8.8 C
Скопје
22:54 - 28 март, 2024

(ВИДЕО) Андријана на 25 години ја учи азбуката – на животот!

Не одев во редовно училиште. Имав осум години кога почнавме да живееме покрај кланицата. Детството ми беше катастрофа. Цело време бевме по улици, во едно училиште, па во друго училиште. Постојано се селевме – прво кланица, па во Ново Лисиче, па на Кале, оттаму во Ранка…

Вака Андријана Ахан ја раскажува својата животна приказна на жена-борец која дели исто огниште со неколку жени и мажи во прифатниот центар „Визбегово“, покрај Скопје.

Поради тешкиот живот и постојаното селење и бездомништво, го испуштила образовниот процес, па сега, на возраст од дваесет и пет години, оди во основно училиште.

Андријана е голем оптимист, има огромна желба да успее и да го надомести пропуштеното. Мотивација ѝ се нејзините две деца, за кои ќе стори сè да одат во училиште навремено.

– Имам две деца, гледам да им овозможам да го завршат училиштето. Имам 25 години и одам во вечерно училиште, ќе се обидам да завршам осмолетка – вели нашата соговорничка.

Учат да пишуваат и да читаат

Животот на сто и петте луѓе згрижени во прифатниот центар „Визбегово“, меѓу кои е Андријана, не е мед и млеко. Но, жителите на оваа населба велат дека е многу подобар од поранешниот – кога морале да живеат под мостови, во шатори и под отворено небо, никогаш не знаејќи што ги очекува во следниот миг.

Во вечерно училиште учат математика, учат да пишуваат и да читаат. Наставата се одвива од понеделник до петок, и тоа откако ќе завршат редовните часови на редовните ученици. Таму оди и петнаесетгодишниот Адем, кој не успеал да добие статус на азилант во Германија, па бил вратен назад во Македонија.

– Во Германија стигнав до петто одделение. На училиште учев да пишувам и да читам, учев и математика. Оттаму дојдовме во Македонија, нè избркаа – ни рече Адем. Разговаравме и со Емин Перхан. И тој бил во Германија, во Франција, во Белгија, но „како дома нема никаде“. И од него зрачи патриотизам, желба да го заработи својот леб и да придонесе за своето семејство.

– Дваесет и осум години од мојот живот поминав по шатори, на улица, на многу непознати места. Фала му на Господ, добро ми е овде. На топло сме, чисто ни е. Заработувам, одам со автомобил, со „старо купувам“, се трудам да заработам нешто за моите деца, да им обезбедам парче леб. Бев и во Германија, и во Белгија, и во Франција, по три-четири месеци секаде ти даваат негативен одговор на барањето за азил и ти велат да си одиш дома. Колку е добро во странство, толку е лошо. Нема поубава од нашата земја – ни рече Перхан.

Под чадорот на „Амбрела“

Латифа Шикоска од невладината организација „Амбрела“ работи со лицата во прифатниот центар „Визбегово“. Таа за „Слободен печат“ вели дека има секојдневни предизвици со кои се соочуваат жителите од петнаесетте семејства сместени овде, но дека има и напредок во одредени области. Децата посетуваат редовна настава, а некои од повозрасните се веќе вработени.

Сите семејства имаат потпишано договори со Министерството за труд и социјална политика, за тоа дека нивна одговорност е да ја одржуваат хигиената, да го чуваат инвентарот и да ги вклучат своите деца во образовниот процес.

– Настојуваме да ги вработиме возрасните со помош на Агенцијата за вработување. Овие семејства имаат добри шанси да станат самоодржливи и самостојни. Нивниот проблем го следам десет години. Овие семејства што се згрижени тука ги дислоциравме од под Кале. Таму долго живееја без вода, струја, децата не одеа во училиште, родителите се снаоѓаа како знаат и умеат – вели Шикоска.

Иако целната група е специфична, Шикоска смета дека успеале да ги ресоцијализираат и да ги вработат.

– Сметам дека само со вработување може да станат самостојни. Бидејќи нивните родители од низа причини не успеале да се најдат во образовниот процес, сега настојуваме таа необразована генерација да стане образована. Најголем приоритет ни се децата, им обезбедуваме училишен материјал, облека, ужинка, правиме сè за да ја следат наставата редовно – вели Шикоска.

Во Визбегово е и семејството чија куќа беше опожарена

Во „Визбегово“ е сместено и едно од семејствата чиј дом неодамна беше опожарен во Шуто Оризари. За тоа семејство наскоро ќе се обезбеди социјален стан, во соработка со Министерството за труд и социјална политика.

– Пожарот остави пустош зад себе, нема услови за живеење таму – објаснува Шикоска.

The post (ВИДЕО) Андријана на 25 години ја учи азбуката – на животот! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....