Владите на земјите од Европска унија кои во април воведоа карантин се повеќе ја имитираат единствената земја која не го направи тоа, но експертите предупредуваат дека шведскиот пристап кон ковид-19, нема да одговара на сите, пишува „Гардијан“.
Додека заразата забрзано се шири во неколку европски земји, Франција моментално има просечно околу 12.000 нови случаи дневно, но ја отфрли можноста од повторно воведување на државен карантин, па наместо тоа следи стратегија која премиерот Жан Кастекс ја нарече „животот со вирусот“ и воведување на локални мерки.
Шпанија оваа недела ја надмина бројката од 700.000 случаи и исто така отфрли повторно воведување на карантин.
„Имаме алатки кои ни се потребни, но ни треба помош од нашите граѓани. Индивидуалната посветеност е фундаментална“, рекол премиерот Педро Санчез.
Лекции од Шведска
Скандинавската земја би можела да „понуди лекции за глобалната заедница“, рекла официјалната претставничка на Светската здравствена организација за Европа, Дорит Ницан. Таа рекла дека Шведска се фокусирала на долгорочна издржливост, ангажман на граѓаните и доброволно соработување со мерките, па дека таков пристап е интересен, бидејќи дошло „време сите да научиме да живееме со вирусот“.
Но, Ницан нагласува дека ова не е решение за сите земји, па дека секој пристап треба да биде соодветен на ситуацијата и контекстот. Ако СЗО сака повеќе да научи од Шведска тоа е бидејќи таа земја „го прилагоди својот одговор на однесувањето на своите граѓани и ги искористи тие пронајдоци за да го направи пристапот поефикасен“. За разлика од многу други земји, Шведска ги затвори факултетите и училиштата за ученици постари од 16 години, но сите помлади нормално си следеле настава. Шведска исто така забрани собири на повеќе од 50 луѓе, а испрати апел до постарите од 70 години и другите ризични групи да се самоизолираат, пишува Гардијан.
Покрај тоа, од повеќе од 10 милиони жители е побарано, но не наредено, да ја почитуваат физичката дистанца и да работат од дома ако тоа е можно, што повеќето го прифатија. Продавниците, баровите, рестораните и теретаните останаа отворени, а не е ниту препорачано да се носат маски. Главниот шведски епидемиолог Андерс Тегнел инсистираше дека целта не е брзо постигнување на имунитет на стадото, туку да се забави ширењето на заразата, за здравствениот систем да успее да се сноси со пандемијата. „Кризата е маратон“, а не спринт, повеќе пати рече Тегнел, тврдејќи дека шведскиот пристап би можел да се покаже поиздржлив од карантин.
Критиките на шведскиот пристап
Сепак остануваат големи прашања за шведскиот пристап, кој некои остро го оспоруваа во самата Шведска и странство. Иако анкетите покажуваат дека повеќето Швеѓани го подржуваат овој пристап, критичарите го обвинуваа Тегнел и шведскиот Завод за јавно здравство дека тврдоглаво ги игнорираат научните докази и препораките на СЗО. Во мај Шведска имаше најголема стапка на смртни случаи од ковид-19 во Европа. Бројот на починати на милион жители е 10 пати поголем од Норвешка и Финска, но помал од Шпанија и Италија.
Речиси половина од 5.878 смртни случаи во Шведска се случиле во домовите за стари, што донесе до гневни обвинувања дека Шведска не успеала да ги заштити своите најранливи групи, односно дека ги жртвувала своите стари за да не би ги преоптовариле одделенијата за интензивна нега. Шведската влада признала сериозни пропусти во секторот за грижа.
Иако моментално постојат знаци дека бројот на новозаразени повторно расте, а властите велат дека се можни нови ограничувања во Стокхолм, Шведска досега не забележа значителен пораст на случаи како што од август се случи во Шпанија, Франција и десетина други европски земји.
Шведска се држи многу подобро од други европски земји
Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, продолжува Гардијан, во последните 14 дена Шведска имаше 37 новозаразени на 100.000 жители. Шпанија имаше 320 случаи, Чешка 229, Франција 205, Белгија 139, а Холандија 132. Меѓутоа некои други држави, како Италија која има само 35 новозаразени на 100.000 жители во последните 14 дена, исто така успеаја да избегнат пораст на бројот на заразени. Имунитетот се покажа значително понизок отколку што државната здравствена агенција предвидуваше во Шведска.
Експертите велат уште е рано да се суди на шведскиот пристап. И покрај тоа, шведската реакција на пандемијата би можела да нуди поука под услов луѓето да разбираат за што се работи, смета Антоан Флахаулт, професор за јавно здравство и директор на Институтот за глобално здравство на Универзитетот во Женева, кој рекол дека шведскиот пристап често погрешно се разбира.
Клучни мерки
„Многу луѓе мислат дека шведската влада не презела ништо бидејќи не воведе карантин. Но, таа презема неколку клучни мерки. Што е најважно, успеа да ги убеди граѓаните да ја прифатат ситуацијата и да соработуваат во борбата против вирусот, но без присилување, задолжителни закони и прописи. Резултатот не беше значително поразличен“, рекол Антоан Флахаулт за Гардијан.
Давид Хејман, професор по епидемиологија во Лондон, рекол дека земјите „мораат да се соочат со фактот дека ќе мораме да живееме со вирусот“.
Ницан нагласила дека шведскиот пристап можеби не може да се примени секаде. Други земји би требале да земат во обзир дека „во Шведска социјалниот договор меѓу владата и популацијата се темели на големо ниво на доверба, и дека тоа е начин на кој комуницираат шведскиот народ и владата“.
„Од секоја земја може да се извлече поука. Никој не направи се совршено, сите правеа грешки. Стратегијата на секоја земја во спречување на ковид-19 треба да се темели на специфичната ситуација и контекстот, треба да биде значително темелна и култоролошки прифатлива. Тоа е шведскиот пристап“, заклучи Ницан за Гардијан.
The post Што може да научи Европа од шведската стратегија против коронавирусот? appeared first on Слободен печат.
Што може да научи Европа од шведската стратегија против коронавирусот? was first posted on септември 26, 2020 at 8:08 pm.