6.8 C
Скопје
16:48 - 26 ноември, 2024

Морничавиот звук на респираторот

Застанав пред него на повеќе од два метри. Забележав дека ослабнал некои десет килограми, дека годините му тежат, дека преживеал траума која засекогаш ќе го промени. Го прашувам како е? Дали е добро? Куртоазни прашања што му се поставуваат на човек, кој неодамна излегол од болница.

– Немој да се разболиш, зошто нема каде да се лечиш – ми вели измачениот старец, во чии очи лесно се открива стравот, на кој до пред само еден месец му немаше траг – ќе те фрлат во ковид-центар, ќе лежиш до мртовци, ќе чекаш прв тест, втор тест, па дури потоа ќе те префрлат на друго одделение. Сфаќаш ли дека јас лежев таму, иако не бев заразен. Како да не постојат други болести?  – емоциите набрзина го совладаа неговото кревко тело, па почна да се тресе целиот како да липта. Престана да зборува за момент, обидувајќи се со длабоки воздишки да ја врати контролата врз белите дробови.

– Мораше ли таму да те сместат – поставувам едно очигледно глупаво прашање, но тоа го правам полека, обидувајќи се да му дадам повеќе време за да ја поврати снагата.

– Мораше – извикна тој наеднаш – нема друг начин болен човек да добие кревет во болница. Чувствував болки во градите и дигнав висока тепмература. Матичниот лекар ме упати во болница, а таму ми рекоа дека без негативен тест на ковид-19 не можат да ме сместат на одделение. Тоа беше во петокот, но тестирањето ми го закажаа за во понеделникот, а јас немав време за чекање. Во текот на ноќта со брза помош ме однесоа во болница, каде што ми препорачаа болничко сместување. Но веднаш ми повторија дека секој пациент со покачена температура може да биде примен единствено во ковид-центарот. Немав друг излез, морав да потпишам согласнот дека сум свесен за ризикот од зараза. Ама заразата не е страшна, страшно е тоа што го видов со моиве очи.

– Страшно ли беше? – го поставив второто глупаво прашање по ред.

– Првата вечер ме сместија во четирикреветна соба. На соседниот кревет лежеше безживотно тело на една жена. Веројатно веќе беше почината кога влегов во собата, не знам. Другиот ден со се кревет ме префрлија во поголема соба. Тогаш и прв пат ми направија тест. Резултатот пристигна по два дена. Негативен! Но тоа не беше доволно. Од таму се излегува со два теста. Последната вечер лежев со уште тројца во собата, кои беа врзани на респиратори. Цела ноќ око не затворив. Морничавиот звук од тие проклети машини засекогаш ќе ми остане врежан во сеќавањето. Гледаш како нечии души излегуваат од телата, а нивните животи се гасат како догорени свеќи. Пет дена поминав на тоа грозно место. А знаш ли што најмногу ме лути?

– Што? – прашувам автоматски.

– Тоа што и натаму има неодговорни луѓе. Идиоти! Луѓе на кои никако да им стане јасно дека буквално се коцкаат со животот. Дел од болните се опоравуваат, но дел запаѓаат во сивило. Се борат за воздух, умираат. Никаде немој да одиш без маска, те преколнувам!

– Да, разбирам – одговарам јас механички.

– Ништо ти не разбираш – подвикна тој – ништо ти не знаеш. Мораш да ми веруваш. Пет дена поминав во пеколот. Како пет години изгледаа тие пет дена. И на мене не ми беше ништо. Оздравев, се залечив. Не ме врзаа на тие проклети машини. Само го гледав ужасот од страна. И тоа е премногу за еден живот.

Го отпоздравив, му посакав добро здравје и си заминав. Секако дека идиоти има многу, констатирам самиот, додека во глава ми вртат зборовите на старецот, за звукот на респираторот, за гаснењето на животите. Несвесно го отварам телефонот и ја читам веста во која пишува дека на жива свирка во Центар имало стотици луѓе, кои без маски, со часови се гужвале. За многумина од нив си велам веќе е доцна. И тие ќе влезат во тоа грозно место, каде доминира звукот на респираторот.

The post Морничавиот звук на респираторот appeared first on Слободен печат.


Морничавиот звук на респираторот was first posted on октомври 5, 2020 at 9:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....