-1.2 C
Скопје
03:06 - 22 декември, 2024

Она кога коронавирусот ти е коалициски партнер

Никој во Македонија не може со точност да потврди кога ќе се одржат наредните парламентарни избори. Во септември, декември, другиот септември? Не знам, но знам дека главната тема во предизборната кампања ќе биде епидемијата на коронавирусот. Односно победникот ќе биде решен во зависност од тоа како и на кој начин ќе се реши актуелната криза.

Политичарите ретко кога ја делат судбината на народот, но сега тоа е така. И тие се главно затворени по дома, не можат да се мешаат со симпатизерите и активистите од своите партии, често држат прес-конференции, но и самите знаат дека ама баш на никого не му е дојдено до нивното мислење. Дојде време да се слушаат стручни луѓе наместо политичари или,  што би се рекло, некој повторно ја преврте кантата, па по површината повеќе не пливаат фекалии. Така ќе остане барем некој период.

Затоа целата дебата е спуштена на пониско ниво. Се дебатира на социјалните мрежи, каде што по секое обраќање на министерот Филипче, бликаат салви од воодушевување за „компетентноста и стручноста“ на едната страна, или клетви за „лошото воведување на вонредните мерки“ од друга страна. Двете страни ви се добро познати и не би требало посебно да се објаснува. Нивните мислења се секогаш дијаметрално спротивни, иако во суштина тие луѓе се неверојатно слични. Еден миг на инспирирање од локалниот партиски лидер, а можеби и вработување или средување на некоја ургенција, ги одвела на едната или на другата страна. Секој од својот ров нишани кон непријателскиот. Не смее да се каже погрешен збор во вербалната пресметка, со ботовска прецизност се споделуваат информациите што ќе ѝ помогнат на каузата, а ако треба и цел ден ќе се коментира по разни објави само за да се извади од небрано некој партиски функционер, кој повторно го помешал правилниот избор на зборови. Ѓаволски тешка е таа задача.

Не е лесно да си партиски бот, но потешко е кога си во позиција пред аудиториумот да глумиш независен и незаинтересиран за политика интелектуалец, кој ама баш секогаш ја поддржува едната страна, не е битно која, ама онака од позиција на самосвесен тип, даваш анализи кои собираат едно чудо лајкови од профилите, отворени на компјутерот во месната организација на партијата. Таквите никогаш нема да признаат дека се членови на некоја партија, иако пред две, четири или осум години се вработиле во министерство или јавно претпријатие, за работното место за кое во огласените услови било наведено дека кандидатот треба да има завршено географија, да е тимски играч и да е искусен копирант. Ама битно тој е независен.

Социјалните мрежи се преплавени со ботови и полуботови, во време кога нема што посебно друго да се прави, па на моменти посакувам да сум неписмен. Да не ја читам дебатата за тоа дали Филипче ќе треба да ѝ се јави на обожавателката, која во моментите кога тој го објавува бројот на заболени и починати, таа преку чат му предложува да се најдат на кафе?!

Епидемијата ќе заврши, ние ќе се вратиме на нашето секојдневие, но се плашам дека социјалните мрежи ќе останат заразени уште долго време. Ќе се вадат проценти на умрени, епитафи за промашени мерки, ќе се лицитира со разни теории и се разбира ќе се фалат министрите, градоначалниците и разните функционери, кои работејќи ја работата што се нафатиле да ја работат, не знам зошто кај дел од публиката тоа предизвикува овации. И тогаш ќе почне кампањата, каде што партиите ќе имаат само еден избор за сигурен коалициски партнер. Тоа секако ќе биде коронавирусот. Односно пустошот и очајот што вирусот ќе го остави зад себе.

The post Она кога коронавирусот ти е коалициски партнер appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....