Ете што била работата со спотот на Чулев: да се направи долг круг на полициските возила околу електро-крстот во Аеродром, за да знаат сите нехристијани во земјава (Шиптарите, бе!) дека МВР, со официјален спот платен од Министерството за Денот на полицијата, е тука за да ги чува каурите… За да си немаме недоразбирања, да не мора и војводата Ч(а)улев (вториот голем полициски круг околу неговиот споменик со коњот, снимано од два различни ракурси) да припукува од кубурот!
Замислете ги реакциите во (етно-)македонската јавност некој во МВР да снимеше промотивен спот на кој патролните возила ќе вртеа во круг околу споменикот на Скендербег кај Стара чаршија, откако претходно ќе се свртеа и на кружниот тек околу оној метален двоглав орел во Топаана… Каурите, претпоставувам – со право – ќе полудеа! Партијата на Чулев непрекинато ќе држеше хистерични прес-конференции барем две-три недели. Море, до денот на изборите!
Оваа пригодна рекламна видео-минијатура е уште едно адекватно потсетување за тоа какво ќе си биде МВР, а и Македонија, ако се врати на власт ВМРО. Сосе онаа несреќна жолта „чадна“ бомба на полициската демонстрација што ги задуши гостите на прославата – на едни слични демонстрации, на времето, имаше и ранети новинари, ако памтите…
А уште таа бомба не отчади, кога вчера – пригодно, за време на Денот на полицијата – му го запалиле автомобилот на еден средно-висок полициски оперативен функционер во Скопје. Како и за палежите во Штип, и за овој подметнат пожар во Скопје добро упатени кругови се на мислење дека стојат одмазднички намери на скопското криминално подземје со развиени илегални интереси на пазарот на наркотици. Претпоставувам дека истрагата и за овој кривично-правен настан сè уште ќе биде „во тек“ и во наредните неколку години.
Тоа е обично така кога во полициската работа се вмешува криминалното политичко подземје. Додека полицајците приведуваат и казнуваат за неносење заштитни маски, крупните криминалци се чувствуваат доволно заштитени за време на полициски часови да палат „конкурентски“ возила, па и на полициски службеници. Зошто? Бидејќи полицајците, поединечно, се плашат од моќта на ова подземје, а знаат дека никогаш нема да добијат институционална команда со нив темелно да расчистат. Како што некој ги манипулира испадите на „Војводите“ и „Комитите“ за политички потреби, така и крупните криминалци се користат (и се штитат) за политички интереси. Некому Арачиново и Грчец, некому Белизе и Будимпешта, топографијата е неважна за политички (и полициски) заштитената криминалната географија.
Сепак, не треба да се мисли дека само во Македонија е така. Популарноста на српската криминално-полициска серија „Јужни ветар“ е толку голема бидејќи се однесува, буквално, за половина Балкан + Италија. Антихероите од таа серија се хероите и за нашето полициско (и политичко) подземје. Само што е тоа одлична кинемаатографија, а ова е реален живот, каде запалените автомобили не се дел од филмска сценографија.
Како што и сценографијата на онаа вчерашна струшка литургија среде епидемија е дел од истата животна сторија овде: иако е контекстот поинаков, суштината и на непревземањето на полициски мерки да се спречи таа верска процесија е иста, политичка, бидејќи некој бескрајно неодговорен проценил дека поповите (како и криминалците) се над законот и над здравјето на нацијата.
Да немате сомневање, за жал, таквите неодговорности и некој невин ќе ги плати со живот.
The post Лош Ден на полицијата appeared first on Слободен печат.