Во регионалниот суд во Франкфурт започна судскиот процес во кој обвинет за тероризам е германскиот државјанин Филан М. кој е по потекло од Македонија. Како што потврдија германските медиуми, станува збор за синот на д-р Жан Митрев кој е сопственик на приватна кардиохируршка клиника во Скопје.
Слободен печат се обрати до службата за јавност на Жан Митрев клиника со цел да добиеме потврда или демант на веста. Оттаму, прво не прашаа за која цел и каде ќе биде објавен текстот и не замолија да испратиме прашања по мејл. Но одговор досега не добивме.
Според германските медиуми момчето Филан Митрев (24) заедно со уште двајца турски државјани е уапсено во ноември минатата година. Тројката, според канцеларијата на јавниот обвинител е идентификувана како „поддржувачи на терористичката милиција на ИСИС“.
Тие се обвинети за подготовки за извршување на религиозно мотивирано кривично дело го Германија користејќи експлозив или огнено оружје за да убијат што е можно повеќе луѓе, таканаречени „неверници“.
Според шефот на јавното обвинителство во Франкфурт Надја Нисен, „24- годишното момче веќе обезбедило хемикалии со цел да состави експлозиви и се обидувал да обезбеди и оружје преку интернет. Различни материјали и опрема се одземени од кои што можело да се направат експлозиви“.
– Осомничениот не бил препознаен како закана но постоела истрага уште од крајот на октомври 2019 година.
Сега веќе 25-годишен, Филан се појавил во судот на 2 септември годинава и текот на судењето е опишан детално на германскиот локален медиум „Франкфуртер Рундшау“.
Според овој медиум, нападот пропаднал пред да биде извршен, а Филан М. соопштил за тоа и на социјалните мрежи. Во обвинението се додава дека тој се обидел да купи митралез и муниција преку нелегални интернет канали.
„Осомничениот влезе во судницата облечен според салафистички бизнис дрес-код. Со сива јакна, бела маица, долга и бујна брада која не може да ја покрие ниту една заштитна маска. Носеше црни панаталони и кожни обувки. Сликата ја заокружуваа металик-сребрените лисици. Филан М. ваква мода може да си дозволи, бидејќи неговиот татко е сопственик на клиника за кардиохирургија“, се вели во текстот на „Франкфуртер Рундшау“.
Филан пред неколку години ја променил својата вера и преминал во ислам, а германскиот медиум сега го опишува, како радикален исламист припадник на салафисти-џихадисти.
Син на угледен хирург кој се обидувал да го врати на вистинскиот пат
Медиумите во Германија пишуваат дека таткото на Филан М. подолго време се обидувал да му помогне на својот син да излезе на правиот животен пат, затоа и му помагал финансиски да учи во неколку приватни училишта, но Филан ги напуштал. На судењето било споменато дека тој месечно добивал по 1. 000 евра од својот татко, бидејќи ги барал за да изнајми трафика за работа, но на прашањето на што ги трошел парите Филан не дал одговор.
„Момчето само научи да консумира марихуана и успеа да заглави две ипол години во затвор“, се вели во текстот потсетувајќи дека тој веќе издржал затворска казна за друго дело.
Истиот медиум, минатата година во јануари објави текст за судски процес во којшто Филан бил обвинет за грабеж и насилство. Во текстот со наслов „Од среќно детство до предатори“ детално е опишано како тој една вечер движејќи се низ градот и заканувајќи се со нож, од неколку лица барал по 10 евра.
„Со нож се заканил и на каса во супермаркет, исто така барајќи да му дадат 10 евра. А подоцна разбил и кутија која служела за собирање на финансиски средства за хуманитарна помош. Од неа одзел 8 евра. Зачудува фактот дека на луѓето на кои со закани им изнудувал пари, имале многу повеќе од 10 евра, но тој инсистирал на таа сума“, се вели во текстот.
Медиумот потенцира дека тој потекнува од угледни родители и дека освен што неговиот татко е познат кардиохирург од Македонија, неговата мајка е медицинска сестра, а неговата сестра е одлична ученичка.
„Иако неговата мајка, која е разведена од сопругот, и го избркала синот од домот поради неговото однесување, присуствуваше на неговото судење“, се вели во текстот.
Понатаму, се дополнува дека Филан признал дека бил и зависник од дрога.
Во текстот посветен на Филан се вели дека жртви на радикалните групи се и млади кои не мора да потекнуваат од сиромашни и дисфункционални семејства.
The post Синот на д-р Жан Митрев обвинет за тероризам во Германија (ФОТО) appeared first on Слободен печат.
Синот на д-р Жан Митрев обвинет за тероризам во Германија (ФОТО) was first posted on септември 11, 2020 at 7:26 pm.