-3.2 C
Скопје
03:43 - 23 декември, 2024

Политичкото самоубиство на Српче?

Има ли градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ – Српче право на приватност за тоа како, со кого и каде ја прави својата свадба?

Има. Доколку не сака да остане и понатаму во политиката.

Во спротивно, доколку има намера, на пример, да се кандидира за повторен мандат на својата функција во Општина Центар, неговата неодамнешна свадбена веселба претставува класично политичко самоубиство во присуство на свадбарските камери.

Бидејќи во политиката, дури и за време на свадба – а особено во време на социјални медиуми – се внимава на тоа не само со кого се жените (!), туку и каде ја правите венчавката, кои песни се пеат на веселбата, кои попови ве венчаваат и кои барјаци се вејат. Многу од виденото, најблаго речено, не е во согласност со политиките на неговата партија.

Кога сте политичар, тие приватни настани говорат повеќе за вашата политичка определба, отколку што говорите вие во работното време пред камери. Во политиката, за време на вашата свадбена веселба, вие сте одговорен и за однесувањето на сватовите и за изборот на репертоарот на оркестарот, а и за тоа кој носи маска на свадбата, па макар таа и да не се одржува во Македонија. Кога сте политичар, приватноста ви почнува само од прагот на спалната соба – а и тоа не е сосема безусловно!

Впрочем, да не одиме подалеку од Македонија: и снимките од приватниот избор на теретана на лидерот на опозицијата Мицкоски, во време на корона, му создаде големи главоболки во јавноста; за толкувањето на приватните, тајно снимени, кафеански разговори на Заев, не така одамна, истрошивме недели и месеци во политички дебати и обиди за негова дискредитација. Па, режимот на Груевски падна од власт бидејќи излезе на површина во јавноста една „депонија“ од приватна комуникација меѓу политичарите – и заради тоа што е незаконски снимана, но и заради голем дел од нејзината изговорена содржина. И самиот Богдановиќ беше на демонстрациите на Шарената револуција заради таа монументална правно-политичка индискреција.

Саша Богдановиќ е градоначалник на општината во која живеам. И во професионалните контакти, како и при една-две патемни, маалски средби што сме ги имале, секогаш бил коректен, одмерен, воспитан и кооперативен. (Патем, тој е еден од ретките политичари кои, макар и „службено“, лично ми се јавија со прашање дали треба нешто да се помогне кога пред две години ни изгоре станот на стотина метри од неговото општинско седиште.) Во политиките што ги спроведува во општината, без разлика кому му се допаѓаат, Богдановиќ покажал и цврстина и принципиелност, можеби и неочекувани за неговата возраст и политичкото искуство со кое располага: ги брани своите ставови и кога е контроверзниот мораторим за градба во прашање; не избегнува политичка конфронтација и за урбанистичките решенија што ги застапува, но и во полемиките со политичките противници кои имаат голем мерак да ја поразат неговата партија токму во „црвената општина“ со која тој сега раководи. Имено, освојувањето на Општина Центар – после градоначалничката позиција во Скопје – секогаш била на листата на најголемите изборни трофеи во локалната трка за власт во Македонија. Не е исто да си градоначалник на Општина Центар и, се извинувам, на Општина Чашка.

Токму неговата партија, СДСМ – погледајте им го, впрочем, последниот партиски конгрес, кој и по изгледот и по донесените одлуки делува како да не е од овдешнава демократска „планета“ – се обидува во Македонија да воведе политички стандарди кои се повисоки од познатата балканска политичка програма на која со децении сме навикнале, убиствено политички отпеана во строфата: „Јачи смо од судбине, нико нам ништа не може!“…

Јавноста е тој „нико“, која сè повеќе може.

Затоа, во врска со своето политичко самоубиство, Богдановиќ нема кому да му се налути, освен на самиот себе.

The post Политичкото самоубиство на Српче? appeared first on Слободен печат.


Политичкото самоубиство на Српче? was first posted on октомври 26, 2020 at 9:43 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....