2.8 C
Скопје
17:38 - 24 декември, 2024

Лекарите меѓу вирусниот чекан и изборната наковална

Лидерите на политичките партии денеска ќе се сретнат кај претседателот Стево Пендаровски и преку квазиинституцијата наречена лидерска средба ќе се обидат да ја одредат блиската иднина на Македонија и на нејзините жители, иако се категорични дека тоа не зависи од нивните одлуки, туку исклучиво од здравствените власти. Комисијата за заштита од заразни болести вчера не го доврши состанокот на кој требаше да дадат препорака дали има услови да се одржат предвремените парламентарни избори или нема, а во Државната изборна комисија владее разногласие за тоа дали прекинатите изборни процеси треба да почнат од почеток или да продолжат каде што застанале.

На 16 мај истекува втората одлука на Пендаровски за прогласување вонредна состојба поради пандемијата на коронавирусот, а тој најави дека нема да донесе трета таква одлука ако не попушти здравствената криза, но деновиве бројот на новозаразени е во пораст. Дополнително, двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат различни ставови кога треба да се гласа, првите бараат во јуни, а вторите некогаш во иднина.

Во вакви напнати политички околности што се на чекор од политичка криза, лидерите денеска треба на иста маса на културен начин да се договараат за изборниот датум, додека граѓаните се во општа напнатост од сериозната здравствена и економска неизвесност. Состојбата е од скоро зачинета и со нелегално прислушувани разговори на Зоран Заев и на Христијан Мицкоски, кои повторно кружат по јутјуб-канали, а медиумите „случајно“ ги откриваат и ги реемитуваат.

Секој ден нови надмудрувања

Претседателот на СДСМ Заев инсистира на избори во средината на јуни, оти смета дека наесен, поради можноста од нов бран на коронавирусот, нема да можат да се одржат избори, а тоа, пак, ќе доведе до уставна криза.

– Потребни се избори во првиот момент кога ќе се создадат услови. Ако бројот на новозаразени се намалува, а кризата е под контрола, брзите избори се најдоброто решение од здравствен, економски и од политички аспект. Наесен се очекува нов бран на вирусот, во јули е премногу жешко. Ако вирусот се повтори, ќе останеме надвор од уставните можности за организирање избори. Потребни ни се кредибилни и функционални институции, треба да се надмине економската криза. Затоа ќе предложам изборите да се одржат во средината на јуни. Очекувам да зборуваме за начинот на кој ќе се води предизборната кампања и дека здраворазумски и одговорно ќе ги донесеме одлуките – рече Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски рече дека одбива да разговара на таа тема „како на зелен пазар“, туку сака да се донесе издржана одлука и да се овозможи изборите да бидат фер и демократски. Тој вели дека „изборите не му се прв, туку четврти приоритет“, а пред нив се борбата со коронавирусот, економската состојба и условувањата од Бугарија за македонскиот пат кон ЕУ. Тој најави дека на лидерската средба ќе бара прво да се разговара на овие три теми, а потоа за изборите.

– Сакам да ги слушнам експертите, лекарите, да го слушнам претседателот на ДИК да каже колку денови му се потребни. Ќе настапиме со принципиелни ставови на лидерската средба. Сакаме избори во летото, ни треба нова власт што ќе знае да се справи со последиците од здравствената криза, ама основен приоритет е здравјето на граѓаните – рече Мицкоски за ТВ Телма.

Вчера се огласи и претседателот на ДПА Мендух Тачи, кој смета дека изборите треба да одржат во јуни за да се заздрави економијата во наредниот период.

– Треба да имаме избори на дваесетина дена по празникот Бајрам (24 мај). Многу е важно да има избори затоа што покрај оваа битка со вирусот, ни претстои уште една голема битка за економско заздравување на нашиот народ – рече Тачи.

Минатата седмица од ДУИ се изјаснија дека изборите може да се одржат кога било ако се исполнети два услова, да не е загрозено здравјето, а гласањето да го набљудува ОБСЕ/ОДИХР.

Што рекла Венецијанската комисија?

Покрај разногласието во ДИК, нов момент во проблематизирањето на изборниот датум е и мислењето на Венецијанската комисија.  ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Комисијата наложила избори да се одржуваат 60 дена по завршувањето на вонредна состојба, а СДСМ укажува дека тоа мислење е упатено кон Грузија, поради таквите нејзини уставни одредби.

– Треба да се разгледа и документот на Венецијанската комисија, според кој треба да поминат 60 дена од завршувањето на вонредна состојба до избори, наспроти ставот на министерката за правда и членка во Комисијата Рената Дескоска дека нема таква препорака за Македонија – рече Мицкоски.
Пратеничката Снежана Калеска Ванчева вчера го обвини Мицкоски дека лаже затоа што е исплашен од наближувањето на изборите.

– Мицкоски се плаши од волјата на граѓаните, тоа е видливо и тоа е јасно и затоа пласира бројни невистини. Последна лага на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ е дека наводно Венецијанската комисија наложила државите да организираат избори ако се поминати 60 дена по завршување на вонредната состојба. Тоа воопшто не е точно и дополнително таква препорака не се однесува на нашата земја туку само на Грузија, поради одредби во нејзиниот Устав. Да го подучиме Мицкоски, нашиот политички систем функционира по Уставот на Република Северна Македонија, а не по Уставот на Грузија. Самиот Извештај на Комисијата започнува со реченицата: „Не постои формално правило во меѓународното право што ќе им забрани на државите да одржуваат избори или референдум дури и за време на вонредна состојба“. Уставот на Грузија предвидува дека по воена или вонредна состојба нема да се спроведуваат избори пред истекот на 60 дена. Но, ВМРО-ДПМНЕ или не знае или се прави дека не знае дека во нашиот Устав нема такво нешто – рече Калеска Ванчева.

Таа додаде дека нашиот Устав определува дека избори не може да има само за време на вонредна или воена состојба, кога се продолжуваат мандатите на пратениците и на претседателот.

ВМРО-ДПМНЕ експресно ѝ одговори на пратеничката со соопштение, во кое посочи дека  СДСМ ги чита мислењата на Венецијанската комисија согласно со нејзините теснопартиски интереси. Оттаму додаваат дека деновиве и ОБСЕ излегло со официјален став дека избори во време на пандемија можат да ги загрозат меѓународните стандарди.

„Сите релевантни меѓународни организации се мошне внимателни кога станува збор за одржување избори во пандемиски услови, само СДСМ сака да лови во матно, да ги занемари сите европски укажувања и да ја турка државата во уште поголема неизвесност и штетни последици по здравјето на луѓето“, се вели во партиското соопштение.

На лидерската средба се поканети лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, БЕСА и на Алијансата на Албанците. Поканет е и претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој смета дека по завршувањето на вонредната состојба, ДИК веднаш треба да продолжи со организација на изборите, онаму каде застанаа кога изборите беа замрзнати на 22 март.

 

The post Лекарите меѓу вирусниот чекан и изборната наковална appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....