23:20 - 22 декември, 2024

Сиромашните да не се секираат, ќе си останат сиромашни

Во исчекување на каков свет ќе дочекаме по коронавирусот полека го спознаваме светот во кој живееме, светот кој самите го создадовме, свесно или несвесно. Можете да речете дека некој друг го создаде/создава тој свет за нас, моќниците, милијардерите, банкарите, „длабоката држава“, некој кој не контролира од непознат центар, како сакате, секој со својата теорија на заговор, но мора да се сложите со фактот дека сите сме дел од обликувањето. Во моментот кога престануваш да се бориш за промена на подобро или престануваш да бидеш отпорен на општествени процеси кои мислиш дека не се движат во добра насока, кога премолчуваш, во тој момент си се помирил со светот како таков. Сакале или не, ние го обликуваме тој свет, тоа општество, дали со чинење или со (не)чинење, сеедно сме во процесот. Затоа доколку тоа што го гледате пред себе, околу себе, до себе, не ви се допаѓа, пред да почнете да обвинувате некого, вклучувајќи ја државата, а најмногу државата, прстот треба прво да го вперите кон сопственото чело. Со што и дали придонесов во борбата општеството да биде какво сакам да биде, ултимативно поединецот треба да си одговори самиот на себе, да се потсетиме, промената што сакаш да ја видиш секогаш почнува од себе.

Ќе ги промени ли коронавирусот економските ситеми?

Верувам веќе на сите им е повеќе од јасно дека следи голема економска криза како последица на пандемијата која се очекува да биде поголема од онаа во 2008 година. Веќе милиони луѓе ширум светот останаа без работа, огромен дел од малите и средни бизниси се затворија, голем дел од нив најверојатно ќе останат затворени и по завршување на пандемијата, неможејќи да ги издржат финансиските импликации од истата. Ќе помине многу време додека се создадат нови работни места, а тоа ќе зависи од брзината на закрепнување на економииите. На глобално ниво се водат длабоки дискусии како пандемијата и економската криза што следи ќе влијаат на општествените уредувања, на економските системи, на идеологијата воопшто. Ќе преживее ли неолибералниот капитализам, „отвара ли пандемијата политички хоризонт на можни промени„ (Фрчковски).

Фукујама во едно неодамнешно интервју вели „на неолиберализмот му одзвонува“, „периодот што следи претставува посмртно звоно на ерата на неолиберализмот започнат со Роналд Реган и Маргарет Тачер во осумдесетите години на минатиот век“ кои ја проповедаа идеологијата на слободниот пазар и добија свое теориско, практично, па и идеолошко втемелување со „Вашингтонскиот Консензус“ формулиран 1990 година со три носечки столба, фискална строгост, приватизација и либерализација на пазарот. Истиот тој Фукујама во својот есеј „The end of History“, објавен веднаш по распаѓањето на Советскиот Сојуз ја пласираше нормативната теза дека „во царството на идеи, либерализмот е победник“ и прогласи крај на историјата во Хегелова смисла, дека можностите за понатамошно усовршување на умот и слободата се принципиелно исцрпени, последната точка на човечката идеолошка еволуција е достигната и дека „духовната асимилација која го прати процесот на градење на либералната демократија пружа една универзална рамка во која мора да се движи секој иден обид за понатамошно усовршување на либералното општество“. Невозможно е да се замисли некоја друга радикално различна рамка на универзалното човеково ослободување која би ги исклучила основните постулати на либералната демократија. Според Маркс, комунизмот беше последната точка на таа идеолошка еволуција и претендираше да ја заземе позицијата на западниот либерализам, но историјата покажа во колкава мера таа претензија била лажа и неостварлива.

Како и после секоја голема криза, интересот за Кејнз (либерал во политичка и филозофска смисла, но сепак не класичен туку „социјален либерал“) е повторно голем, особено кога е во прашање државната интервенција врз стопанството. За Кејнз, слободата на поединецот е неприкосновен темел на општеството и економијата, меѓутоа за разлика од класичните либерали во економијата (Адам Смит) тој не прифаќал дека поединците, водени од своите себични интереси може да осигураат добродет за општеството. Кејнз не бара од државата да се вмеша во стопанството како би ги срушила темелите на капитализмот туку како би го унапредила капитализмот.

И што се случува денес?

Државата е повторно центарот и сите надежи се свртени кон неа, вербата во државата, всушност ќе биде клучна во надминувањето на кризата. Повторно се губи таа мистична верба во магичната саморегулирачка моќ на пазарот, односно “прозирниот и интересно ориентиран ентузијазам на неолибералниот рецепт на економска политика“ (Драшковиќ). Ја повикуваме државата да интервенира во погодените сектори и тие интервенции да бидат усмерени за зачувување на социјалната стабилност, се бара државата да биде солидарна за да може ударот да го поднесат сите, а акцентот треба да биде ставен на обичниот човек (работник), со тезата „нивниот живот е вреден, а не профитот на работодавците“ (Фрчковски, колумна, „Пандемијата и лузните врз неолибералната држава“). Другата теза што ја наметна професорот Фрчковски во истоимената колумна, а наиде на реакции од одредени поединци е „судирот на државата со групациите на профитната егоцентрична моќ, имено присилба на социјална одговорност на средиштата на таа моќ-банките“ и предлага со уредба да им се одземат 1/3 од годишниот профит, средства кои ќе се пренаменат за борбата со пандемијата.

За мене ова е одлична идеја и ја разбирам, не како повик државата да „чепне“ во приватниот капитал, туку државата со уредба да ги натера капиталистичките актери да бидат општествено одговорни и солидарни кога тие самите не сакаат да бидат. Ајде да ги разгледаме околностите, односно фактите. Прво, се наоѓаме во услови на криза, пандемија која се случува еднаш во 100 години. Второ, борбата против пандемијата наложи државите да ги затворат економиите во најголем дел по што неминовно ќе следи економска криза. Трето, не само нашата, туку ниедна држава нема доволно средства да се избори со пандемијата во услови на делумно затворени економии, а понатаму и со економската криза што следи како последица. Четврто, сите се сложуваме дека солидарноста (индивидуална и организирана) е најбитниот елемент, клучниот елемент во борбата против пандемијата и понатаму во надминување на економската криза. Петто, сите очекуваме државата да биде солидарна и да ги заштити сите без притоа да дадеме сопствена жртва. И последно, реалноста во која живееме, алчноста. Визијата за слободниот пазар и чистата конкуренција проповеда дека таквото опкружување е „природно“ и одговара на индивидуалната слобода, но се заборави дека таа слобода не мора да има морално, законско, еколошко и други општествени ограничувања па алчноста стана движечки нагон на поединците за богатење по секоја цена. Таквиот извитоперен индивидуализам се наметна како општествена и цивилизациска норма. Затоа само државата може да ги присили алчните да бидат општествено одговорни и солидарни во услови кога тоа е потребно, а потребно е сега повеќе од било кога. Обичниот човек, работникот, модерниот роб, ако сакате, никогаш не е дел од профитот, а е секогаш дел од зијанот. Државата ги повика капиталистичките актери, тие со џипови, јахти, куќи и станови, да не ги отпуштаат работниците на чиј грб го створија капиталот, туку да ги искористат државните мерки и да го заштитат работникот, тие го направија спротивното (со чест на исклучоците). Јас би отишол и порадикално, на сите тие валкани играчи би им издал забрана за бавење со дејноста и по завршување на кризата.

„Банките не се хуманитарни организации“

Да се вратиме на банките кои се всушност легализирани лихвари со легализирани изнудувачи (извршители), барем така се однесуваат. Им беше побарано да донесат мерки за олеснување на товарот на нивните коминтенти, едвај одобрија грејс период за исплата на кредитите, но ги задржаа каматите кои на обичниот граѓанин ќе им се удрат од глава за шест месеци. Изговорот е дека „банките не се хуманитарни организации“ и морале да се поделат дивидендите бидејќи тоа било одговорност спрема акционерите. Добро, а што правиме со општествената одговорност во вонредни услови, во услови на тешка криза. Сепак нека не не изненадува, профитот е пред се и над се. Така банката знае да ви одземе автомобил или имот во последната година од кредитот зашто доцните со 3 рати, што не само што не е одговорно туку не е ни хумано, а не знае да намали дел од својот профит преку стопирање на каматите на одредено време. За простување на долг па да не правиме муабет. Што би било на пример доколку граѓаните беа сложни и солидарни и ги повлечат оддеднаш сите штедни влогови. Како тоа ќе им се допаднеше на „лихварите“?

Значи, не само што е неодговорно, туку е крајно себично да не им се помогне на тие кои во нормални услови ти го носат профитот, во некоја смисла е дури и спротивно на економската логика. Не смеете да дозволите тие што ви должат да „умрат“ туку напротив, треба да направите се што е во ваша можност тие да „преживеат“, за да може по завршување на кризата да продолжат со финансиските обврските, а вие да продолжите со профитирањето. И целата поента е тука, кога главните капиталистички центри на моќ одбиваат да бидат општествено одговорни и солидарни, државата е повикана да ги принуди тоа да бидат.

Тоа е таа организирана солидарност која само државата може да ја истурка со цел во јавното и политичкото дејствување да се создаде систем во кој ќе има што помалку неправда. Зарем не го сакаме сите тоа?

Каде е индивидуалната солидарност? 

Сепак за мене исто така многу важна е индивидуалната солидарност и мислам дека таа е клучна во надминувањето на секоја криза. Општеството е рефлексија на предоминантниот карактер на поединците. Како што споменав на почетокот на текстот, самите го обликуваме светот во кој живееме, не може да бараме или очекуваме од другите, вклучувајќи ја државата да бидат солидарни ако самите не сме тоа. Во солидарноста како состојба во која членовите на општеството имаат обврска едни спрема други, индивидуалната солидарност е конкретно помагање во конкретна ситуација во која учествува поединецот. Од моментот кога започна пандемијата и се преземаа првите државни мерки, затворање на голем дел од економските сектори, карантинските мерки, полициските часови и таканатаму, се изначитав и изнаслушав индивидуални поплаки и повици до државата да интервенира зашто тие биле погодени. Многу иритирачки за мене од две причини, прво, секогаш се говори во прво лице еднина и второ, доаѓаат од луѓе кои всушност и не живеат лошо, одат по ресторани, по шопинг центри, шетаат по светот, летување, зимување, коли, станови и тн. Илјадници луѓе останаа без работа, илјадници семејства се со намален или никаков приход, да не зборувам за илјадници семејства кои живеат на работ на сиромаштија или во сиромаштија и тоа не за време на криза, туку и пред неа, а така ќе биде и после неа. Но кој да мисли за нив нели, кој да мисли за тие луѓе што во животот ни планина ни море виделе, кој да мисли за тие што живеат со помалку од половина од тоа што е достоинствен минимум за преживување. Важно државата мене да ми помогне, јас, јас и само јас. А што ќе ви е помош од државата и зошто се противите на намалени плати кога нема кај да трошите, нема ресторани, нема викенди, но изгледа е подобро и во услови на криза нешто дополнително да се заштеди одколку заштедата да се потроши. Зошто секогаш барате државата да ви даде, а никогаш не се прашувате што може да дадете вие за неа во вакви кризни ситуации.  Затоа се додека мислиме што може да земеме, а никогаш што може да дадеме, не бива луѓе од нас. Се додека легнуваме сити и мирно спиеме додека комшијата или децата на комшијата  легнуваат гладни, не бива луѓе од нас. Мора да бидете дел од промената што сакате да ја видите, дел од социјалната држава и солидарното општество кое сакате да го создадете, почнете од себе, давајте ги услугите без надомест таму кај треба, не им наплатувајте кирија на вашите кираџии во наредните неколку месеци, помогнете финансиски на вашите роднини, пријатели за кои знаете дека немаат. Само така луѓе и само тогаш можеме да бараме од другите да бидат солидарни, а да не испаднеме лицемерни. Да поентирам со насловот на колумнава, оваа криза не погоди сите, економската криза ќе ги погоди повеќето, сепак сиромашните немаат простор за грижа, тие ќе си останат сиромашни и после кризата. И минатата година не беа на море, а нема ни годинава, кафана нит виделе нит ќе видат, ако ја разбирате поентата, а во прилог и посликовито.

Видов еден интересен клип во врска со предлогот на Вучиќ да се даде по 100 евра на сите граѓани, пародија се разбира. Богат дечко, додека се вози во скапиот автомобил говори против мерката и прашува како тој со 100 евра од државата би требало да преживее кога е научен да троши по 10 илјади евра. Наместо тоа, дава предлог да се скрати помошта на милионите жители во државата на 50 евра, за да остане доволно буџет на богатите да им се даде по 10 илјади. Главниот аргумент му е дека сиромашните се научени на таков живот, а богатите не.

И така додека чекаме дали ќе пропадне неолибералниот капитализам дајте да се погрижиме да не пропаднеме самите и тие околу нас, дајте оваа криза да ја поминеме што е мошно побезболно, многу тоа од нас самите зависи. Дајте да ја вратиме солидарноста како главна вредност на нашето општество, нешто со што барем ние Балканците порано се гордеевме.

НЕ БИДЕТЕ СЕБИЧНИ, БАРЕМ НЕ СЕГА.

 

The post Сиромашните да не се секираат, ќе си останат сиромашни appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....