2.8 C
Скопје
11:35 - 23 декември, 2024

СЛОБОДЕН УДАР: Нешто смрди на скопското ѓубриште

Да сум им јас претпоставен, ниту обвинителката ќе беше денеска обвинителка, ниту инспекторот денеска ќе беше инспектор. Овие зборови градоначалникот Петре Шилегов ги упати кон инспекторот од Државниот инспекторат и надлежната обвинителка која работи на истрага за случајот со третманот на медицинскиот отпад во лиценцираната фирма „Еко клуб“, разочаран од однесувањето на двете институции.

Скандалот со медицинскиот отпад кој не бил третиран според потребните процедури и завршувал на „Дрисла“ како комунално ѓубре, го открил градскиот главен инспектор. Два дена потоа државниот инспектор при вонредна контрола забележал дека сè е во ред и дека фирмата си работи по прописи. Откако случајот беше и јавно обелоденет речиси два месеца подоцна, јавноста остана шокирана од сликите со издробени остатоци од човечки органи, шприцеви и друг медицински отпад и од човечката крв која се слева од камионот за ѓубре и преку атмосферската канализација завршува во Вардар. Во погоните каде, всушност, сè е во ред.

И додека социјалните мрежи вриеја од незадоволство поради скандалот и бараа одговорност од надлежните, „лончињата“ меѓу двата инспекторати се измешаа. Што барал градскиот инспектор да душка кај што не му е место? Нека си се грижи тој за инсталациите со Б интегрирана дозвола, а не за оние со А лиценца! Па се лиферуваа соопштенија од Основното јавно обвинителство, па ставови на Државниот инспекторат за животна средина, па изјави, контраизјави, соочувања на изјавите, па обвинувања од Шилегов, дообјаснувања на главниот градски инспектор. Чудесии!

Притоа, секој од засегнатите во случајот излезе со своја вистина, а во меѓусебното кошкање се чини се изгуби основната поента –  постои ли воопшто вистинска контрола каков сè отпад завршува на скопското ѓубриште и ќе го запре ли некој сериозното загадување на почвата, водата и воздухот и на човековото здравје на овие наши простори? Какви казни ќе има за фирмата? Ќе зачестат ли контролите на фирмите лиценцирани за преработка на отпад и тоа  ненајавените контроли, каква што направи градскиот инспектор во доцните ноќни часови на 10 декември. Па и тоа да не било негова надлежност! И конечно, кој ќе одговара што се дозволило нетретиран отпад да заврши на градската депонија?

Јасно е дека институциите затаиле. Одговорност и казни мора да има. Тоа го очекуваат граѓаните на кои меѓусебните расправии околу надлежностите не им го „поматија“ умот. Всушност, ним не им е важно кој за што е надлежен, туку резултатите.

Досега, откако во јавноста ќе се кренеше прашина околу некој случај поврзан со загадувањето, најчесто завршуваше со – никому ништо, сè е во ред, според закон, правила и прописи. И толку!

Време е да се каже вистината.

The post СЛОБОДЕН УДАР: Нешто смрди на скопското ѓубриште appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....