3.8 C
Скопје
18:37 - 18 декември, 2024

Корупцијата и условите за членство во ЕУ

Завчерашната посета на новиот еврокомесар за проширување, Верхељ и пораките што ги пренесе укажуваат на една мошне јасна работа – поддршката за брзо започнување на преговори за членство воопшто не ги намалува очекувањата во поглед на реформите кои треба да ги испорачаме. Тој вчера повторно го потенцираше – законот за Јавно обвинителство како непоколеблив услов за почнување преговори. Ако ги разгледаме последните укажувања од ЕУ, условите од 2018 година и речиси сите релевантни извештаи од меѓународните организации ќе забележиме дека тие најчесто се фокусираат на две, меѓусебно зависни области – владеење на правото и борба со високата корупција.

Имаме напредок

Веднаш треба да потенцираме дека причините за недобивање датум се многу подлабоки, покомплексни и од пополитичка природа, но неиспорачувањето на ова поле само ги засилува противниците на проширувањето и ја зајакнува аргументацијата на нивните ставови. Од друга страна, ние постојано велиме дека има голем напредок во борбата против корупцијата и дека ако денес функционерите ја злоупотребат власта, ќе одговараат за тоа. Истовремено, мораме да земеме предвид дека реалното чувство на живеење во Република Северна Македонија не е доволно убедливо за граѓаните дека државата ефективно се справува со овој проблем. Довербата во институциите е ниска, резултатите од нивната работа ги нема, а и кога ги има се невидливи и секогаш проследени со многу потешкотии и манипулации на правниот систем до ниво кое е навредливо за граѓаните кои веруваат во и се бореа за правда.

Затоа, со право треба да се прашаме – што точно ова значи? Дали навистина имаме напредок; дали може да имаме напредок, а да немаме забележливи резултати; и што треба да направиме за да почнеме ефективно да се справуваме со проблемот на високата корупција и воедно да ги исполниме очекувањата на ЕУ?

Дали имаме напредок? Несомнено. Високата корупција е онаа која се случува во највисоките нивоа на државната и на локалната власт. Кога говориме за висока корупција, најчесто говориме за местење на големи тендери, а не за случаи на подмитување полицајци или јавни службеници за сообраќаен прекршок или за завршување работа на некој од шалтерите.

Напредокот што го имаме постигнато е најочигледен преку Законот за спречување и борба со корупцијата – неговото усвојување и законскиот текст се примери за квалитетен легислативен процес и производ и тоа не смее да се занемари. Но, проблемот со високата корупција е многу покомплексен и не може да биде опфатен со еден закон. Мора да се направат уште низа измени во многу други закони за да се заокружи системот за борба со корупцијата. Тука, најголем, но не и единствен пример е законот за Јавно обвинителство, чија цел е да воспостави обвинителски механизам на гонење на случаите на висока корупција, кој ќе ужива поголема независност во своето постапување. Затоа ЕУ го користи токму овој закон како репер за реформите во борбата со високата корупција – бидејќи треба да го воспостави првиот траен независен механизам за прогон на ваквите случаи.

Дали може да имаме успех, а да немаме видливи резултати? Може. Новиот Закон ја воспостави и новата Антикорупциска комисија, со нов состав, овластувања и надлежности. Со нова практика на дејствување. За првпат во нашата држава имаме контролни механизми што поведуваат (и успешно завршуваат) постапки против функционери во актуелната власт. Новата практика е забележлива и во обвинителството и денес, иако се уште може да се случи и се забележуваат индиции на злоупотреба на власта, тоа воопшто не е на нивото на кое беше пред неколку години, ниту може да помине незабележано или непроцесирано како што можеше пред неколку години.

Проблемот е во видливоста на резултатите во борбата против корупцијата, а тоа се мери само на еден начин – преку ефектуирани судски пресуди. Затоа и ова беше наведено и како услов од страна на Европската комисија за добивање датум за преговори. Тука работата е многу покомплицирана и не може да се реши само со политичка волја на извршната и законодавната власт.

Да си признаеме

Прво, резултатите што ги чекаме се однесуваат на случаи од претходната власт, во време на немање и нефункционирање на никакви контролни механизми, кога и самите докази за сторените дела се релативно оскудни, иако мошне убедливи.

Второ, очигледно е дека влијанието на фамилијата во правосудството сè уште е мошне присутно и силно. Секојдневно сме сведоци на тактиките на одбраната за попречување на рочиштата, каде што не се избираат средства, техники и методи.

Трето, дури и кога некој случај ќе ги помине сите овие премрежја, повторно имаме ризик дека криминалците ќе ја искористат порозноста на системот која сами ја креираа и ќе побегнат од обврската за издржување на затворските казни.

Затоа, иако нашиот напредок е значаен, можеме да кажеме тека тој сепак е на превентивно ниво – во насока на спречување на злоупотреба од сегашната власт и воспоставување на одржливи механизми за справување со корупцијата во секоја идна власт. Ова воопшто не треба да се занемари, но, за жал, значи дека треба да правиме разлика помеѓу постигнатиот напредок во борбата со корупцијата и видливите резултати во постапките против поранешните функционери.

На крај – што треба да направиме за да можеме да кажеме дека ефективно и трајно се справуваме со овој проблем? Треба да си го признаеме проблемот. Ама онака, искрено и вистински да си признаеме дека нашата држава е изградена преку клиентелизам и корупција. Дека тие, во различни нивоа и облици, сè уште се присутни во речиси секое ниво од државната и локалната власт и дека подмитувањето полицаец за сообраќајна казна е еднакво општествено деструктивно, како и местењето милионски тендер. Секој напор кон системско решавање на овој проблем ќе резултира со уште поголем отпор од системот кој треба да се коригира. Најважно од се, оваа битка нема да биде ниту кратка, ниту лесна. Ќе биде валкана, мачна и долга. Дури тогаш ќе можеме да најдеме задоволство во фактот дека по долго време, ние се движиме во вистинската насока и полека, но сигурно, се претвораме во вистинска европска држава.

The post Корупцијата и условите за членство во ЕУ appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....