-6.2 C
Скопје
07:26 - 25 ноември, 2024

Сè е тешко кога партиите, наместо држава, водат инает

Што ќе се случи со уредбите со законска сила што сè уште важат, ако Собранието не ги потврди одлуките на претседателот Стево Пендаровски за вонредна состојба од 18 март до 15 јуни? Дали казните што им се изречени на граѓаните врз основа на некои владини уредби можат да паднат на суд? Треба ли Собранието да ги потврди само уредбите што сѐ уште важат, сите уредби или не треба да провери ниту една? Овие прашања се наметнуваат откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ одби да биде дел од двотретинското мнозинство за собраниска потврда на одлуките на Пендаровски, а уставно-правните експерти не нудат единствен одговор. Дел велат дека уредбите мора да бидат потврдени во Собранието за да важат, а дел објаснуваат дека Уставот не предвидува такво нешто.

Разногласието не дава надеж за скорешен излез од најновата политичка криза, која може да се усложни ако се усложни и пандемијата со коронавирус, поради која Собранието наскоро би можело да се најде во ситуација повторно да собира двотретинско мнозинство, но не за потврда на старите вонредни состојби, туку за прогласување нова.

Според поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, ние сѐ уште не сме се ослободиле од „заробената држава“, а политичарите тераат инает наместо цивилизирано да ја надминат оваа ситуација.

– Уредбите со законска сила траат додека трае вонредната состојба, а потоа се враќа претходниот правен поредок, во кој се и уредбите со продолжено дејство, нема ништо спорно. Никаде во Уставот не е предвидено дека Собранието треба да ги потврди и уредбите со законска сила. Во моментот решението треба да се бара во темелните принципи на Уставот, а не со инает. Ако Собранието ги потврди одлуките на Пендаровски за постоење вонредна состојба, со тоа треба да настане и една општа прифатеност дека со тоа се потврдени и сите владини уредби со законска сила. Бесмислено е да се потврдува секоја уредба една по една, тоа се над 300 уредби. Тоа ќе значи свесно продолжување на кризната состојба во која се наоѓаме и дека политиката ја води работата во погрешна насока – вели Ивановски за „Слободен печат“.

Според него, целата моментна ситуација е играње со демократијата и со чувствата на граѓаните.

– Сè што е орган на власта е со нарушен уставен интегритет. Институциите се во скутот на партиско-политичките структури на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или на ДУИ, кои ги гледаат своите интереси и преку институциите како да се натпреваруваат кој повеќе ќе ја заглави државата. Ние имаме Устав, ама немаме уставност. Ако се сака да се најде начин да се излезе од оваа системска криза која трае веќе 20-30 години, треба да престане инаетот меѓу партиите и на сцена да настапи политичка култура, морал и принципот на владеење на правото. Наместо тоа партиите бараат влакно во јајцето и се вртат во круг. Едните не добиваат поддршка од двотретинско мнозинство, а другите најавуваат импичмент, за кој исто така е потребно двотретинско мнозинство и сѐ така во круг на нивните партиски интереси – вели Ивановски.   

Од друга страна, професорот Светомир Шкариќ вели дека е уставна обврска уредбите да бидат ставени на одобрување пред парламентот. Ако тие не стигнат до Собранието или тоа не се произнесе по нив, тогаш остануваат во сила на неограничено време, бидејќи имаат карактер на закон и како такви Собранието може да ги дерогира, да ги отфрли, односно да им го одземе законското дејство на оние уредби за кои смета дека ја извршиле својата функција.

– Не треба да се внесува забуна од универзитетски професори дека тие дејствуваат само додека трае вонредната состојба. Уредбите се закони само што имаат назив уредба. Бидејќи имаат законско дејство, тие ќе бидат во сила сѐ додека не се укинат. Ако уредбите не ги разгледа Собранието, ако нема кворум, тогаш тие и натаму остануваат во сила. Дејствуваат и се применуваат во практика бидејќи имаат обврзувачко дејство и оној што ќе ги прекрши ќе одговара, бидејќи имаат карактер на закон – вели професорот Шкариќ за „Слободен печат“.

Во изминатиот период повеќе правници потенцираа дека уредбите со законска сила мора да бидат потврдени во Собранието, а таков став изнесе и МАНУ во својата анализа на правните аспекти на вонредната состојба што беше објавена пролетоска. Според професорот Борче Давитковски, уредбите веќе немаат важност и тие се непостоен пропис, а тоа што се спроведуваат во практика е класично беззаконие. Истото го смета и адвокатот Звонко Давидовиќ кој неодамна рече дека функционирањето на уредбите ги дерогира законските норми, а правниот систем нема одговор за новонастанатата состојба. Тој потенцира дека уредбите „се протнати на мала врата и не може да важат со години“.

Во анализата на МАНУ, Уставот не предвидува никаква обврска на Владата да ги поднесува на потврдување на Собранието кога тоа може да се состане.

„Поради таквата уставна празнина, останува отворено прашањето дали таквите прописи остануваат во правниот систем и по престанување на вонредната состојба. Во член 126 став 2 само е определено дека овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршување на вонредната состојба. Но, нејасно е кога завршува нивното правно дејство, како и тоа дали со нив се менуваат постојните законски одредби или се уредува материја која воопшто не е уредена со ниту еден закон. Единствено прифатливо би било стојалиштето дека уредбите чиешто дејство го надминува траењето на вонредната состојба може да останат во правниот систем само ако бидат озаконети, односно потврдени од Собранието“, се вели меѓу другото во анализата.

Од Собранието засега нема најави за седница на која би се разгледувале уредбите со законска сила што ги носеше Владата.

Дескоска: Претседателот постапи според Уставот

Поранешната министерка за правда Рената Дескоска смета дека  размислувањето на опозицијата за импичмент на претседателот Стево Пендаровски е најголем доказ за нивната „безидејност и деструктивно политиканство“.

„За што би поднеле импичмент? За одлуките за прогласување вонредна состојба? Па сите тие одлуки поминаа пред Уставниот суд, кој одлучи дека не се неуставни. А претседателот може да одговара единствено за кршење на Уставот и законите.  Што ќе докажува опозицијата сега? Дека има кршење на закон за вонредна состојба, кој не постои?! Апсурд! Затоа ‘дебатава’ за импичмент наликува на она ‘нишајте го бродот за нешто да се случува’. Доста е деструкција! Доста е празно политиканство! Граѓаните очекуваат напредок на реформската агенда. А списокот со задачи на таа агенда е долг“, напиша Дескоска на Фејсбук.

The post Сè е тешко кога партиите, наместо држава, водат инает appeared first on Слободен печат.


Сè е тешко кога партиите, наместо држава, водат инает was first posted on октомври 3, 2020 at 8:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....