22:35 - 22 декември, 2024

СЛОБОДЕН УДАР: Никој не може да нè извади од калта наречена расипништво

Почна да се спроведува проектот „Македонија без кал“, со кој ќе се санираат локални патишта и улици во должина од 450 километри во 80 општини и Град Скопје, со 70 милиони евра кредит од Светска банка.

Звучи поразително. Не е проект за разубавување, за поплочување или за зелени урбани катчиња, онака како што би доликувало на една модерна европска држава, туку е проект за отстранување на калта низ улиците на Македонија. И тоа со позајмени пари.

А кал има во изобилство. Од центарот на Скопје, до делчевското Маџир Маало…

Списокот на калливите улици е долг исто колку што беа долги и списоците советувања во изминатите три децении. Кој како се додворуваше пред изборите, особено за локалните избори, правеше список на улици што ќе ги асфалтира, попис на канализации што ќе ги изгради, на водоводи што ќе ги приклучи. Дел од тие изборни ветувања се исполнија, но… Ако им се исполнеа ветувањата, за три децении немаше да остане ниту една улица во кал.

Но, не само што не се закрпија сите стари дупки и не само што не се асфалтираа правливите улици, туку изникнаа и нови калишта. Во 2012 година, тогашната власт промовираше ексклузивно домувањето во населбата „Јака“ во Општина Илинден. Општината продаваше евтини плацеви, луѓето си направија куќи, а денес од прагот излегуваат на неасфалтирано земјиште, кое во „подобрата“ варијанта, без дожд, е правливо, а во полошата, со дожд, е калливо.

А кога се зборува за калта, не може а да не се спомене и оној настан во Волково кога тогашниот премиер Зоран Заев отиде да направи увид во градежните активности на спортската сала при ООУ „Јоаким Крчовски“, а го пречека лутата жена што гласно му порача: „Децата ни одат по кал, каде се улиците, каде се тротоарите…“.

Тие улици и тие тротоари во Волково, но и на многу други локации, не ги направи ниту Заев, ниту Груевски, ниту Бучковски, ниту Црвенковски, ниту Георгиевски… Сите тие имаа шанса и време да направат по нешто. И да продолжат таму каде што застана претходникот. Тоа требаше да биде еден од приоритетите на локалните самоуправи: да немаме кал по улиците, секаде да има канализација, водовод, да има училишта, градинки, здравствени домови, централно греење…

А за што друго служи Буџетот? Секој граѓанин месечно одвојува огромни пари за овие намени. Износ колку половина плата секој вработен одделува за даноци и придонеси, за секој купен производ или услуга се плаќаат пет или 18 отсто данок, а се плаќаат давачки и за хонорари, закупнини, за капитални добивки.

Даноците за сите се исти. Зошто тогаш некој што плаќа, а што живее во Волково, да нема исти услови како некој што имал среќа да живее во посредено маало?

Во државната каса со години наназад остануваат пари за нереализираните капитални инвестиции. Општинските буџети, пак, преку кои главно се гради локалната инфраструктура, се друга приказна, иако и тие редовно се полнат од даноците од граѓаните. Најголем дел од општинските буџети се повеќе празни отколку полни. Што не е пречка за купување скапи општински возила, за мезиња со лешници и бадеми, за расфрлање со некогаш непотребни деловни ручеци… Владата, сепак, мораше од државната каса за општините да одвои 50 милиони евра за да расчистат старите долгови, да се деблокираат сметките за да можат општините да ги извршуваат редовните обврски кон граѓаните.

Одговорност никој не понесе за ваквото расипништво. Сега од кал треба да нè вади кредитот на Светската банка. Ако и тие пари не отидат во неповрат, како и досега. Ќе ни останат само ратите за отплаќање. И калта, најверојатно!

The post СЛОБОДЕН УДАР: Никој не може да нè извади од калта наречена расипништво appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....