Професор по физичко воспитување, новинар, питомец, економист, основач на невладини организации и проект менаџер. Ова се дел од вокациите на предложените заменици министри во македонската Влада за чиј избор треба да се расправа на собраниска седница во вторник. Службите во законодавниот дом ги објавија нивните биографии со цел да бидат достапни за читање и проучување од пратениците.
За заменик на Радмила Шекеринска во Министерството за одбрана е предложен Башким Хасани, професор по физичко воспитување, кој досега ја извршувал функција заменик директор на Финансиска полиција.
Назим Буши е предложен за заменик на Оливер Спасовски во Министерството за внатрешни работи. Во неговото образовно досие стои дека завршил воена академија во Задар и Педагошки факултет во Скопје, а во МВР треба да направи трансфер од позицијата претседател на одборот на директори на Телеком. Професорот на Тетовскиот универзитет, Агим Нухиу, пак, е предлог за заменик министер во Министерството за правда со кое раководи Бојан Маричиќ.
Арафат Шабани, професор по педагошка психологија и поранешен декан на Тетовскиот универзитет е предлог за заменик-министер за образование и наука. Дипломираниот одделенски наставник Енвер Хусејин од Турската демократска партија, кој досега бил и поранешен државен секретар во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) ќе оди на заменичкото место во ресорот.
Долгогодишниот новинар и уредник Зоран Димитровски, кадар на Демократскиот сојуз, е предложен за заменик на министер во Министерството за локална самоуправа. Александар Бајдевски, економист (сметководствен менаџмент) останува на местото заменик-министер за информатичко општество и администрација.
Седат Сулејмани, кој дипломирал општествени науки и работел во приватен бизнис, е предложен за заменик-министер во ресорот култура. Во својата биографија, во делот на социо-културни активности се навел како основач на невладини организации со фокусот на културата и уметноста, како и менаџер на проектите „Братството не бира граници“ и „Традиционални уметнички ракотворби“.
Дипломираниот правник и поранешен член на Судскиот совет, Беким Реџепи ќе биде заменик на министер во Министерството за транспорт и врски. Христина Оџаклиеска од ДОМ, која по викација е доктор по географски науки и планер за заштита на животната средина и природното наследство, е предложена за заменик министер за животна средина и просторно планирање.
The post Новинар, питомец, професор по физичко се дел од вокациите на предложените заменици министри appeared first on Слободен печат.
Новинар, питомец, професор по физичко се дел од вокациите на предложените заменици министри was first posted on септември 19, 2020 at 10:26 am.