Во Македонија како да згасна страста на граѓаните да слушаат тајно снимени разговори, попознати како „бомби“, за одредени субјекти во земјава, а меѓу нив и некои политичари. И покрај предизборната еуфорија, мал е ефектот што го имаат новите „бомби“, кои речиси секојдневно се објавуваат од анонимни профили на социјалните мрежи, најчесто на видеосервисот „Јутјуб“.
Меѓу главните „актери“ кои се снимани или се спомнуваат во разговорите се лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, сега осудениот од аферата „Рекет“ Зоран Милески викан Кичеец и понекој засега непознат соговорник или соговорничка.
Овие таканаречени тајни снимки или „бомби“ ни најмалку не се слични на тие што се објавуваа јавно од тогашната опозиција во 2015 година, велат аналитичарите. А поинаков е и политичкиот контекст, како и начинот на нивното прибавување, најчесто од приватни тајни снимања со телефон, така што не изненадува нивниот блед прием во јавноста. Квалитет на снимките е многу лош, а најдобро се слуша гласот на лицето до кое стои апаратот за снимање, без разлика за каква опрема станува збор.
Во разговорите, каде што најчесто се застапени токму Заев и Мицкоски, е опфатен период од пред три години кога сегашната власт правеше калкулации за победата на последните парламентарни избори. Опфатен е и периодот на почнување на аферата „Империја“ од згаснатото СЈО, во која е обвинет и бизнисменот Орце Камчев, но и политичкото озборување на партиските лидери за одредени лица.
Самите „бомби“, но и меѓусебни партиски провокации и прозивки, за аналитичарите во земјава се само дел од предизборниот фолклор. Според нив, „бомбите“ имаат негативен ефект не само во однос на изборите туку врз целото општество предизвикувајќи дефетизам кај граѓаните, притоа уривајќи ја и онака малата доверба во институциите.
Нови снимки од разговорите меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, осудениот во случајот „Рекет“, Зоран Милески-Кичеец и Слободанка Алексовска беа објавени на Јутјуб. На снимките тие зборуваат за судбината на Специјалното јавно обвинителство и за предметот „Империја“.
Во изминатите денови беа објавени неколку нелегално снимени материјали, во кои едни од соговорниците се Мицкоски и Зоран Милески Кичеец. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ откри дека бил кај бизнисменот Орце Камчев кога бил под ПИ-мерки за случајот „Империја“, а посочи и дека бизнисменот финансиски ѝ помогнал на партијата кога им било најтешко и биле во долгови.
Бизнисменот Орце Камчев ги отфрла обвинувањата дека „ОРКА холдинг“ или некоја компанија што е дел од групацијата ја финансирала политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во реакцијата од „ОРКА“ се наведува дека оваа партија имала долг кон една од фирмите од холдингот („Монт“) кој, тврдат оттаму, е комплетно исплатен со пресметани камати.
Воедно, оттаму посочуваат дека Државниот завод за ревизија нотирал дека нема ништо спорно во финансирањето на претседателската кампања на Гордана Силјановска-Давкова во 2019 година.
За дел од „бомбите“ реагираа и независните пратеници кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, а чии членови гласаа за новиот Закон за јавното обвинителство. Тие потсетуваат дека од една од снимките станува јасно дека Мицкоски свесно го кочел донесувањето на реформските закони, во функција на заштита на криминал и на финансиски интереси, а истовремено тие беа обвинувани за наводно „предавство“ со тоа што гласаа за Законот.
Заев за изјавата дека ќе соберел „и шуто и рогато“: По два саати во кафана, се случуваат грешки
The post Јавноста отрпна на „бомбите“, партиите ги обожаваат, ама само „подобните“ appeared first on Слободен печат.
Јавноста отрпна на „бомбите“, партиите ги обожаваат, ама само „подобните“ was first posted on јули 2, 2020 at 2:35 pm.