2.8 C
Скопје
11:47 - 23 декември, 2024

Корона-кризата нѐ бутка во должничко ропство: Обезбедени 676 милиони евра, бараме уште 1,2 милијарди!

Од ММФ на наша сметка легна заемот од 176 милиони евра, обезбедени се и 160 милиони евра од Европската Унија, како и 140 милиони евра од Светска банка. На домашниот пазар, пак, продолжуваме да се задолжуваме со околу 200 милиони евра годишно и тој износ е обезбеден. На меѓународниот пазар ќе се бараат пари со понудена еврообврзница и документите што се подготвуваат се на износ од 800 милиони евра, а во почетна фаза на преговори сме и со ММФ, за обезбедување дополнителни 300-400 милиони евра заем.

Овие податоци ги соопшти претседателот на СДСМ, Зоран Заев, зборувајќи за неопходноста од странско задолжување за да се вратат старите долгови и да се обезбедат пари за здравството и за економијата во време на корона-кризата.

Економистите велат оти не е спорно дека сега мора да се задолжуваме, пари може да најдеме, но прашањето е под кои услови и уште повеќе како потоа овие огромни износи ќе ги враќаме.

Каматите ќе бидат повисоки

Според поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, најевтините пари би се набавиле од ММФ. Но дали ќе ги добиеме, тоа зависи повеќе од политичката волја на оние што го имаат главниот збор при одобрувањето на парите – Америка, Германија и Јапонија, додека Македонија не може да очекува ниски каматни стапки од комерцијалните банки.

 Во сегашните околности Македонија не може да очекува некоја посебно поволна камата во однос на еврообврзницата. Еве, ќе потсетам на случајот од 2009 година, кога ја издадовме еврообврзницата со камата од 9,8 проценти, а во исто време Словенија доби пари со камата од неполни 2 проценти. Сега може да се види колку е битен внатрешниот амбиент во една земја – изјави Хајредини за „Слободен печат“.

Според поранешниот министер за финансии Кирил Миновски, кој гостуваше во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, колку повеќе се пролонгира издавањето на еврообврзницата, толку повеќе ќе има тренд да се зголеми каматната стапка поради зголемената побарувачка на пари.

– Има доволно пари во светот за да се купи македонската еврообврзница и износот да е 1 милијарда евра, тоа не претставува некој сериозен износ за инвестициските фондови. Висината на каматата зависи од понудата и од побарувачката, последната еврообврзница беше со пониска камата, сега очекувам да биде со повисока. Треба да се види колкава би била можноста да се искреира повисока додадена вредност во однос на висината на каматата – рече Миновски.

Старите долгови чукаат на врата

Она што сега е јасно дека Македонија досега обезбедила 676 милиони евра кредити и дека сме во потрага за уште 1,2 милијарди евра со неизвесна камата. Овие пари, кога-тогаш, ќе стигнат за наплата.

Вкупниот износ што годинава треба да се отплати за странските долгови е речиси 450 милиони евра. Еден значаен дел веќе е платен, со предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година, а преостанатиот дел од оваа обврзница ќе се плаќа во регуларниот термин во декември. Што се однесува до долгот кон домашните кредитори, тој за оваа година е 264 милиони евра, но веќе е практика овие долгови да не се враќаат туку да се презапишуваат.

Според Фискалната стратегија за 2020-2022 година, во 2021 година на странските кредитори ќе треба да им се вратат дури 645 милиони евра и ова е најголем износ што сме го имале досега за враќање во една година. Причина е еврообврзницата од 500 милиони евра што беше издадена во 2014 година, а која ќе треба да се отплати во јули наредната година. Но, од старите крупни заеми, стигнуваат и отплатите на еврообврзници во 2023, па во 2025 година. За крупните износи, пак, вообичаено се бараат нови кредити, а целата оваа „карта“ на кредитно-доверителски односи ќе биде зачинета со новиот кредитен данок од корона-кризата.

The post Корона-кризата нѐ бутка во должничко ропство: Обезбедени 676 милиони евра, бараме уште 1,2 милијарди! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....