5.8 C
Скопје
20:46 - 28 ноември, 2024

Недоречените закони отворија огромни правни дупки: Датум за избори и како до него

Уставниот суд не го врати во живот распуштеното Собрание и сега политичарите имаат нов жежок костен во рацете – датумот кога да се одржат предвремените парламентарни избори и како да се „премости“ решението на спикерот Талат Џафери за одржување на избори на 12 април. Освен правната дилема, датумот за избори зависи и од одлуката на здравствените власти колку е безбедно граѓаните да гласаат во тек на пандемија од коронавирус, за што требаше да разговараат вчера. Одговор на дел од прашањата се очекува по лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски на 12 мај, кој, пак, на 16 мај треба да реши и дали по трет пат ќе прогласи вонредна состојба од 30 дена, од што зависи практично се.

Што се прави на 61-от ден?

Ако не биде прогласена нова вонредна состојба, според Уредбата на Владата за изборите, сите изборни дејствија треба да продолжат на местото каде што застанале, а застанаа на 24 дена пред самото гласање. Дилемата е само како решението на Џафери за избори на 12 април да биде ставено вон правна сила, а да се „вметне“ новиот датум за кој ќе се  договорат лидерите кај Пендаровски. Се споменуваше Уставниот суд, каде е стасана иницијатива за оценување на ова решение поднесена од Светскиот македонски конгрес, но судот се уште на ја разгледувал, а Џафери, пак, наговести дека воопшто нема да носи ново решение, туку изборните дејствја ќе продолжат по автоматизам.

Пратеникот Рубин Земон предупредува дека претседателот на Собранието Џафери ќе направи злоупотреба на службената должност ако распише датум за избори што е надвор од уставно предвидените 60 дена од распуштањето на Собранието.

– Единствениот кој може да распише избори е претседателот на Собранието. Единствен уставен услов е дека вонредни избори се одржуваат во рок од 60 дена од распуштањето на Собранието. Сега прашање е што се прави на 61-от ден ако изборите не се одржале? Собранието е распуштено на 16 февруари и не смее да се одреди датум за избори по 16 април, кој помина. Владата или ДИК не се надлежни да кажат кога ќе биде новиот датум за избори, ниту одлуката на лидерската средба има правно дејство. Секој зборува што сака, никој не го почитува Уставот – вели Земон за „Слободен печат“.

Тој негодува дека спикерот не им одговорил писмено на иницијативата на 35-те пратеници за враќање на Собранието за да се потврди првата одлука на Пендаровски за вонредна состојба.

– Спикерот се однесува како султан во Собранието, што е резултат на Деловникот кој му дава неограничени овластувања. Тој требаше да ја одбие иницијативата со писмен акт, а ние потоа тој акт да го дадеме на оценка на Уставниот суд. Потоа со судска одлука требаше да се вратиме во Собранието, да ги поминеме предложените точки на дневен ред, да се самораспуштиме и во рок од 60 дена од новото распуштање да се одржат изборите. Ние пратениците се уште имаме мандат. Јас се уште имам пратенички имунитет. Како имам имунитет, ако немам мандат – вели Земон.

Џафери: Избoрите ќе си продолжат автоматски

Џафери објасни дека тој нема никаква обврска да им одговори писмено на пратениците на иницијативата за собирање и порача ако некој смета поинаку да му поднесе кривична пријава. Во врска со новиот датум за избори рече дека сите дилеми се решени со владината уредба која има сила на закон со која се замрзнаа изборите. Според него, ако нема трета одлука за вонредна состојба Државната изборна комисија е обврзана да постапи по роковите како што застанала, но не објасни дали тој ќе донесе ново решение со договорениот датум за изборите.

– Лидерите на лидерската ќе кажат кога е новиот датум, но нема потреба од ново распуштање на Собранието. Решението од 16 февруари со кое јас ги определив роковите и датумот 12 април е замрзнато со владината уредба и по тој принцип Владата треба да донесе нова уредба со која ќе каже дека застануваме со вонредната состојба и од утредента продолжуваат роковите. Значи роковите се замрзнати и продолжуваат утредента по вонредната состојба, со тоа се согласиле сите на лидерска средба и кој има сега аргумент да не се оди на избори – рече Џафери завчеравечер во гостување на Телма.

За дилемата со решението на Џафери неодамна универзитетскиот професор Борче Давитковски рече дека тој треба да го поништи старото и да донесе ново.

– Тоа го налага правната процедура, бидејќи решението за избори е конкретен управен акт, кое поради правна и фактичка невозможност за извршување, „виша сила“ не се спроведе на 12 април. Џафери треба да си го поништи своето решение за избори и да си донесе ново во кое ќе го определи терминот за одржување на изборите кој ќе се договара на лидерската средба. После 16 мај, кога истекува и втората вонредна состојба во Македонија, доколу не се воведе нова, почнуваат да течат изборните рокови – објасни професорот Давитковски.

Ставот на Џафери го делат и во СДСМ, каде на прашањето на „Слободен печат“ дали е уставно да се одржат предвремени изборите подоцна од уставниот рок од 60 дена го дадоа следниот одговор:

– Согласно ситуацијата, Владата донесе уредба со законско дејство за замрзнување на активностите поврзани со организирање на изборите додека трае вонредната состојба. Тоа значи дека изборните процеси се замрзнати и по стабилизирање на состојбата изборниот процес треба да продолжи онаму каде што застана. Ставот на СДСМ е јасен и непроменет: Изборите треба да се одржат во моментот кога епидемиолозите и здравствените авторитети ќе проценат дека има услови. И од здравствен, но и од економски и од демократски аспект е најдобро изборите да бидат во првиот можен момент веднаш откако состојбата со коронавирусот ќе се стабилизира.

Одговорно е во период кога вирусот е совладан, кога кривата продолжува да оди надоле, да се одржат изборите, особено со проценките  дека наесен е можно да имаме пораст на бројот на заболените или нови пикови.

The post Недоречените закони отворија огромни правни дупки: Датум за избори и како до него appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....