-0.2 C
Скопје
02:48 - 19 декември, 2024

Се подготвувате за летниот одмор? Еве колку ќе ве чини ноќевање во нашите туристички центри

Состојбата со Ковид-19 ги направи невозможни патувањата во соседните земји и странство, па така спасот за годишен одмор годинава ќе се бара во некоја од домашните туристички дестинации.

Токму поради коронавирусот податоците зборуваат дека бројот на домашни и странски туристи во земјава веќе бележи значителен пад.

Државен Завод за статистика: Во мај само 838 туристи, 99,2 отсто помалку од лани

Во мај годинава земјава ја посетиле 838 туристи што е 99,2 отсто помалку во однос на истиот месец лани. Како што информираат од Државниот завод за статистика, реализирани биле вкупно 4.946 ноќевања што е 97,6 проценти помалку од минатата година.

Според статистиката, бројот на домашните туристи во мај 2020 година во однос на мај 2019 година е намален за 97,8 отсто, а на странските за 99,7 проценти. Бројот на ноќевањата на домашните туристи, пак, е намален за 96,7 отсто, а бројот на ноќевањата на странските туристи за 98 проценти.

Во периодот јануари – мај 2020 година, во однос на истиот период претходната година, бројот на туристите е намален за 63,2 отсто и тоа: кај домашните туристи има намалување за 58,2, а кај странските за 65,6 отсто.

Сепак, со доделувањето на платежните картички за поттикнување на домашен туризам, дополнително се очекува да се зголеми интересот за летување во земјава, па токму поради тоа важна информација за сите кои ќе патуваат е и тоа како се движат цените во приватните сместувања, но и во хотелите ширум земјава.

Цените за сместување во Охрид слични како и минатите години

Приватни сместување за едно лице од вечер во Охрид варираат од 350 до 600 денари,  во зависност од тоа на колкава оддалеченост од центарот и езерото се наоѓа сместувањето, а некои од луѓето кои издаваат соби велат дека цените се речиси исти веќе неколку години.

Цените многу зависат и од условите, односно од тоа дали собите се опремени со телевизија, кабловска, тераси и сопствен паркинг.

Охрид, плажа Куба Либре / Фото: МИА

Во Охрид секогаш се популарни и вилите кои нудат комплетно опремени апартмани со телевизор,  интернет, кујна за користење,  како и посебни тоалети, а цената се движи од 1.000 до 1.500 денари од ноќевање за две лица.

Некои од вилите нудат и сместување со вклучен појадок, па така, на пример, во една вила цената на двокреветна соба со појадок чини 1.500 денари, додека без појадок цената изнесува 1.200 денари.

Цената пак за трикреветна соба од вечер во оваа вила чини 1.700 денари, додека со вклучен појадок изнесува 2.000 денари.

Во други вили, кои нудат „специјален појадок“ за гостите, цената за сместување за две лица се движи од 2.000 до 2.500 денари, додека за три лица над 3.000 денари од вечер.

Повеќето од вилите кои се во понудата поседуваат и голем двор со тераса, која можат да ја користат сите кои ќе престојуваат овде.

Како што можевме да забележиме, разлика во цената прави и тоа дали собите имаат тераса со поглед кон езеро или не.

Има и такви кои нудат соби и апартамни во центарот на градот на кеј, па така цените за двокреветните соби со тераса со поглед кон езерото изнесуваат 2.150 денари од ноќевање, додека за двокреветни соби без тераса цената е 1.850 денари од вечер. За апартманите за четири лица, исто така комплетно опремени со тераса и поглед на езеро, цената е 4.650 денари по ноќевање.

Дел од лицата кои издаваат апартмани велат дека засега многу мал број на странски туристи им се јавиле да резервираат сместување, а од оние кои сепак го направиле тоа, велат дека најголем број од туристите се од Холандија.

Кога станува збор за хотелите, ноќевање за две лица со вклучен појадок се движи од 2.700 денари до 4.900 , додека ноќевање исто така за две лица со вкучен појадок, но и вечера изнесува околу 5.000 денари.

Приватните сместувања во Струга поевтини од оние во Охрид

Фото: Машка плажа во Струга/Стругаонлајн

Приватни сместувања во соби во куќи во Струга можат да се најдат и по поевтини цени во однос на оние во Охрид, па така во двокреветни и трикреветни соби цената по лице од ноќевање се движи од 300 до 400 денари, со тоа што соби со посебен тоалет и мини кујна можат да се најдат и по 300 денари од вечер.

Цената пак на полуксузните апартмани и помалите вили кои се издаваат во Струга се движи од 600 до 800 денари.

Кога станува збор за цените во хотелите, сместување во хотел за две лица со вклучен појадок ќе ве чини околу 4.700 денари од вечер, додека со појадок и вечера цената по ноќевање за две лица е 5.500 денари.

Дојран: Цените на приватните сместувања се движат од 300 до 350 денари

Собите кои содржат единечни кревети, а се издаваат во куќи и вили во нов и стар Дојран се издаваат по цени во просек од 300 до 350 денари, со тоа што во некои од сместувањата собите не вклучуваат посебен тоалет.

Цените на апартманите во вилите со подобри услови, како плазма телевизор, кујна со фрижидер за користење и посебен тоалет чинат над 1.200 денари, завино и од тоа со колкав капацитет располага вилата, односно колу луѓе можат да се сместат во неа.

Сместување пак во хотел за две лица со појадок изнесува околу 3.300 денари.

Атрактивни понуди и за љубителите на Преспанското езеро

Преспанското Езеро исто така секогаш е атрактивна понуда за нашите туристи, а најблиски градови кои нудат и апартмани со поглед кон езерото се Ресен и Претор, со тоа што цените за приватно сместување во куќи за ноќевање по лице се движат од 300 до 400 денари.

Сместување пак во хотел во Отешево со поглед кон Преспанското езеро за две лица со појадок ќе ве чини околу 2.500 денари.

Цените на камп приколките во Крани со брачен и единечен кревет се движат од 800 до 1.200 денари од ноќевање во зависност од тоа со каква опрема располага кампот.

The post Се подготвувате за летниот одмор? Еве колку ќе ве чини ноќевање во нашите туристички центри appeared first on Слободен печат.


Се подготвувате за летниот одмор? Еве колку ќе ве чини ноќевање во нашите туристички центри was first posted on јули 13, 2020 at 2:20 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....