3.8 C
Скопје
19:34 - 27 декември, 2024

Се создава ли ново “Источно НАТО” од Русија и Кина кое може да ја прекине воената доминација на Америка

Не се исклучува воена алијанса меѓу Русија и Кина, кажа рускиот претседател Владимир Путин за време на одржувањето на “Валдаи” форумот во Русија неделава, и предизвика потреси од Вашингтон до Пекинг. Путин додаде дека таков сојуз меѓу Москва и Пекинг во моментов не е потребен, бидејќи Русија има доволно средства и ресурси да ги заштити своите национални интереси.

Сепак оние кои го знаат рускиот претседател знаат дека Путин не кажува празни фрази, а особено внимава кога се работи за чувствителни меѓународни теми кои ја тангираат стратешката рамнотежа на суперсилите во светот. Оваа изјава на Путин значи дека руските стратези веќе ја анализираат опцијата за воена алијанса со Кина и веројатно доколу има потреба еден ден ќе ја стават на маса.

Понатаму Путин праќа порака и до САД дека руско-кинескиот сојуз е една од опциите кои Москва ги има на располагање во арсеналот на одговори во случаи на одреден геостратешки предизвик. Oфицијален Пекинг пак одговори со доза на воздржаност на идејата на Путин. Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи кажа дека Кина и Русија одржуваат високо ниво на соработка и имаат посебни билатерални односи.

Портпаролот Жао Лијан сепак додава дека не постои граница на традиционалните кинеско-руски односи и не постои ограничување во кој правец тие релации можат да продолжат. Доколку се прочита меѓу редови, кинескиот одговор на пораката на Путин исто така дава можност за формирање на кинеско – руска алијанса, со што и Пекинг праќа порака до Вашингтон.

Односите меѓу САД и Кина константно се влошуваат во последната година а интересно е што изјавата на Путин доаѓа во истиот ден кога и кинескиот претседател Си Џипинг одржа тврд националистички говор за време на одбележувањето на 70 годишнината од влегувањето на Кина во Корејската војна.

Има ли координација меѓу Путин и Си Џинпинг?/ Фото: EPA/DALE DE LA REY / POOL

Освен директните критики кон Вашингтон Џипинг кажа дека кинеските вооружени сили се подготвени да ја одбранат земјата од било која агресор и ги предупреди внатрешните непријатели против било каков обид за поделба на земјата. Очигледно е дека Путин и Џипинг делуваат координирано во поглед на идејата за создавање на воена алијанса и така влечат силен потез во геостратешката партија шах.

Колку воената алијанса меѓу Русија и Кина би можела да парира на воената моќ на САД

Доколку еден ден идејата на Путин за создавање на нова источна суперсила се оствари простите бројки кажуваат дека тоа “Источно НАТО” би имало предност во однос на човечките потенцијали и одредени сегменти на воената техника во однос на САД. Па така Вашингтон би останал супериорен во поглед на воениот буџет кој изнесува 732 милијарди долари, а Русија и Кина заедно би трошеле околу 302 милијарди.

Кога би ги здружиле армиите Кина со своите 2.183.000 војници и Русија со 900.000 заедно би имале 3.083.000 војници наспроти 1.372,000 активни војници на САД. Кина и Русија би имале и надмоќ во однос на оклопните возила од сите типови, артилериските оружја, борбени авиони и подморници.

Фото: EPA

Русија и Кина би имале и повеќе нуклеарни боеви глави 6665 наспроти 5.800 на САД, но во овој сегмент е јасно дека бројките се релативни. Америка пак има јасна доминација со своите 20 ночаси на авиони наспроти 3 на Русија и Кина, исто така САД има повеќе хеликоптери, транспортни авиони и разурнувачи.

Фото: Профимедиа

Но простата споредба на воена техника и луѓе во овој случај нема да помогне, дури и во случај на воен сојуз доколку го иземеме нуклеарното оружје Русија и Кина би биле далеку зад воените потенцијали на Америка, сметано без останатите сојузници од НАТО. Најголема предност на источниот сојуз би останала големината на нивната територија и неможноста за агресија од било која земја, вклучувајќи ги и САД.

Во суштинската споредба на воените потенцијали САД имаат јасна предност и тоа од неколку причини. Прво американските војници можеби не се премногу омилени во светот, но се убедливо најдобро обучена професионална сила на планетата. Иако Русија во последните десет години осетно ја зголемни професионализацијата на својот воен состав, сепак поголем дел од руските војници се регрути, додека регрутниот состав е уште поголем во кинеската армија.

Американската надмоќ во поглед на квалитетот на вооружувањето е огромна во поглед на Русија и Кина. Русија одржуваше воена рамнотежа со САД за време на студената војна, и се до распаѓањето на СССР постоеше одредена рамнотежа во квалитетот на вооружувањето, но после распадот на Советскиот сојуз квалитетната разлика е осетно зголемена во корист на САД.

Русија под водство на Владимир Путин агресивно ги модернизира своите вооружени сили но разликата која се создала за двете децении застој едноставно не може толку брзо да се надмине. Експертите состојбата ја опишуваат како трка на сто метри во која ионака побрзиот тркач стартува од 50 метри а поспориот се обидува да го стигне од стартот.

Фото: EFE/ALEXEI NIKOLSKY / SPUTNIK / KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT

Развивањето на воена технологија од нула вообичаено трае околу 20 години, па така Русија најмногу се потпира на модернизација на постоечките советски системи, што во многу случаи повеќе се смета за “крпење” наместо модернизација. Едно од ретките сосема нови оружја е платформата “Армата” врз која е поставен и новиот руски тенк Т-14 како и низа други оклопни возила.

Но процентот на воведување на тенкот кај руските вооружени сили е речиси незначителен, па така од планираните 2300 тенка до 2020 до армијата се испорачани само 100 а поради финансиски проблеми производството засега е стопирано. Слична е состојбата и со бомбастично најавуваните руски хиперсонични оружја кои најчесто постојат во форма на прототипи или ограничени количини во фаза на тестови.

Фото: Ројтерс

Кина од друга страна се обидува да развива свои оружја, но најчесто се работи за копии на руски тенкови, авиони или бродови со ретки исклучоци, иако се забележува огромен напредок на кинеската воена технологија па само прашање на време е кога ќе создаде свој квалитетен производ.

За илустрација, САД веќе 20 години имаат во оперативна употреба борбен авион од 5 генерација, Ф-22 Раптор, додека Русија и Кина поседуваат авиони од 4++ генерација, и тоа во исклучиво мали количини. Како најголем напредок на руската технологија е крстосувачката ракета “Калибр” пандан на американскиот “Томахавк” која успешно се употребуваше во Сирија, а токму руската интервенција во Сирија се смета и за најголем воен успех на Москва со кој Русија покажа дека е способна за прекуморска воена операција од поголем тип, нешто што го нема направено ниту Советскиот сојуз.

Фото: Профимедиа

“Трн” во окото на Вашингтон

Сепак формирање на воена алијанса меѓу Москва и Пекинг би предизвикало огромна прераспределба на меѓународните односи, и би предизвикало создавање на нова стратегија на САД како одговор на тој глобален предизвик. Јасно е дека Америка би имала многу помала комоција во глобалното делување, особено ако се земе во предвид и сегашната стратегија на Кина за посилно  економско – воено ангажирање во Африка, што досега беше терен речиси целосно резервиран за американско делување.

Несомнено ќе се отежнат и американските операции на Блискиот исток а посебна главоболка би се создала во Тихиот океан, од пределот на Јужното кинеско море па се до Јапонија каде здружената руско – кинеска морнарица би имала засилена активност и поширок спектар на делување.

Фото: Профимедиа

Дали ќе дојде до ваков сојуз ќе покаже времето, ако учиме од историјата тогаш искуството покажува дека идејата е тешко оставрлива особено што еден таков пакт помеѓу Сталин и Мао Цетунг пропадна. Треба да се земе и предвид дека најголема компнена закана за Русија е токму Кина, со своето 2 милијардно население и огромната граница која ги дели двете земји. Колку и да имаат пријателски односи сепак двата азиски џина секогаш гледаат со претпазливост еден кон друг.

Уште еден пример е многу зборуваниот сојуз “БРИКС” во кој освен Русија, Кина, Бразил, ЈАР членува и Индија, а во моментов токму Њу Делхи и Пекинг војуваат на границата со Кашмир. Силен воен сојуз меѓу Русија и Кина веројатно може да се случи само доколку се соочат со директна закана од САД, но шансите и за тоа се премногу мали бидејќи колку и да делуваат експанзионистички америкаците знаат добро дека голема грешка би била без причина да ги налутат двата азиски џина.

The post Се создава ли ново “Источно НАТО” од Русија и Кина кое може да ја прекине воената доминација на Америка appeared first on Слободен печат.


Се создава ли ново “Источно НАТО” од Русија и Кина кое може да ја прекине воената доминација на Америка was first posted on октомври 27, 2020 at 10:15 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....