Кога бог го создавал ова место во југозападниот дел на Македонија, наречено Вевчани, одлучил да биде малку подарежлив. Па така, го дарувал со сите божествени убавини, без грам скржавлук. Го сместил на падините на планината Јабланица, на надморска височина од 800 метри, пред него го распослал Охридското Езеро, а до него го замислил градот Струга. И веројатно му прорекол дека кој тука еднаш ќе стапне, пак ќе се врати.
Маѓепсани од вевчанската рапсодија на природни благодети, архитектура, песна и игра, гастрономија, извори на чиста и мраз студена вода и луѓе со чисти и огноврели срца, тука се враќаме повторно и повторно. И секогаш ќе се враќаме во нашето Вевчани.
Не ви треба пасош, иако вевчанци имаат свои пасоши. Пасошот е црвен, а на него пишува – Република Вевчани. На првата страничка има известување: „Државјанин на Република Вевчани за време на престој во странство, може за совет, правна помош и друга заштита да се обрати до Дипломатското или Конзуларно претставништво на Република Вевчани.“
Пред да станеме државјани на Вевчани, се обративме до „Дипломатското претставништво“. На наше изненадување, уште по првата најава испратена преку „електронскиот гулаб“, нè примија.
Нè пречека градоначалникот, Сашо Јанкоски. Срдечно. Па си помуабетивме.
Мапирани се патеки за велосипедизам, за планинарење, параглајдерство; изработени се туристички карти, флаери кои ги упатуваат туристите како да го разоткријат Вевчани. Од туристите, Вевчани го посетува средно-високата класа, од странците најбројни се Холанѓаните, Германците, Хрватите, Србите, Италијанците, но всушност, секој странец што малку подолго ќе се задржи во Македонија, сигурно ќе одбере да мине барем еден ден во Вевчани. Инаку, за убаво да го видите и почувствувате Вевчани, потребни се три дена. Во план се и нови туристички проекти, меѓу кои и тури за Црн Камен и Јабланица. Тоа што најмногу ги привлекува странците тука е чистата животна средина, традиционалната македонска храна, љубезноста и гостопримството на вевчанци, изворите, карактеристичната архитектура, десетте заштитени објекти, Вевчанското Езеро кое се наоѓа на запад од селото… Во план е и промоција на „Виа Ферата“ во должина од 150 метри.
Треба ли да го спомнуваме прочуениот Вевчански карневал, обичај под маска, кој се одржува на 13 и 14 јануари? Еден од најпознатите настани во Вевчани, необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Доста е само да напоменеме дека пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2.200 години.
И, бидејќи љубовта оди (и) преку стомакот, седнавме да го почувствуваме гастрономското Вевчани. Ја одбравме легендарната „Кутмичевица“, надалеку позната по старите македонски специјалитети од органски производи – тавче гравче, ѓомлезе, вевчанска салата, вевчански гулаш, палешница, а има и одлично домашно вино. Ако навраќате таму, пробајте и од домашната пита, белото овчо сирење и селското месо. Незаборавни се.
Пансионот и ресторанот „Кутмичевица“ се сместени во прекрасна реставрирана куќа од 19 век, која ја задржала својата оригиналност. Тука несомнено ќе се сплотите со традицијата, ќе бидете сведоци на неискоренетата култура, на автентичната архитектура, како и на волшебната панорама на околните села и градови, Охридското Езеро, па сè до врвот на Пелистер.
Па, оттаму навративме да го поздравиме Бранко. Го знаете, нели? Сигурно го знаете по „Готвиме со Бранко“ (Cooking With Branko). Бранко Попоски, инаку, се разбира, вевчанец „со тапија“, популарен гастрономски блогер, ни раскажа како се подготвува золеник.
Еве што друго ни предложи да си „каснеме“ кога сме веќе во Вевчани: Вевчански кашаник, вевчански луканци, вевчански гулаш, свинско под сач, вевчански золеник, виткалник, вевчанска пита…
Уживајте во уште неколку фотографии од прекрасното Вевчани.
The post РЕПОРТАЖА на „Слободен печат“: До зајдисонце во Вевчани appeared first on Слободен печат.
РЕПОРТАЖА на „Слободен печат“: До зајдисонце во Вевчани was first posted on септември 3, 2020 at 12:30 pm.