10.8 C
Скопје
20:00 - 19 април, 2024

Пресметките за плати треба да се прават, Законот за финансиска помош уште не е донесен

Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено економската криза, како и ребалансот, сѐ уште не се на дневен ред за гласање во Собранието, а сметководителите реагираат дека треба да прават пресметки на плати, како и да доставуваат други податоци неопходни за исплата на финансиската помош за исплата на плати, што е најавена со четвртиот пакет на економски мерки.

Од друга страна, тие апелираат дека самата законска регулатива не е многу јасна, а тоа се покажа и при претходните исплати на финансиска помош и се остави простор за различни толкувања.

-Уште во фаза на подготовка на законските решенија мора да постои подобра координација меѓу сите надлежни институции, а особено меѓу Министерството за финансии и Управата за јавни приходи каде што се обработуваат и се систематизираат податоците за деловните субјекти, врз чија основа потоа се дефинираат критериумите и условите за добивање на помошта. Исто така, критериумите и условите важно е да бидат прецизно и јасно дефинирани за да не оставаат простор за различни толкувања и конфликтни ситуации меѓу засегнатите страни – изјави Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на сметководители.

Таа посочи дека во Законот за финансиска помош за исплата на плати за последните три месеци на 2020 година, кој се очекува да биде разгледуван во Собранието, би требало јасно да се дефинира дали со предвидената помош треба да се исплати  бруто или нето-плата. Ако остане недефинирано, како што беше со Уредбата за истата мерка во претходните пакети за економска поддршка, повторно може да се појават различни толкувања од надлежните институции и несигурност кај деловните субјекти.

Комората на сметководители потенцира и дека при носењето на законските решенија за економските мерки, мора да се имаат предвид  рокови во кои тие треба да се  имплементираат, но и роковите што веќе се дефинирани во другите важечки закони, како и реалното време кое е потребно за да изготви документацијата за аплицирање.

– Денеска сме 27 октомври, а законот за финансиска поддршка за исплата на плата за октомври, ноември и за декември уште не е донесен. Пријавата за добивање финансиска помош ќе треба да се поднесе најдоцна до 7 ноември, а за да може да се поднесе, ќе треба да се направат и пресметки за остварени приходи и да се обезбедат сите потребни документи. Ако се земе предвид како досега функционираа работите кога беше во прашање аплицирањето за економските мерки, повторно товарот ќе падне на сметководителите, а некои претпријатија поради кусите рокови може и да не успеат да аплицираат и да останат без неопходната помош. Во нормални услови пресметките за исплата на плати почнуваат од 25-ти во месецот, за да може навреме да се исплатат личните доходи до 15-ти наредниот месец. Јасни и навремени законски решенија и подобра техничка институционална подготвеност за нивно спроведување се од голема важност за непречено функционирање на стопанството, особено во услови на криза – изјави Андреева.

Благоја Грозданов, член на УО на Комората на сметководители, истакна дека иако сметководителите очекуваа подобрување на нивниот статус и решавање на проблемите да се постигне со измени на Законот за вршење на сметководствени работи, законските измени повторно се носат во процес што е нетранспарентен и неинклузивен.

„Во услови на пандемија, спроведувањето на сите економски мерки во практика беше токму на товар на сметководителите, како единствен линк меѓу државата и стопанството. Професионалното усовршување се одвиваше деноноќно следејќи и толкувајќи ги сите комплицирани, уредби, чести измени и нефункционалноста на системите, и сите рокови беа уредно запазени и при рестриктивни мерки. Наместо давање правна сигурност и заштита, со ваков начин на постапување без консултација со сите засегнати страни за реалните потреби на фелата и постапување според тоа, државата повторно ја занемарува значајноста на оваа професија и се соочува со ризик за неколку години да биде во недостиг на сметководители – изјави Грозданов.

The post Пресметките за плати треба да се прават, Законот за финансиска помош уште не е донесен appeared first on Слободен печат.


Пресметките за плати треба да се прават, Законот за финансиска помош уште не е донесен was first posted on октомври 28, 2020 at 7:09 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....