2.8 C
Скопје
21:00 - 23 декември, 2024

Корона-eкономија: Адаптирај се да преживееш!

Економијата се соочува со предизвици од неочекуваните влијанија на здравствената пандемија прогласена поради коронавирусот. Со одлуките за лимитирано работење со цел спречување на ширење на вирусот, од почетокот на март беа преполовени човечките ресурси и деловните активности, додека од првата половина на месецот што измина целосно затворени се повеќе дејности. Состојбата ја отежнува и големата неизвесност околу тоа кога би можело кризата да се надмине. Заканата за опстанок е најголема за малите и средни компании, а предизвиканите штети ќе бидат ненадоместливи и можат да резултираат со трајно пропаѓање на поголемиот број од малите правни субјекти.

Повеќе од 99 отсто од правните лица во Македонија се мали и средни претпријатија кои ги почитуваат предвидените здравствени мерки и мерките за рестрикција на работа и движење. Тие се столбот на нашата економија и во време кога се грижат за сопствениот опстанок треба да се почитуваат нивните напори да помогнат онаму каде што можат и каде што се потребни.

Секое од нив, согласно со своите можности, презема и дополнителни активности за да се заштити здравјето на луѓето, но и за да се постапи општествено одговорно, да им се помогне на оние што се најмногу погодени од настанатата криза. Во изминатиот месец, секторските комори и членовите на Сојузот на стопански комори, организираа акции на прибирање средства со кои се обезбедуваат хигиенски препарати, заштитни маски и ракавици што се донираат на ранливите категории. Дел од членовите се ставија на располагање на државните институции без надомест за помош, особено за анализа на флуктуациите во економијата и изготвување на акциски план. Угостителите обезбедуваат залихи со храна и оброци за лицата што припаѓаат на ранливите категории, како и за медицинскиот персонал кој е изложен на најголем ризик, а дел од хотелите ги отстапија своите капацитети за организирање државен карантин.

Во време кога економската криза се продлабочува, Владата го донесе новиот сет економски мерки, за кој во Сојузот на стопански комори беа доставени бројни реакции, особено од најзагрозените мали субјекти и претприемачите што се одлучиле да отпочнат да работат со подигнување кредити, односно да се самовработат и да не бидат ничиј товар. Реакциите што ги споделуваат се дека мерките во оваа форма нема да им помогнат во состојбата во која се наоѓаат, бидејќи со нив се покрива само минималната нето-плата, но тие не само што во овој момент немаат средства да ги покријат придонесите, туку во тешка состојба се и да изнајдат средства за редовните месечни режиски трошоци, бидејќи имаат нула приходи како резултат од затворањето и рестрикциите во работењето.

Заклучокот е дека секој ќе треба брзо да се прилагоди за да преживее, бидејќи економската криза се продлабочува. Затоа секој треба да ја усогласи својата дејност, ставајќи приоритет на преземање активности за опстанок. Владините мерки се објавени, кој може да ги искористи како помош и кој ги исполнува условите – ќе аплицира, за другите време е за самопомош.

Професорот Леон Ц. Мегинсон од Универзитетот Луизијана стејт, во својата книга „Лекции од Европа за американскиот бизнис“ во 1963 година напиша дека според Дарвиновата теорија за потеклото на видовите, не преживува најинтелигентниот вид, ниту најсилниот, туку оној што е способен најдобро да се адаптира и да се приспособи на променливата средина во која се наоѓа.

Денес приватниот сектор се наоѓа токму во таква состојба, не е важно како се функционирало низ годините, колку труд е вложен, ниту колку вистински чекори се направени во менаџирање на сопствените процеси и средства. Важно е единствено колку брзо ќе се прилагоди на моментната состојба и со тоа реалната економија да успее да преживее во време на ковид-19.

Секое мало претпријатие размислува какви мерки да преземе за да се намали штетата што ја трпи од настанатата криза. Првиот чекор на кој сите размислуваат е дигитализација на процесите онаму каде што е можно. Оние кај кои е можно, се прилагодуваат и отпочнуваат својата продажба да ја вршат преку интернет, ги пласираат своите производи и услуги согласно со моментната состојба, со нова маркетинг-стратегија, во комуникација со вршителите на достава, какви што се компаниите кои вршат поштенски и карго-услуги. Се прават и вонредни планови за зголемување на бројот на клиенти, согласно со можностите на пазарот. Многумина прават проценки за до крајот на годината, какво влијание ќе има намалувањето на продажбата врз финансиите и способноста со намалената ликвидност да се платат добавувачите и другите трошоци. Се бараат ажурирани финансиски извештаи што ќе помогнат реално и навремено, базирано на точни информации. за да се планираат следните чекори.

Да се минимизира штетата, потребно е секој да се обиде да преземе акција, да размисли што може да направи за да се одржат во живот малите претпријатија што работат за да ги прехранат своите семејства и да ги задржат вработените во овие тешки времиња.

Еден начин е да се поддржат малите национални претпријатија е да се купуваат или разменуваат производи и услуги, да се прават нарачки за испорака или да се купуваат ваучери за производи кои ќе ви бидат потребни што ќе ги искористите подоцна, но чија вредност ќе ја платите однапред, со што ќе ги поддржите своите пријатели или соседи финансиски да можат да опстојат додека ја надминат кризата.

Денес секој ги разгледува можностите каде и на кого може да му ги пласира услугите и производите со кои располага, а Сојузот на стопански комори овозможи бесплатна електронска дата-база, прилагодена на ситуацијата во која се наоѓаме, на која без надомест и за кратко време можат да се објават производи и услуги за размена или продажба.

На крајот важно беше институциите да покажат дека се грижат за сите свои граѓани, па и за оние во приватниот сектор. Мерките требаше да бидат итни и предвидени за три месеци и без строги критериуми за да се премости тешката состојба и надмине кризата, а сите се свесни дека по нејзиното пребродување ќе се работи да се надополни дупката во буџетот.

Сега е моментот секој да се обиде да помогне на делот од реалната економија кој во овој момент е најпогоден и на кој му е најпотребна помош, а тоа се претприемачите и малите субјекти. Да не се дозволи да пропаднат од моментната криза оние што вдомуваат семејства и лица што имале храброст да се самовработат и вработуваат други за да не бидат на товар на буџетот и социјалните служби. Да се потрудиме така и да остане.

 

(Авторот е претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија)

The post Корона-eкономија: Адаптирај се да преживееш! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....