СТРАВ ОД КОРОНА: Трудниците земаат кредити за да се породуваат во приватни болници was first posted on јули 6, 2020 at 6:00 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....