Откако поминаа неколку години истражување на најразлични докази и стотина осомничени, храбриот италијански обвинител Никола Гратери се подготвува за историска судска битка против моќниот мафијашки клан Ндрангета.
Сослушувањата против членовите на таа криминална организација почнаа во петокот во италијанската престолнина, во случај каков што не е виден од „Максипроцес“ против сицилијанската Коза Ностра во средина на осумдесетите години на минатиот век.
Обвинителот Гратери живее под полициска заштита веќе 30 години
Гратери, 62-годишен маж кој е под полициска заштита во последните три децении, се надева дека ќе испрати повеќе од 450 осомничени мафијаши во затвор, поради изнуда, перење пари, киднапирање, шверц на дрога и „одмазда“.
„Ова е војна!“, изјави тој за агенцијата Франс Прес, непосредно пред првото рочиште во Рим, за случајот против единствената италијанска мафијашка група што ги рашири краците на сите континенти. Опишувајќи го случајот како „историски“, Гратари смета дека тоа е најважната правна битка во Италија од судењето „Максипроцес“, кое заврши со притворање на стотици членови на Коза Ностра. Тоа судење беше обележано со насилство. Во 1992 година, најпознатиот истражен судија, Џовани Фалконе, неговата сопруга и тројца полицајци кои го чуваа, беа убиени.
Во декември беа фатени стотици припадници на Ндрангета
Стотици криминални шефови и „војници“ на Ндрангета беа фатени во декември, во една од најголемите полициски акции против некоја криминална организација. Акцијата беше спроведена и во Германија, Бугарија и Швајцарија, а меѓу другите беа фатени и поранешни парламентарци и лидери на Калабриското здружение на градоначалници.
Со години, Ндрангета важеше за „посиромашен роднина“ на познати мафијашки кланови како Коза Ностра и неаполската Камора, но со текот на времето ги надмина и стана најмоќната италијанска криминална организација.
Етимологијата на името на таа модерна и застрашувачка група денес е непозната, но некои тврдат дека потекнува од грчкиот збор за моќ и храброст.
Ндрангета ги контролира светските мрежи за шверц на кокаин
Ндрангета ги контролира светските мрежи за шверц на кокаин, со бази во Њујорк, Колумбија и Бразил, и се инфилтрира во градежната индустрија, европските фондови, па дури и во погребниот сектор.
– „Ндрангета предизвикува голем страв поради својата жестокост и суровост. Но, во исто време, таа е многу модерна и подготвена да ги преплави европските пазари со тони кокаин“ – предупредува обвинителот.
Според бројките на италијанското судство, во светот има повеќе од 20.000 членови на Ндрангета, што заработуваат повеќе од 50 милијарди евра годишно.
Мафијата за првпат се појавила пред 150 години во Сицилија
Мафијата за првпат се појави пред 150 години во Сицилија, а потоа се прошири низ Италија и светот. Во меѓувреме, таа беше прославена со холивудски филмови. Со текот на годините, таа ги модернизираше и софистицираше своите методи.
Во исто време, безбедносните сили напредуваа во борбата против мафијата, благодарение на меѓународната соработка, споделувањето на дигитални податоци, новите технологии како што се термални камери, беспилотни летала, сајбер надзор и посветеноста на обвинителите, како што е Гратери.
The post „Ова е војна“: Започнува едно од најголемите судења за италијанската мафија, поставени се кафези appeared first on Слободен печат.
„Ова е војна“: Започнува едно од најголемите судења за италијанската мафија, поставени се кафези was first posted on септември 13, 2020 at 12:28 pm.