Откако јавноста беше разбранувана од скандалозната група „Јавна соба“ на мобилната апликација „Телеграм“, каде што се споделуваат порнографски фотографии на малолетнички од Македонија, полицијата побара од руската фирма групата да биде избришана, но вчера таа беше активна под ново име и со редуциран број членови – од 7.400 на 4.000. Во групата има сè и сешто – автентични разголени фотографии монтирани на девојчиња, вистински фотографии поврзани со вистински идентитет на малолетнички, телефонски броеви со повици за секс со малолетничките, а од вчера се споделуваат и искуства од користење марихуана и кокаин.
Во групата „Јавна соба“ имало 7.400 корисници, поточно воајери од Македонија, меѓу кои имало бизнисмени, поранешни политичари, менаџери на кафулиња… кои сакале да гледаат разголени малолетнички, чии фотографии биле добиени преку приватни пораки или „здиплени“ од Инстаграм.
Скандалот го обелодени професорка од едно средно училиште во Скопје, која дознала дека учениците членуваат во „Јавна соба“ и ги коментираат експлицитните содржини на нивните врснички.
Полицијата ги има сите телефонски броеви на луѓето што се вклучиле во групата, но од извори во истрагата дознаваме дека самото членство не мора да повлече и кривична одговорност. Ќе одговараат само оние што ги споделувале фотографиите, ако истрагата покаже дека се виновни. Вчера во Бирото за јавна безбедност се утврдуваа мерки за истрагата, која ја спроведува секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во МВР во координација со јавното обвинителство.
– Кога малолетничка од дванаесет-тринаесет години ќе дознае дека лажна порнографска фотографија или видео се „намонтирани“ на нејзиното име и презиме и споделувани меѓу еден куп луѓе преку интернет, може да дојде до голема траума, па и до самоубиство – вели основачот на првата детска амбасада „Меѓаши“ Драги Змијанац, за „Слободен печат“.
Тој за сајбер-насилството, како во групата „Јавна соба“ на апликацијата за мобилен телефон „Телеграм“, вели дека е пример за морална деградација на целото општество во кое децата се препуштени самите на себе.
Познат е и администраторот на групата, кој наместо своја, користел фотографија од малолетник, иако имал околу 40 години. Тој вчера изјави дека првичната намера му била во групата да се споделуваат смешни видеа, но ситуацијата излегла од контрола и групата се претворила во порнографско гнездо, во кое постојано се приклучувале нови луѓе, со нови содржини, а неговите обиди да ја затвори, биле неуспешни.
„Телеграм“ е апликација за мобилен телефон креирана од двајца Руси, кои во текот на годините го селеле седиштето на апликацијата во повеќе европски градови, за на крајот да завршат во Дубаи. Една група на „Телеграм“ може да порасне и до 200.000 членови.
Директорката на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска за „Слободен печат“ вели дека и во оваа институција е отворен случај за „Јавна соба“, иако ниедна жена не им се јавила да се пожали дека ја има во пораките.
– Ние сме имале индивидуални случаи, кога девојки ни се пожалиле дека поранешните момчиња им ги објавуваат секс-видеата од минатото на Јутјуб. Ова делува мошне трауматски. Се оди и на двојна виктимизација, на прашања зошто девојката се сликала. Никогаш не се гледа другиот аспект, дека жените ќе бидат засрамени, повредени. Затоа е потребен мултисекторски пристап и да постои сексуално образование – ни рече Пировска.
Цветковиќ: Фотографиите се стари!
Директорката на коалицијата „Маргини“, Ирена Цветковиќ, коментирајќи го скандалозниот феномен со фотографиите за „Утрински брифинг“, рече дека дел од нив се стари и веќе проциркулирани на ниво на училишта или населби.
– Имаме генерациска дистанца со најмладите. За нив интернетот е речиси еднаков на реалниот простор и ние не можеме да имаме апсолутен увид. Мерките од типот проверувајте им ги телефоните, не им ги давајте, ставајте камери во училниците, едноставно во овој случај не резултираат со плод. Сметам дека треба да видиме што направиле поразвиените општества за сузбивање на ова поле. Да видиме кои мерки се успешни, да експериментираме и да најдеме начин – рече Цветковиќ.
Одземање на родителското право!
Татјана Стојаноска Иванова, доктор по социолошки науки, веќе трета година ги интервјуира девојчињата што на некаков начин биле жртви на меѓуврсничко насилство. Резултатите до кои дошла, а кои се објавени во книгата „Социолошки, психолошки и педагошки аспекти на меѓуврсничкото насилство“, се фрапантни.
– Последиците се страшни, посебно во малите места. Се забошотува работата, родителите им велат на своите ќерки да не кажуваат, да не разберат соседите. Самодовербата на овие девојчиња е уништена, емоциите отапени, тие не можат да се снајдат во општествената средина – ни изјави Стојаноска Иванова.
Таа апелира да се создаде национална стратегија за антибулинг и меѓуврсничко насилство. Според неа, феноменот е многу позастапен отколку што се зборува, а реакцијата е многу блага. Како дел од решението на проблемот, го гледа поставувањето на програми на компјутерите на малолетниците, кои ќе ја блокираат порнографијата. За случајот „Јавна соба“ смета дека сите имиња и презимиња на корисниците на групата треба да се објават јавно, да се поднесат пријави и да се објават јавно.
– Без санкции не правиме ништо! Родителите треба да се казнуваат. Ако некое дете третпат направи вакво насилство врз врсник, тогаш на родителот да му се одземе родителското право – предлага социологот Татјана Стојаноска Иванова.
The post Малолетничката порнографија виртуелна, жртвите реални! appeared first on Слободен печат.