Министерството за здравство најави дека од следната недела ќе почне скрининг на населението со кој ќе треба да се откриваат пациентите кои се носители на вирусот, а немаат симптоми, со цел да се спречи да го шират ковид-19 меѓу населението. Овие испитувања може да покажат и во колкав процент се стекнал колективен имунитет за новиот вирус ковид-19, што пак понатаму ќе биде важно за тоа дали може да се случи втор бран на болеста во септември. И додека надлежните преземат мерки за справување со епидемијата, на социјални мрежи се води кампања против скринингот и вакцината која за новиот вирус се уште не е ниту произведена.
„Пазете Македонци некој има намера присилно да ве тестира, тестовите законски ќе покажат сега се позитивни, ќе се прави раздор меѓу народот и поделба на пожелни и непожелни. Затоа не дозволувајте да ве тестираат и да ве стават во регистарот за вакцинирање“, се вели на профилот на извесен Владимир Бојаџиев, кој повикува да се споделува неговиот статус.
Како составен дел на постот се споменуваат и невладини организации како и медиуми кои наводно се дел од овој оваа „теорија на заговор против Македонците“. Оваа антикампања со националистички призвук се случува во време кога власта и опозицијата имаат различни ставови за тоа кога треба да има избори. Опозицијата не сака избори во брзо време со образложение дека вирусот се уште не е под контрола, додека власта бара брзи избори.
Прашањето е, кој има корист од сеењето на уште поголем страв од коронавирусот во ова време?
Сето тоа најчесто не е само обична забава на социјалните мрежи, туку се покажа како многу ефикасен начин за ширење паника и недоверба, што во услови на сериозен здравствен ризик може да направи големи штети. Доказ за тоа беше епидемијата на морбили која се случи заради нискиот опфат на децата со МРП вакцината. Во епидемијата се зголеми бројот на вакцинирани, но тоа не ги врати деца кои починаа.
Министерот за здравство е дециден дека нема никаква причина за да се води негативна кампања против скринингот.
– Нема зошто да се прави негативна кампања за скринингот бидејќи тоа е начин како да се откријат асимптоматските пациенти и да се спречи тие да го шират вирусот меѓу другата популација. Во однос на вакцинацијата, кога вакцината ќе биде готова ќе биде најбезнедниот начин за стекнување на имунитет за оваа болест како што е и со другите вакцини – вели Филипче.
Скринингот ќе почне следната недела. Центарот за јавно здравје во Скопје, заедно со Институтот за јавно здравје ќе почнат со скрининг на лица за коишто се смета дека се во критични категории како здравствени работници, вработени во градинки, вработени во домови за згрижување на стари лица, а потоа и припадници на полиција, возачи во ЈСП и таксисти, вработени во јавни служби (шалтерски работници), пациенти пред хоспитализација. Со скринингот, кој ќе се прави со PCR тестови, ќе се овозможи поквалитетна проценка за можноста за олабавување на рестриктивните мерки, но и значително ќе се зголеми бројот на тестови. Кластерите по возраст и хронични болести би биле опфатени со испитувања во натамошниот период, за да се види прокуженоста на населението од овој вирус.
The post Нов страв од короната се шири на социјалните мрежи: Пазете, некој има намера присилно да ве тестира appeared first on Слободен печат.