3.8 C
Скопје
23:51 - 20 декември, 2024

По Илинден преговори за нова Влада, ЕУ очекува силен Парламент

Преговорите за формирање на новата Влада ќе почнат по Илинден. Тогаш, согласно законските рокови, како што соопшти СДСМ, ќе стартува процесот на дефинирање коалиција.

Европската унија очекува стабилна владина коалиција и силен Парламент. Тоа го порача вчера, преку еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји и шефот на дипломатијата на ЕУ, Јосеп Борел.

– Имајќи го предвид изминатиот период исполнет со корона криза и предизборни кампањи, СДСМ се залага во деновите до и околу Илинден граѓаните да здивнат од политичките активности на партиите. По Илинден, согласно законските рокови, влегуваме во процес на дефинирање на владината коалиција водена од СДСМ. Законските рокови ќе бидат целосно запазени, државата ќе добие функционални и легитимни институции, соопшти вчера СДСМ и информира дека од денеска, партискиот лидер Зоран Заев ќе користи неколку денови одмор.

Мандатот за составување на владата, според СДСМ, е кај Зоран Заев кој ќе биде идниот премиер на Република Северна Македонија.

Но, од намерата да формира влада не се откажува ниту ВМРО-ДМНЕ. Како што изјави лидерот на партијата, Христијан Мицкоски на првата прес-конференција по изборите, ВМРО-ДПМНЕ го има најголемиот кредибилитет да се бори за состав на новата влада.

ДУИ, пак, го повтори условот дека ќе прифати коалиција само ако премиерот биде Албанец.

Вчера пристигна и првата реакција од ЕУ за изборите, преку еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји и шефот на дипломатијата на ЕУ, Јосеп Борел. Европската унија, како што стои во заедничкото соопштение на Вархеји и Борел, очекува силен Парламент и стабилна коалиција. Унијата воедно им честита на граѓаните што го искористија своето право на глас и покрај корона-кризата.

-Очекуваме да работиме со силен Парламент и стабилна владина коалиција која треба да ги исполни стратешките цели на земјата на интеграција во ЕУ и да одговори на очекувањата на граѓаните, порачаа Вархеји и Борел.

Преку „Твитер” се огласи и поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас, упатувајќи му честитки за победата на Зоран Заев. Коментар стигна и од Секторот за меѓународни и европски прашања на грчката опозициска партија.

-Честитки Зоран Заев. Благодарение на твоите напори, пораката на храбрите прогресивни сили што се борат против национализмот, за општествена правда и мир во нашиот регион, денес стана посилна. Порака не само за Балканот, туку за цела Европа, напиша Ципрас.

СИРИЗА, пак, соопшти: „Победата на Социјалдемократската партија на Зоран Заев на парламентарните избори во Северна Македонија е уште една оптимистичка порака за иднината на поширокиот регион, по онаа од историскиот Договор од Преспа. Претставува победа на напредокот, мирот, соработката и помирувањето, не само во Северна Македонија, туку и на Балканот во целина”.

Изборите во земјава вчера ги коментираа и некои странски медиуми. Проевропските социјалдемократи победија, ќе се обидат да формираат нова влада, претстојат сложени коалициски преговори, се некои од оценките на медиумите. Се спомнува и дека „сомнителен хакерски напад” доведе до пад на веб-страницата на Државната изборната комисија по завршувањето на изборите, што го одложи објавувањето на првичните резултати, како и дека одговорноста за нападот ја презела хакерската група „Анонимна Македонија” според која „ваквиот потег е одговор на празните ветувања од сите политички партии во оваа прекрасна земја”.

Заклучок на странските медиуми е дека преговорите за формирање нова влада веројатно ќе бидат долги и полни со политичко пазарење, но дека на крајот резултатите од изборите ќе придонесат за унапредување на евроатлантската интеграција на земјата.

Со оценка за изборите вчера излезе и граѓанската асоцијација МОСТ. Според МОСТ, изборите поминаа во фер и демократска атмосфера, граѓаните слободно можеа да ја изразат својата волја, а администрацијата ефикасно го спроведе гласањето под посебни здравствени протоколи поради КОВИД-19. Хакерскиот напад, пак, на веб-страницата на ДИК, ако се земе предвид тајмингот кога е изведен, дава индиции за сомневање дека се работи за однапред испланиран обид за нарушување на довербата во изборниот процес, смета МОСТ.

Не стивнаа и партиските реакции.

Според СДСМ, граѓаните на изборите донесоа важна одлука, додека според ВМРО-ДПМНЕ, власта направи изборен фалсификат. ВМРО-Народна партија оцени дека изборите поминаа во мирна и демократска атмосфера, но и укажа на изборниот модел – дека е надминат и дека големите партии се непотребно фаворизирани, а малите претрпуваат порази несоодветни на нивните гласачки тела. Глас за Македонија, пак, смета дека овој изборен процес е најскандалозниот од постоењето на државата и бара повторно пребројување на гласовите, како и вештачење на неважечките ливчиња.

Изборите се одржаа на 15 јули, а според конечните неофицијални резултати на Државната изборна комисија, коалицијата „Можеме” предоведна од СДСМ освои 46 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ и други 44, Демократската унија за интеграција (ДУИ) 15, Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат.

The post По Илинден преговори за нова Влада, ЕУ очекува силен Парламент appeared first on Слободен печат.


По Илинден преговори за нова Влада, ЕУ очекува силен Парламент was first posted on јули 18, 2020 at 8:37 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....