15.8 C
Скопје
20:42 - 28 април, 2024

Кој кому капа крои?

Зошто да гласам? На кој начин можам да влијаам со моето гласање? Има ли добра понуда за мене на политичкиот пазар? Што имам јас лично од гласањето на избори? Дали јас доволно се разбирам од политика за да гласам? Дали со гласањето започнува и завршува моето учество во донесувањето на одлуките? Дали да ја послушам сопругата и да одам да гласам или да одам на пиво со другарите? Или и двете?

И додека траат првите часови од изборниот молк кој, нели, никој и никогаш во оваа земја не го крши, ќе се обидам да дадам неколку можни одговори на овие прашања. Има потреба да напишам дека „никој и никогаш во оваа земја не го крши изборниот молк“ е иронија? Не? Знаев дека не мора.

Пред да се обидам да споделам неколку размислувања околу овие граѓански прашања, сакам на сите да им посакам фер, слободни, мирни и достоинствени избори. Нека победат граѓанките и граѓаните!

Одговорите на овие прашања не се совршени, како што не се совршени ниту демократијата, ниту човекот, а најмалку политичките партии, но во нив се содржани ставови произлезени од искуство. Секој од овие ставови може да биде реалност, а не фраза, толку колку што секој поединечно ќе одлучи за себе. Не е лесно, но ни оддалеку не е невозможно.

Се гласа затоа што тоа е основно човеково право. Слободно, без страв и без принуда, секој има право на глас. Купувањето гласови е кривично дело.

Прво и основно – секој од нас мора барем малку да се занимава со политика, бидејќи политиката секако се занимава со сите нас, колку и да бегаме од неа. Колку повеќе велиме дека не нѐ интересира политиката, толку повеќе политиката се интересира за нас. Ако се согласивме дотука, може да продолжиме со овој наш муабет.

Гласањето е можност за секого да учествува во најважните одлуки за него и за целата заедница или општеството. Секој ден, некој носи одлуки во името на граѓанките и граѓаните. Тоа се одлуки што влијаат врз секојдневниот живот на секој од нас: здравјето, школувањето, грижата за децата, висината на давачките, минималните приходи, социјалната помош, животната средина, јавната чистота, транспортот, безбедноста… Затоа, учеството во тие одлуки е пресудно, а тоа се постигнува со гласање. Се разбира, учеството во демократскиот живот на општеството не завршува, но сигурно започнува со гласањето.

Да се разбереме, правото на глас не е играчка. Во минатото, луѓето го посветувале целиот свој живот на борбата за правото на глас, правото на демократско уредување во кое луѓето се еднакви и можат да учествуваат во одлуките за тоа каква ќе биде нивната иднина. Многумина го положиле и својот живот во таа борба. Правото на глас е огромна придобивка до која се дошло тешко и по цена на многу животи.

Секој гласач поединечно е дел од една голема одлука. Иако тоа изгледа тешко веројатно, но во демократијата и еден глас може да направи драматична разлика во тоа кој и како ќе владее во земјата. Важно е да се слушне сечиј глас и сечиј став – гласањето е можност да се влијае врз животот на секој од нас. Секој има некоја потреба, секој гради некое сопствено убедување, секој има некаква цел во животот… Гласањето е можност да се приближат луѓето до посакуваните цели. Тоа е инвестиција во иднината, таква каква што секој ја замислува.

Тие што се избрани знаат дека нивната одговорност е дотолку повисока ако на изборите гласале повеќе луѓе. Гласачите сакаат да видат во што го инвестирале својот глас. Имаат право, ако победи нивниот кандидат, гласно да бараат исполнување на ветувањата. Ако нивниот кандидат изгуби, а не се задоволни од победникот, тоа е дотолку повеќе причина тие да бидат остри критичари на избраните од мнозинството.

Гласањето не е само избирање на кандидатка или кандидат. Тоа е избор на политики во најдобар можен интерес на тој што го држи пенкалото зад пултот за гласање. Без оглед на тоа дали има добра или лоша понуда, дали им верува или не им верува на политичарите, гласачот е тој што го дава тактот во годините од наредниот мандат. Со чинот на гласањето не се стигнува автоматски до целта, но секако е крупен чекор кон неа.

Иако гласањето трае само неколку минути, ефектот е подолготраен дури и од мандатот на избраните политичари. И, да не заборавиме… Гласањето е бесплатно!

Сите плаќаат даноци. Затоа, сите треба да го искористат и правото да влијаат на нивната висина и на начинот на кој се трошат тие даноци. Сите имаат потреба од здравство, образование, патишта, стандард, безбедност, домување, помош кога се невработени, грижа кога се стари и изнемоштени. Гласањето им овозможува да одберат како и колку ќе го добијат тоа што им е потребно.

И, на крајот на краиштата, оние што не гласаат, се согласуваат други да одлучуваат за нив.

Ако сакате другите да одлучуваат за вас, тогаш ништо. Седете дома. Другите ќе ви ја кројат капата.

The post Кој кому капа крои? appeared first on Слободен печат.


Кој кому капа крои? was first posted on јули 13, 2020 at 6:00 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....