4.8 C
Скопје
15:03 - 21 декември, 2024

Кој му го смести на Милошоски?

Што има ново во објавените нелегално снимени разговори на г. Антонио Милошоски со судиите? За најголем дел од јавноста, нема ништо ново, бидејќи „правосудниот“ углед на г. Милошоски одамна е рамен на нула. Со објавата на овие разговори, тој углед од непостоечки, стана неподносливо непостоечки. Освен за раководството на опозицијата која, да потсетиме, го постави Милошоски да ги преговара реформите на правосудниот систем!

Тој дебакл заврши така што Мицкоски, бирајќи меѓу одбраната на морално-политичкиот углед на Милошоски и реформата на македонското правосудство, одбра да се конфронтира со целата ЕУ, бидејќи му е подраго она што го претставува Милошоски, од европската интеграција на земјава. И сето тоа после ненаучената опозициска лекција за интеграцијата на Македонија во НАТО.

Следствено на ваквата софистицирана самоубиствена политика на опозицијата, е инстинктивната, инстантна реакција – за потреби на „менување на темата“ – со која веднаш пропагандно се излезе со тврдење дека зад сегашните анонимно објавени „бомби“ за Милошоски стои Заев. Тоа за нив е згоден доказ дека тој, своевремено, не ги предал сите прислушувани разговори во СЈО, како што налагаше Законот за таа веќе непостоечка институција.

Но, обично, мозокот подобро работи кога ќе се вклучи… Имено, да се потсетиме, најнапред, кој сè располага(ше) со „бомби“ во државава?

Со „бомби“ располагаа Заев и СЈО. Но, пред тоа, со илегално снимени разговори располагаа оние кои ги правеа злоупотребите за режимот беспрекорно да функционира (Груевски, Мијалков и неопределен број на други лица од нивната партија), а и оние кои, за свои потреби, си „играа“ со нивно неовластено објавување, како што се „оправдано отсутниот“ Палчо (со своите домашни и странски „соработници“) и извесниот „Ел Чека“.

Сепак, да не заборавиме и дека едни од најупатените во операцијата со незаконитото прислушување на неколку десетици илјади граѓани на Македонија, тогашните началници во УБК Горан Грујевски и Никола Бошковски, со непознато количество „бомби“ во личниот багаж, навреме ја „здуваа“ за Грција. Таму тие не престанаа да „остваруваат“ редовни средби со разни емисари од државава и од Будимпешта. Мислам дека имаат и „ценовник“ за наплаќање на своите услуги, а за надлежните служби во Македонија би требало да е познато дека барем во неколку наврати, не така одамна, имаат остварено и средби со една одбрана група на „муштерии“ – претпоставувам дека постојат и официјални видео записи за составот на таа делегација, со датум и време кога ја поминувале македонско-грчката граница, како и регистарската табличка на службениот автомобил со кој патувале – кои вложија силни напори да го срушат Заев и СЈО низ некои актуелни правосудни постапки, кои не се одвиваат баш според нивниот проект… Којзнае што сè таму е пазарено!

Сега следува едно логично прашање: зошто, доколку ја слушате опозицијата, непријатните разговори за Милошоски би ги објавувал Заев баш СЕГА?! Не е ли пологично тие „бомби“ веќе да беа објавени уште пред неколку години? Или, ако веруваме на ваквата конспирација за објавите, Милошоски правовремено (всушност, завршно) да се дискредитираше кога се договараше двотретинското мнозинство за усвојување на Законот за Обвинителството? Или за некој ден од сега, кога ВМРО-ДПМНЕ ќе го стави на новите пратенички листи, можеби дури и како носител во некоја од изборните единици? Тоа би бил вистинскиот coup de grâce за СДСМ за да го „дотепа“ преостанатиот политички легитимитет на одамна дискредитираниот пратеник и бивш министер од опозицијата.

Со други зборови – не дека му го берам многу гајлето, туку заради здраворазумска вежба – многу пологично би му било на Милошоски да се сврти околу себе, во партијата, и во пара-политичките друштва во кои седи, за да види од каде доаѓа инспирацијата за негова трајна елиминација од македонската политичка сцена. Многу поубедливо делува дека некој од неговото окружување можеби стои зад објавувањето, токму сега, на овие непријатни вистини за неговиот однос со правосудството, со намера да го елиминира од натамошната предизборна трка за функции во партијата, токму сметајќи дека сите ќе се „залетаат“ со обвинувања на сметка на Заев и СДСМ. И тоа, да сум на местото на Милошоски, јас прво би се посомневал во оние од опозицијата кои најгласно најавуваат дека допрва следува предизборно објавување „бомби“, божем како оправдана реакција на објавите за Милошоски.

Во македонската политика нема ништо во изборите без операциите на подземјата. Затоа е добро секогаш да се има здравиот разум на располагање како „прва помош“ секогаш кога се случуваат „сообраќајки“ со потешки политички последици.

The post Кој му го смести на Милошоски? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....