Иницијативата „Скопје од иднината“ (Future Skopje) ги повикува сите жители да придонесат кон градење на визијата на Скопје со пополнување онлајн прашалник, во кој ќе ги претстават своите идеи за идната трансформација и развој на градот.
– Скопје од иднината зависи од сите нас. Пополни го прашалникот и опиши како изгледа за тебе Скопје за 10 години од сега, кога тоа би било најдоброто место за живеење, работа и посета. Секоја идеја, замисла и желба може да направи влијание! Вашите одговори ќе ја определат почетната точка при дефинирање на приоритетни области за промена и директно ќе влијаат во иницирањето на првите чекори за урбана трансформација на градот Скопје – велат во објаснувањето на прашалникот од иницијативата „Скопје од иднината“.
Зошто го сакаш Скопје? Што е најприоритетно да се промени во градот, дали се тоа јавните услуги, транспортот и мобилноста, инфраструктура, управување со отпад или нешто друго? Опиши ја твојата визија за Скопје од иднината како едно од најдобрите места за живеење, работа, посета. Ова се само некои од прашањата на кои заинтересираните граѓани можат да одговорат, а притоа им се дава и можност да прикачуваат свои трудови, проекти или фотографии со кои можат да ја претстават својата визија и своите предлози.
Како што се објаснува на фејсбук-страницата „Скопје од иднината“ (Future Skopje), преку прибирање на визиите на жителите на градот со пополнување на прашалникот и нивна документација, ќе се изврши приоритизација на најкритичните области каде што е потребна акција и врз основа на прибраните изјави од граѓаните, ќе бидат изработени конкретни планови и проекти за трансформација на урбаната средина.
– Урбаната трансформација на градот Скопје кон поотпорна, поздрава и одржлива градска средина е возможно само преку активно учество на сите актери од системот: граѓаните и граѓанските организации и здруженија, институциите и приватниот сектор. Придонеси со твојата визија и предложи области за акција – повикуваат од „Скопје од иднината“.
Прашалникот е дел од проектните активности во склоп на проектот „Градови на Иднината во Југоисточна Европа“, чија имплементација е почната во август 2019 година од страна на СмартАп – Лабораторија за социјални иновации во соработка со Град Скопје. Целта на овој проект е трансформација на неколку градови од Југоисточна Европа во едни од најдобрите градови за живеење, работа и посета до 2030 година.
The post Како сакате да изгледа Скопје во 2030 година? appeared first on Слободен печат.
Како сакате да изгледа Скопје во 2030 година? was first posted on октомври 12, 2020 at 5:33 pm.