3.8 C
Скопје
03:15 - 17 ноември, 2024

Матичните лекари ќе станат и патронажна служба, а специјалистите ќе работат и како матични

Во програмата за работа на новата Владата, покрај активности и мерки кои се планираат во другите сфери на општеството, има и најава за промени во секторот на јавно здравство. Државните болници се рак-рана за пациентите, а општ е впечатокот дека здравството секоја година е во полоша состојба од претходната. Највидлива придобивка овие години е укинувањето на квотите на лекови.

Д-р Александар Митов, кој беше и советник во владата за здравствени политики, вели дека во програмата на Владата за здравство паѓа во очи дека речиси сите поголеми проблеми се таксативно наброени, но недостасуваат прецизни информации за начинот на реализација и финансирање.

Во групата на веќе најавените инвестиции во здравствениот систем е онаа тешка 33 милиони евра финансирана од Светска банка за реновирање на одделенијата за интензивна нега со модерна опрема, кревети, респиратори, рентген машини, што е веќе во тек. Во делот на неизбежните ветувања е зголемување на платите на здравствените работници и соработници до 10%, но сега фокусот е ставен на медицинските сестри кои до 2024 година ни помалку ни повеќе треба да стигнат до просечна плата.

Веќе слушнато е и ветувањето за платен работен стаж за секој нов млад лекар, како и паричен надоместок како стимулација. Сите лекари на специјализација со живеалиште надвор од Скопје кои го немаат решено станбеното прашање ќе добијат субвенција од 12.000 денари месечно. Се најавува и нов модел за системски промени во начинот на плаќање на примарната здравствена заштита, чија имплементација како пилот проект почна во време на епидемијата и за што матичните лекари имаа многу забелешки.

Дел од програмата е и ветувањето кое го слушаме десетина години, а кое значи воведување целосно електронско здравство, без користење на хартиени форми на документи. Зелената книшка досега неколку пати ја испраќавме во историјата и ја враќавме назад.

До крајот на годината се најавува воведување на апликацијата „Мое здравје“ со која за секој граѓанин ќе се обезбедат електронски поврзани податоци и историјат на дијагнози и терапии. Со тоа, граѓаните ќе имаат подобар увид и грижа за сопственото здравје. До крајот на мандатот на оваа влада сите болници и здравствени домови ќе се направат енергетски ефикасни, а ќе се реновираат сите вакцинални пунктови и најстарите одделениjа во болниците. Годинава ќе се обезбедат 70 нови возила за итна медицинска помош. Ќе се воспостават три нови пункта за итна медицинска помош на подрачјето на град Скопје, а времето на одговор на итна медицинска помош ќе стане до 10 минути во урбани и до 20 минути во рурални средини.

Дел од програмата е и неизбежната изградбата на новиот Универзитетски клинички центар во Скопје, како и реконструкција, проширување и опремување (вклучително и неопходен кадар) на клиничките болници во Тетово, Битола и Штип. Ќе се направат овие центри многу поефикасни и подостапни на граѓаните со воведување на проект „Телемедицина“.

Се наведува и дека ќе се развиваат капацитети за долготрајно лекување и нега на хронични болни, особено за стари и неподвижни лица во тешка состојба, но нема информација како, каде и кога. Неискористените болнички капацитети ќе станат во домови за стари лица.

Докторите од примарна здравствена заштита во места каде што недостасуваат лекари ќе можат да работат и да даваат услуги (дежурства, итна помош, вакцинални пунктови и патронажа) за што дополнително ќе бидат платени. Исто така, докторите од здравствените домови ќе можат да регистрираат пациенти како матични лекари.

На агенда се и млади лекари кои ќе добиваат стимулации за да работат во рурални средини, а се ветува и ревизија на Мрежата за секундарна стоматологија.

Во програмата не е заборавено  ниту ветување за редовно ажурирање  на позитивната листа на лекови, иако во претходниот мандат не се успеа да се формира комисија која треба да го направи тоа. Ќе се направи и систем за следење на потрошувачката на лековите преку следење на секоја кутија на лек со cloud систем. Ова го најавуваше и сега поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев, кога тврдеше дека некои аптеки ги препродаваат во странство лековите на рецепт.

Д-р Александар Митов, кој беше советник во владата за здравствени политики, оценува дека оваа програма е амбициозен и релативно тешка за реализација, особено ако се имаат предвид трендовите од изминатата деценија.

– Амбицизноста се гледа и во финансиските параметри (пример, планот за изградба на Клинички центар ќе бара огромни средства, кои во светлото на пандемијата и поврзаната криза нема да е лесно да се обезбедат), но и од организациски аспект (пример, спроведувањето на регионализацијата, проект за кој се дебатира барем 10 години наназад, но ни малку нема да е лесен за спроведување). Дополнително, неповолните регионални трендови по однос на миграција на здравствената работна сила уште повеќе ќе ги усложнат состојбите – вели Митов.

Во програмата се добро наброени речиси сите покрупни проблеми, но главниот предизвик е како тоа таксативно набројување на што се’ ќе биде реализирано, да се операционализира, да се преведе во акциски планови година по година, да се поврзе со буџетите на соодветните институции.

– На пример, залудно планирате „проширување на позитивната листа на лекови” ако дополнителните средства прецизно не ги додадете на буџетот на Фондот. Конечно, нешто што го нема сега, а го немаше и порано, е јасно поставување на приоритети во здравството. Ако се знае дека ресурсите се силно ограничени, како што се, вие мора да знаете што ви е прво, што ви е второ, што трето и што спаѓа под останато. Во спротивно демне опасноста да се распрснете над сите наброени проблеми, а заради недоволната фокусираност реално на терен да не се осети прогрес во ниту еден сегмент – вели Митов.

 

The post Матичните лекари ќе станат и патронажна служба, а специјалистите ќе работат и како матични appeared first on Слободен печат.


Матичните лекари ќе станат и патронажна служба, а специјалистите ќе работат и како матични was first posted on септември 4, 2020 at 9:44 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....