12.8 C
Скопје
13:08 - 18 декември, 2024

Со караван од автомобили против одлуката на Управниот суд за рудникот Иловица-Штука

Со караван од патнички моторни возила активистите против отворањето на Рудникот Иловица-Штука го искажаа својот протест. Со звуци на сирените, македонски знамиња и со мото „Управен суд ја искриви, Виш управен да ја исправи”, стотина возила поминаа низ две маршрути низ градот.

Според организаторите, целта на протесното собирање е изразување на незадоволство од пресудата на Управниот суд со која се поништува одлуката на Второстепената владина комисија за одбивање на дозволата за работа на концесионерот „Еуромакс”.

-Ние сакаме некој да не слушне и да стави точка на сета ова работа. Ние не се закануваме, затоа што е дојдено времето. Ако некои работи не поминале со убаво и со зборување, тогаш некои работи треба да се стават на виделина и да видиме кои сме, што сме и кои работат за доброто, а кој за злото на народот. Во секоја партија има поединци кои се замешани во тоа. Тоа е јавна тајна и треба да се расчисти. Тоа зло мора да прекине, рече Стојан Велков Трн од Здружението „Здрава котлина”.

Според Милена Зафирова пресудата на Управниот суд била донесена без знаење на јавноста.

– Тројцата судии од Управниот суд замижаа пред сите неправилности, пред сите пробивања на рокови од страна на инвеститорот и одлучија за таква пресуда и притоа ја криеја од граѓаните. Нашите активисти требаше да ја најдат пресудата на канадски сајтови и дури по еден и пол месец, под огромен притисок од јавноста, решија да ја објават на официјалниот сајт на Управниот суд – рече Милена Зафирова од „Здрава котлина”.

Додаде дека ќе продолжат понатаму и доколку не ја заврши работата државниот правобранител, кој е адвокат на државата и не поднесе жалба, а Вишиот управен суд не ја реши состојбата, тогаш немале друг избор освен да ја бараат правдата пред меѓународните судови.

-Граѓаните многу пати досега се изјаснија преку референдуми и 98 отсто од луѓето кои излегоа на референдум беа гласни и одлучни и рекоа дека рудници во југоисточниот регион нема да има, додаде Зафирова.

Протестот заврши во центарот на градот со говор на активистиката Оливера Аризанова Мансбарт.

Со реакција на денешниот протест со изјава за медиумите се огласија од „Еуромакс” и притоа истакнуваат дека Рудникот Иловица-Штука нема да ги загадува почвата, водата и воздухот.

-Денес го проследивме протестот во Струмица, каде, за жал, во континуитет се соочуваме со една група активисти кои во име на заштита на животната средина, но без издржани аргументи артикулираат обвинувања, повикуваат на омраза и осуда кон Проектот„Рудник на можности Иловица-Штука”, но и кон сите кои ја поддржуваат неговата реализација, не верувајќи во празното повторување невистини, дезинформации и апокалиптични сценарија. Го почитуваме сечие право за слободно изразување, но разочарани сме што оваа група се обидува во предизборниот период неодговорно да „се пазари” со судбината на илјадници жители од регионот кои преку Проектот имаат можност да си обезбедат квалитетни работни позиции и значително подобрување на животниот стандард, велат од „Еуромакс ресоурцес”

Додаваат дека проектот за рударскиот комплекс „Иловица-Штука” е развиен врз повеќегодишни истражувања за влијанието врз животната средина, применувајќи ги највисоките европски и светски стандарди. Тврдат дека оваа најголема директна странска инвестиција во државата нема да ја загадува почвата, водата и воздухот, ниту ќе претставува опасност за здравјето на луѓето.

-Работејќи заедно, сите ќе докажеме дека во новата ера-одржливото рударство и земјоделство можат успешно да егзистираат заедно. Ваква капитална инвестиција има реален капацитет сериозно и ефикасно да го забрза заздравувањето на регионалната и на националната економија. Проектот ќе создаде илјадници директни и индиректни работни места а од даноците и од другите законски давачки кои „Еуромакс” ќе ги уплаќа во буџетот, ќе се вложува во подобрување на локалното образование, социјалните програми и здравствената заштита, како и за модернизација на локалната инфраструктура, стои во изјавата на компанијата.

На крајот апелираат до сите граѓани и релевантни институции во Република Северна Македонија, пред да донесат одлука за иднината на Проектот, добро да се информираат за сите точни и аргументирани факти за изградба и оперирање а посебно во делот за заштита на животната средина.

The post Со караван од автомобили против одлуката на Управниот суд за рудникот Иловица-Штука appeared first on Слободен печат.


Со караван од автомобили против одлуката на Управниот суд за рудникот Иловица-Штука was first posted on јуни 27, 2020 at 4:38 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....