САД се решени борбата против пандемијата на ковид-19 да ја водат сами, надвор од глобалните напори за организирана имунизација, но и со најави дека е можно избрзано да ја одобрат вакцината што ја развиваат американските фармацевтски компании.
Белата куќа објави дека САД нема да се приклучат кон глобалниот проект „Ковакс“ за развој и дистрибуција на вакцина за ковид-19 само поради тоа што иницијативата е тесно поврзана со Светската трговска организација, институција во која администрацијата на претседателот Доналд Трамп повеќе нема доверба.
Таквата одлука пристигна како шок и за светот и за Американците, бидејќи е донесена во критичен момент кога бројот на случаи на ковид-19 ја надмина границата од 6 милиони, со несмалено темпо на новозаразени во низа сојузни држави.
– САД ќе продолжат да соработуваат со меѓународните партнери за да извојуваме победа против вирусот, но нема да бидеме ограничени од мултилатералните организации под влијание на корумпираната Светска здравствена организација и Кина – соопшти претставникот на Белата куќа, Џад Дири.
Верба во Трамп
Како алтернатива на светската иницијатива, портпаролот ги истакна напорите на претседателот Трамп, кој во својот мандат изразуваше недоверба кон глобалните сојузи, а особено жестоко ја критикуваше СЗО.
– Претседателот нема да штеди трошоци за која било нова вакцина што го задоволува златните стандарди за безбедност и ефикасност од нашата Администрација за храна и лекови, што е целосно тестирана и спасува животи – истакна Дири.
Ова укажува на решеност на администрацијата на Трамп својата стратегија за борба против пандемијата да ја темели на Операцијата ворп спид, односно за забрзан развој на домашни лекови, вакцини и други мерки против ковид-19.
Две вакцини развивани од американски компании – од „Модерна“ и од „Физер-Бионтек“ – се во третата фаза од клиничките тестирања во САД, а до таа фаза кон средината на декември ќе дојдат уште две вакцини. Забрзувањето на развојот има пред сѐ политичка цел – да биде одобрена вакцина спроти претседателските избори во првата недела од ноември, со цел да се зголемат шансите за реизбор на Трамп. Кон тој заклучок води и новата изјава на портпаролот на Белата куќа.
– Под водството на претседателот Трамп, истражувањата и развојот на вакцини и терапии се напреднати побрзо од кога било досега за да се испорачаат нови и ефикасни лекови, изработени врз основа на податоци и безбедност, а не да се влечат назад од владата заради официјално сечење ленти – изјави Дири.
Проект „Ковакс“
Во изминатите месеци на пандемијата, Трамп речиси постојано им се спротивставуваше на експертите и настојуваше вината за грешките на владата да ја префрли на други, особено на Кина и на Светската здравствена организација. Во јули Трамп објави дека САД повеќе нема да бидат членка на СЗО, но со ефект од јули идната година. Ваквиот потег беше остро критикуван од конгресмените и од сенаторите од двете партии, од граѓанските здруженија и здравствените експерти, како и од сојузниците на САД. Демократскиот кандидат за претседател Џо Бајден најави дека ако победи на изборите, итно ќе ја поништи одлуката на Трамп за истапување на САД од СЗО.
Европската комисија во понеделникот објави дека ќе ѝ се приклучи на иницијативата на СЗО за развој и дистрибуција на вакцини за ковид-19 и како гаранција издвои 400 милиони евра. Комисијата притоа не разјасни дали сите членки на Европската Унија ќе се обврзат да добијат вакцини преку глобалната шема на СЗО. Генералниот секретар Тедрос Аданом Гебрејсус изјави дека на глобалната иницијатива „Ковакс“ ѝ се приклучила Германија. СЗО преговара со другите членки на ЕУ, а не се отфрлува ни можноста за приклучување на целата Унија.
– Сметам дека најдобриот начин да се совлада оваа пандемија е преку солидарност, соработка и единство – изјави Тедрос.
За проектот „Ковакс“ се пријавија вкупно 172 земји, вклучувајќи и 92 посиромашни земји што дозите за имунизација може да ги добијат преку „вакцинскиот сојуз“ ГАВИ, кој покрива поголем дел од трошоците за производство и за дистрибуција. Тие, како и другите 80 земји што самостојно ќе ги покријат трошоците, мора да официјално да се изјаснат за учество во „Ковакс“ најдоцна до 18 септември.
САД, Европската Унија, Јапонија и Обединетото Кралство уште пред иницијативата склучија договори со производители за да резервираат милиони вакцини за своите жители, наспроти предупредувањата од СЗО дека „имунизирачкиот национализам“ ќе ги истроши резервите.
Дури и водечкиот инфектолог, доктор Ентони Фаучи, не ја отфрла можноста за скратување на постапката за одобрување вакцина во САД.
Забрзано тестирање
Говорејќи за двете вакцини што се во завршната фаза од развојот и кои треба да бидат тестираат речиси до крајот на годината кај 30.000 доброволци, доктор Фаучи завчера изјави дека процесот може да се скрати ако парцијалните резултати по првите неколку недели се „исклучително позитивни или негативни“.
– Одборот за надгледување податоци и безбедност може да каже: „Податоците досега се толку добри, што веќе можеме да кажеме дека вакцината е безбедна и ефикасна“. Во таков случај, истражувачите ќе имаат морална обврска порано да ги завршат тестирањата и да ја направат активната вакцина достапна за сите вклучени во студијата, вклучувајќи ги и оние на кои им е дадено плацебо, со што би се забрзал процесот за имунизирање милиони луѓе – изјави доктор Фаучи во интервју.
Фаучи, директор на Националниот институт за алергиски и заразни болести, верува дека независните членови на одборот ќе настојуваат вакцината да ги задоволи највисоките стандарди и нема да потклекнат под политичко влијание.
Покрај „Модерна“ и „Физер-Бионтек“, и британската компанија „АстраЗенека“ објави дека кај 30.000 доброволци во САД деновиве почнала клинички тестирања на нејзината вакцина, која веќе се тестира и во Обединетото Кралство, Бразил и во Јужна Африка, а треба да биде тестирана и во Јапонија и Русија. „Оксфорд биомедика“ соопшти дека потпишал договор со „АстраЗенека“ за комерцијално производство на вакцината „AZD1222“ и дека во новиот производствен центар во Оксфорд ќе има резервирани капацитети за почетен период од 18 месеци, со можност за продолжување на договорот за уште 18 месеци.
The post САД изолирани од светот ќе се борат против ковид-19 appeared first on Слободен печат.
САД изолирани од светот ќе се борат против ковид-19 was first posted on септември 3, 2020 at 8:15 am.