-4.2 C
Скопје
00:34 - 23 декември, 2024

Короната ќе ја победиме, но дали себе?

Претеран конзумеризам, мегаломанија, нарцизам, алчност, реалноста во која живее модерниот човек, идеологија која ја турка планетата во ќорсокак. Крај за спиритуалната еволуција на човекот. И додека човекот не може да увиди во која насока се движи или уште полошо знае, а сепак игнорира, не сака да застане, природата го стори тоа за него. Планетата го притисна копчето „рестарт“, се појави пандемија на вирусот Ковид-19, популарно наречен коронавирус. Стотици илјади заразени, десетици илјади жртви, до денес. Се покажа дека и најсилните економии, најорганизираните држави не се спремни брзо и ефикасно да се справат со пандемијата. Две работи очекувам, односно се надевам да се случат кога сево ова ќе заврши. Првата е државите да ги преразгледаат приоритетите во смисла на сегментите во кои се инвестира, односно треба многу повеќе да се инвестира. Во нашиот случај, ќе бидат тоа споменици и стиропорни фасади или болници и медицински персонал, тој истиот персонал кој сега за нас се херои, тој персонал кој инаку го плукаме, а државата го брка, индиректно, преку не создавање на основни услови за работа и не пружање на достоинствени плати. Не заборавајте само едно, тие не се херои од сега, тие се херои од кога се одлучиле да се бават со оваа професија и ние не треба да им ракоплескаме денес, туку секој ден. Втората работа е да се промени колективната свест на луѓето, човекот да се потсети кои се вистинските вредности со кои сакаме да живееме. Солидарноста е една од нив, можеби најбитна. Да разбере човекот дека опстанокот свој зависи од опстанокот на другите, а заедничкиот опстанок зависи од солидарноста на сите.

Ова е исто така време на разобличување на поединците до тебе, покрај тебе, а и на себе самите. Во вакви времиња на површина излегува вистинскиот карактер на човекот. Сите ќе се соочиме со вистината, за нас, за себе, за светот, воопшто за животот. Спознавањето на вистината за некои ќе биде реинкарнација, а за некои разочарување. Како лушпи од скапан кромид една по една паѓаат сите маски, сите оние лаги кои толку време сме ги носеле на себе и со кои се претставуваме на другите, со кои креираме една погрешна претстава за себе пред светот, а уште пострашно, за себе пред себе. Ретко во огледалото се гледаме кога сме голи, а секогаш кога сме „нашминкани“, „маскирани“, затоа што кога сме голи ќе си ги видиме сите маани, а тоа не плаши. Човекот во една длабока филозофска смисла е контрадикција на самиот себе. Тој секогаш делува спротивно на сликата која напорно ја создава за себе пред другите. Делува ирационално под влијанието на стравот во себе, а нели е рационално суштество.

Вирусот не потсети и на тоа дека стравот е универзална емоција. Покрај секојдневните, да ги наречам споредни стравови, најголемиот, ултимативниот страв е оној од тешка болест и смрт за себе и своите најблиски. Ова е заедничко за секое човечко битие, борбата за опстанок, егзистенционализмот и најчесто доаѓа до израз во вакви ситуации. Тој, стравот, може да биде мотивирачки, но може да делува и парализирачки и во крајна линија да поттикне деструктивни дејствија на поединците. Ако правото на живот е универзално, природно право на поединецот, следствено и опстанокот на човекот, односно борбата за опстанок е право на секој човек. Како што спомнав, проблемот пак со тоа е дека човекот често под влијание на стравот носи ирационални одлуки и со своите постапки го загрозува опстанокот на другите. Наместо да делува низ идејата дека својот опстанок е единствено возможен преку опстанокот на другите, тој делува себично и така ја поставува ситуацијата да неговиот опстанок е возможен само на сметка на опстанокот на другиот/те. Поаѓајќи пред се од економската/финансиската нееднаквост помеѓу луѓето, оваа „битка за опстанок“ во отсуство на солидарноста, доколку не биде регулирана од државата може да биде крајно нерамноправна и на штета на економски послабите.

Време беше и човекот да се потсети на некои други вируси кои подолго време жарат во светот, сиромаштијата, гладот, војните, бомбите, кои убиваат илјадници луѓе, жени, деца секој ден. Тие луѓе го делат истиот страв, уплашени се за животот свој и на своите деца, затоа бегаат од жариштето и место да ги демонизираме ние треба да се солидализираме и да помагаме. Мислам дека сега повеќе од било кога ви е јасно во која ситуација се наоѓаат тие луѓе.

Мора да го прифатиме фактот дека сепак сите сме фрагилни и пред законите на природата сите сме еднакви. Вирусот не бира ни раса, боја на кожа, националност, социјален статус и таканатаму. Никој не е имун, ни богатите, ни славните, ни спортистите, ни сиромашните, ни „обичните“, сите заедно сме во оваа битка. Иронично пак, за да ја добиеме битката, „сите заедно“, одредено време треба да бидеме сами. Се надевам на сите им е јасно дека кога ќе им ги одземеш на луѓето сите оние елементи, сите оние „скапани лушпи“ кои низ времето се обвивале околу „голата вистина“ и најчесто служат за манипулација на другите, а и на самите себе, нема да остане ништо сем „голиот човек“, односно „голата вистина“, а таа е дека сите сме исти, направени од крв и месо. Во вакви ситуациии можеби некои од нас ќе сфатат дека националната припадност, бојата на кожата, името, химната, знамето се само маска, шминка, лушпа која служи да се прикрие, односно да се заборави суштината, а тоа е дека сите сме луѓе пред се останато со што сакаме да се идентификуваме. А тој, човекот, „голиот човек“ кој одамна сме го заборавиле, пред се сака да биде здрав и да живее.

Во ова време ќе се јават херои, луѓе ослободени од доминацијата на голиот индивидуалистички сопствен интерес. Тоа се оние кои ќе ја понудат својата помош безусловно. Но ќе се јават и такви кои сем сопствениот, друг интерес и не препознаваат. Тоа се себичните, најмизерните, оние луѓе кои се грижат само за себе, кои ја разбираат само сопствената незгода и на работите гледаат само од своја перспектива. Ах таа себичност, најголемата клетва на човечкиот род. Тоа се тие луѓе кои во продавница ќе ги купат сите 10 килограми брашно, додека позади нив во редот седи стара бабичка која дошла да купи едно. Тоа се истите оние кои ќе ги купат сите 10 литри млеко, додека позади нив чека мајка да купи едно за своите деца и таканатаму да не набројувам. Да не споменам дека никој од овие не размислил дека некој не само што не може да купи десет, туку нема за да купи ниту едно. Ви паднало ли на памет на пример од тие 10 килограми, еден да поделите на тие што немаат, се разбира не. Знаете, тоа открива уште еден скриен страв во вас, а тоа е помислата дека немате на кого да се потпрете кога е најтешко. Потсвеста ви вели дека ако сам не се обезбедите, нема кој да ви помогне, а тоа пак е доказ дека не сте оставиле капитал позади себе, човечки капитал, морален капитал. Сте заборавиле дека кога имате треба да дадете, да помогнете, за да вас ви помогнат ако дојдете во таква ситуација. Тоа е за жал, времето во кое живееме. Кога ќе заврши сево ова размилете подлабоко дали треба нешто во себе и своите постапки да промените. Другата група на себични и алчни кои се појавија и тек ќе се појават се воените профитери, тие се најлошите, тие кои на туѓата мака гледаат можност за брза заработка. Последната група на луѓе кои излегоа на површина се оние кои ги квалификуваме како неодговорни, а всушност спаѓаат во групата на себични. Тоа се оние кои не само што го загрозуваат своето, туку го загрозуваат и здравјето и животот на другите, тие се тие преку кои се шири вирусот. Препораките налагаат самоизолација доколку сте патувале во некоја од ризичните земји, налагаат прекин на патувањата сем оние неопходните. Препораките исто налагаат домашен карантин, а тие не го почитуваат, па така заради нив од делумно затворени објекти завршивме со целосно затворени, од делумно затворени граници завршивме со целосно затворени граници, од кризна состојба ќе завршиме во вонредна состојба.

Кога сме веќе кај домашниот карантин, имам еден пријател кој работи во Африка. Му следуваше одмор на крајот на февруари, но го помести за крајот на март, пазете, будалата сакал да биде дома за време на изборите за да гласа. Му се јавив денеска да го прашам како е и каква е ситуацијата, ми го рече следново: „Пријател, го поместив одморот за изборите кои ги одложија. Кога настана целава ситуација го пријавив одморот за средина на месецов, го одобрија, купив авионска карта, а ден пред да летам компанијата даде наредба дека никој не смее да патува до неодредено време. Не сум ги видел жената, децата, родителите 6 месеци и не знам уште колку ќе помине. Би одбрал да сум заразен од коронавирусот (доколку не би можел да пренесувам) и да бидам во домашен карантин за да бидам со семејството. Потсети ги во Македонија дека да се биде дома не е исто со да се биде во болница или пак затвор“. Не знаев како да му објаснам дека ние работите дома ги гледаме од една друга перспектива.

За крај, во насока на вистината за себе, како дијагностичка порака Сократ рекол „запознај се себеси“, за да Достоевски покасно напише терапевтска порака „победи се себе самиот“, тоа е успех.

Вирусот ќе го победиме, а себе?

 

 

The post Короната ќе ја победиме, но дали себе? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....