Тројца пациенти, корисници на услугите на домот за стари лица ,,Астреон” од Радовиш, со покачена телесна температура и со бронхопневмонија се префрлени на Инфективните одделенија во Штип и во Скопје. Од нив, двајца се позитивни на коронавирусот, потврди за ,,Слободен печат” директорот на оваа приватна установа, Илија Захариев. Покрај нив, во радовишкиот оддел на ,,Астреон” заразени со коронавирусот се и една медицинска сестра која работела со пациентите, како и хигиеничарката. Како што тврди директорот, нултиот пациент што го донел коронавирусот во ,,Астреон” била хигиеничарката, која пак се заразила од сопругот, надвор од установата.
– Уште пред да им се потврдат позитивните резултати, најкритичните пациенти ги префрливме во Штип и во Скопје, во Козле. Тие имаа покачена телесна температура и бронхопневмонија. Од тројцата пациенти, позитивни на коронавирусот излегоа двајца. Во установата коронавирусот влезе откако се зарази сопругот на вработена кај мене. Таа не извести, меѓутоа многу доцна, кога и самиот нејзин сопруг бил испратен на тестирање за коронавирусот, а претходно се лечел на матичен лекар. Ние дознавме многу доцна и немавме време да ги изолираме ниту вработените, ниту пациентите. Моментално сите се тестирани, и вработените и пациентите, имаме 32 корисници на услугите. Сите ги тестиравме во петокот и очекуваме резултатите да бидат готови или денеска или утре, изјави Захариев.
Екипа од епидемиолози од Центарот за јавно здравје Штип, извршила увид во старскиот дом, по што им биле дадени насоки на вработените да дезинфицираат, да одржуваат дистанца од два метри и да носат маски.
– Дојдоа од ЦЈЗ Штип и ни дадоа мерки и инструкции. Да се одржува дистанца, да се дезинфицира целиот простор, да се изолираат личностите што се заразени и каква терапија да им се дава ако покажат симптоми. Ниеден од нашите корисници што се во ,,Астреон” моментално нема симптоми. Дури и еден од пациентите што го испративме во штипската болница на инфективното одделение со температура, излезе негативен. Во Радовиш луѓето беа поопуштени бидејќи немавме ниеден заразен едно време, па препораките и мерките не се почитуваа многу доследно. Порелаксирано си ја сфаќаа работата, оценува директорот.
Во врска со тоа како семејствата на пациентите ја прифаќаат оваа ситуација, Захариев тврди дека тие имаат разбирање и не се конфликтни.
– Знаат дека не е наша грешка. Секому може да му се случи, особено сега, кога има локална трансмисија.
Без разлика на се, пациентите ќе останат во домот и ќе бидат третирани за тековните медицински состојби, а ако некој развие симптоми веднаш ќе биде препратен во штипската или струмичката болница. Сепак, Захариев тврди дека во струмичката болница покажувале отпор да ги хоспитализираат нивните пациенти поради преголема оптовареност на капацитетот. Полно било и штиското инфективно одделение.
Директорката на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, доктор Салија Љатиф Петрушовска тврди дека во установата што ја раководи нема ниту еден пациент со коронавирус. Позитивна е една вработена, но таа е изолирана, повлечена од установата во изолација и без никакви симптоми. Во оваа установа многу строго се следат сите протоколи за работа и заштитата е на исклучително ниво. Уште од самиот почеток на пандемијата, установата воведе забрани за посети, а ако кај некого се појавеле симптоми, веднаш бил изолиран во посебна соба каде му се правел тест. Болничките објекти во оваа геријатриска установа се поделени на зелена жолта и црвена зона согласно опасноста и тоа со означена патека на движење и упатство за носење заштитна опрема согласно зоната во која се наоѓа вработениот.
Во светот пак, ваквите установи не останаа ,,недопрени од вирусот, туку напротив, оставаа тешки последици. Во Италија и во САД, од вкупниот број на смртни случаи кои починале од Ковид 19, дури високи 45 проценти зазема геријатриската популација сместена во установи. Затоа се апелира владите да обрнат големо внимание кон овие установи кои многу лесно може да преминат во жаришта на инфекција и притоа пациентите најчесто завршуваат со смртен исход имајќи го предвид фактот дека станува збор за стари лица, со имунокомпромитиран систем и коморбидитети кои ја влошуваат клиничката слика на Ковид 19.
Зголемениот број на заразени со коронавирусот, кој достигна и 240 лица во еден ден, министерот за здравство Венко Филипче ја оценува како варијација, која што се должи на фактот што во една штипска конфекција се поголемиот број новодијагностицирани што допринеле за наглиот пораст. Апелите од здравствените власти се да се почитуваат мерките за дистанца и маска, а до правните субјекти да ги почитуваат протоколите за работа кои се многубројни.
The post Коронавирусот влезе во старскиот дом „Астреон”: Четворица се позитивни, се чекаат резултати за другите appeared first on Слободен печат.
Коронавирусот влезе во старскиот дом „Астреон”: Четворица се позитивни, се чекаат резултати за другите was first posted on јули 20, 2020 at 12:46 pm.