Отштетата од десет илјади евра ќе ја донирам во СОС Детското дело, најави шефицата на Обвинителството за организиран криминал и висока корупција Вилма Русковска, која ја тужи ВМРО-ДПМНЕ, откако нејзиниот лик осамна во предизборните спотови на партијата.
– Најпрвин од нив побарав извинување и повлекување на спотовите додека траеше предизборната кампања, но тоа не се случи и од тие причини преку адвокат ја поднесов тужбата. Сметам дека тој износ е еден реален износ, повеќе симболичен, а доколку со правосилна пресуда ми биде досуден износот, по одбивањето на трошоците, сакам да ја донирам сумата во СОС Детско село. Во оваа пандемија малку и се заборави на оваа институција, а тие опстојуваат токму од донации на граѓани и компании, изјави Русковска.
Таа не сакаше да ја коментира најава од експозето на премиерот Зоран Заев за завршница на предметите отпочнати од СЈО, додавајќи дека сите предмети кои се во судска постапка треба да добијат завршница.
На прашањето дали за новиот оглас за пет обвинители во рамките на нејзиното Обвинителство ги преферира обвинителите што работеле во СЈО или пак работеле на предмети од организиран криминал, таа одговори тоа е прашање наменето за Советот на јавни обвинители. Огласот предвидува четири години искуство како јавен обвинител.
– Како моментален шеф на Обвинителството немам ингеренции за тоа кои обвинители ќе бидат избрани, а кои не. Истите услови треба да важат за сите, без разлика дали некој и претходно работел на предмети од организиран криминал или не. Се сомневам дека Советот на јавни обвинители ќе исполнува мои желби, секој што си ја знае работата ќе биде од корист на Обвинителството, заклучи Русковска.
The post Русковска: Парите од отштетата од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги донирам во СОС Детско село appeared first on Слободен печат.
Русковска: Парите од отштетата од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги донирам во СОС Детско село was first posted on септември 10, 2020 at 1:28 pm.