Граѓаните наголемо се интересираат дали ќе има ново пролонгирање на ратите за кредитите. Сегашниот рок истекува на 30 септември, а државата со Уредба во март овозможи нивно одложување за шест месеци. Банките не се откажаа од каматите, кои ќе бидат пресметани на крајот. За тоа каква е економската состојба во земјата, покажува податокот дека 70 отсто од граѓаните кои имаат кредити во банките прифатиле плаќањето да го одложат за половина година. Интересно е дека повеќе грејс период се барал за потрошувачките кредити, а во помал процент за хипотекарните, односно станбените кредити.
Банкарите велат дека сè уште е рано да се отвора темата за ново одложување за плаќање на кредитите, а на ист став е и Народната банка. Мерката завршува во октомври, а до тогаш ќе се следи состојбата која ја донесе пандемијата со ковид 19. Од Народна банка ги следат потенцијалните ризици, како и ефектите од кризата врз домашната и врз глобалната економија. И подготвени се да интервенираат доколку има такви сигнали.
Од Македонската банкарска асоцијација за „Слободен печат“, изјавија дека активно ја следат економската состојба во државата и максимално се заложуваат преку своето работење да дадат поддршка за македонската економија, како во периодот на корона-кризата, така и во посткризниот период, придонесувајќи за нејзиното опоравување.
– Доколку во натамошниот период, околностите поврзани со пандемијата на ковид-19 наметнат потреба од нови активности, членките на МБА ќе ја разгледаат можностa за понатамошна помош на населението и стопанството во услови на пандемија. Во овој момент нема услови да се предвидува развојот на настаните и да се коментираат следните активности. Македонската банкарска асоцијација е целосно посветена на изнаоѓање на решенија за надминување на проблемите предизвикани од оваа криза, велат од оваа асоцијација.
Според податоците на Народната банка, во првиот квартал од годината, 4,7 проценти од кредитите биле нефункционални, што ќе рече не можеле да се наплатат. Сепак, периодот не ги опфаќа април, мај и јуни, кога се засили економската криза поради пандемијата, што секако влијаше врз економската моќ на граѓаните. Нефункционалните кредити се први на удар за присилна наплата по четири месеци пауза. По истекот на 30 дена од престанувањето на вонредната состојба, продолжи да се применува Законот за извршување за сите отпочнати извршувања, вклучувајќи ги и предметите започнати до 31.3.2020 година, соопштија претходно од Комората на извршители. Извршителите, освен што продолжуваат да ги извршуваат блокираните сметки на граѓаните и фирмите, ќе блокираат и нови долгови, а продолжува и продажбата на запленетите недвижности. Граѓанските здруженија се категорични, велат дека државата мора да го стопира извршувањето додека трае економската криза. Од новата Влада ќе бараат повторно да се актуелизира ова прашање, оти во спротивно се можни нови протести.
Инаку, според податоците, до март биле блокирани над 106.000 сметки, од што 26.000 биле на правни лица, а 80.000 на граѓани.
The post Нема најави за ново одложување на отплатата на кредитите: Над 70 проценти од граѓаните „земале“ грејс период до септември appeared first on Слободен печат.
Нема најави за ново одложување на отплатата на кредитите: Над 70 проценти од граѓаните „земале“ грејс период до септември was first posted on јули 29, 2020 at 8:15 am.