14.8 C
Скопје
14:44 - 18 декември, 2024

Историската саможртва на ВМРО во одбрана на татковината

Едно дамно време, кога во гимназија сериозно учевме старолатински, уште на првите страници од учебникот налетувавме на поучната изрека: Historia est magistra vitae, со значење дека историјата му е учителка на животот. Се сеќавам, во тоа време историјата ни беше досадна, а ни латинскиот не котираше многу високо во младешките приоритети, па од поуката за поучноста на историјата како да не ни остана ништо во главите. Но, подоцна, како што ги „ситнев“ децениите од животот, го сменив мислењето за историјата, и тоа дијаметрално. Со само чифт децении задоцнување сфатив дека историјата не само што му е учителка на животот, туку дека тој, кутриот, и нема друга.

Самата изрека за magistra vitae е парафраза од Цицерон, исечок од најдобриот опис на историјата до денес, кој гласи приближно дека „историјата е сведок на времето, светло на вистината, живот на паметењето, учителка на животот, гласник на старите времиња, посветена исцело на бесмртноста“. Колку бев изненаден во длабоката вистинитост на Цицероновите зборови, кога тарашкајќи по историјата на стариот свет наеднаш го сменив сфаќањето за некои аспекти на поновата историја, а и на сосем актуелни појави. Читајќи за можеби првата голема империја на светот – Персиското царство, на прескок, на сосем миракулозен начин ми пукна пред очите дека генетското, длабоко всадено антимакедонство на ВМРО, таа одвратна деструктивна енергија што зрачи од вемерето со ладен светлозелен сјај и упорно и злобно ја уништува македонската културна посебност, дека тоа всушност да ти било израз на највисокиот патриотизам и саможртва на оваа злосторничка организација, доблест вредна за вечно паметење?!

Значи, таму некаде кон крајот на шестиот век пред нашата ера, персискиот цар Дариј Први, со одлично организирана професионална војска и редок талент за управување, го консолидирал своето големо царство, кое во тоа време ги дофаќало границите на светот. За да ја заокружи територијата на царството, Дариј презел практично невидена воена турнеја, по копно, реки и мориња. Експедицијата тргнала од денешен Кашмир, па низводно по Инд, низ пустината Тар, па во Индискиот Океан; околу Арабискиот Полуостров, па во Црвеното Море, каде го прокопал стариот и запустен канал што го поврзувал морето со реката Нил, за по него да стаса до Медитеранот, по кој ја завршил турнејата во своето најзападно големо градско упориште Сард, на малоазискиот потконтинент, веднаш до грчките колонии Јонија, Лидија и Карија, на дофат на Егејското Море.

Тактиката на воено повлекување на Скитите

Ширејќи се така во сите правци, Дарие налетал на северните и северозападните граници од своето преголемо царство на огромни пространства населени со номадските племиња кои Херодот ги викал Скити. Скитите биле посебен вид номади, со високоразвиена култура, предметна технологија, јавачки и воени вештини и посебен вид на филозофија на животот. Го населувале непрегледното пространство помеѓу Волга, Каспиското и Црното Море, и понатаму на запад, по сливовите на големите реки Дон, Днепар, Днестар и Дунав. Во време кога Дариј решил да ги нападне, тие го населувале просторот помеѓу Дон и Дунав. За да ги потисне Скитите, Дарие соградил цела армада воени бродови што требале да го отпловат Егејот и да влезат преку Босфор во Црното Море, од каде ќе упаднеле во Дунав. За тоа време, Дариј со огромна копнена војска градел патишта и напредувал кон Босфор, при што за да го прејде мореузот и за првпат да стапне во Европа, неговите воени инженери го изградиле првиот понтонски мост во историјата, кого Есхил го опишал како „залепен мост, стегнат со јажиња“.

Кога конечно дошле до скитската земја, војската на Дариј се соочила – повторно за првпат во пишуваната историја – со најжестоката одбранбена тактика на војувањето: со голата, напуштена и запалена земја на Скитите. Имено, итрите Скити не прифатиле директна битка, туку се повлекувале со целото население длабоко во својата земја, затрупувајќи ги сите извори на вода и бунари, палејќи ги притоа степите, сеното и храната од каков било вид. Оваа тактика на повлекување и потполно уништување на сопствената земја, набргу ја довела до исцрпување најподготвената армија на светот, и Дариј морал да се врати дома, посрамен и без победа.

Тактиката на воено повлекување во длабочината на сопствената територија, при што таа се уништувала за да го доведе непријателот до исцрпување, е применета илјади години подоцна, во 1812 година, за време на Наполеоновата инвазија на Русија, и тоа од страна на руската армија командувана од генералот Кутузов. Руската армија се повлекувала со битки и уништување на населбите и храната сė до Москва, по што тргнала во противнапад што ја уништил Наполеоновата голема армија и завршил со триумфално влегување на руската армија во Париз. Зборот „бистро“, со кој Французите и ден-денес ги викаат малите кафулиња со можност за пиење „од нога“, останал како сеќавање на овој настан. Имено, зборот „бистро“ го извикувале руските војници во Париз при секоја нарачка алкохол во париските меани, што во рускиот јазик значи „брзо“, или поточно – брзоо!!!

Вмровската воена тактика

А, каде е тука ВМРО? Уште не погодивте? Па, нивното опсесивно уништување на Македонија, ограбување на сите животни ресурси на татковината, палењето на залихите на македонската писменост и разум, труење на изворите на македонската културна посебност и затрупување на бунарите на нашата надеж за една нормална политичка атмосфера на соживот и просперитет, сето тоа – од историска перспектива – да ти било вмровската воена тактика на крајна и самопожртвувана одбрана на светата македонска земја од сите можни, евентуални и непостоечки надворешни непријатели што се намериле да извршат инвазија на нашата домаја!

А, јас, будалетинка, толку време бев убеден дека тие ги ограбуваат и уништуваат македонските добра и ги трујат изворите на нашата надеж, од себични партиски и лоповски мотиви. Еве и сега – на уште неизгласана нова влада – вмровците самопожртвувано ја трујат македонската јавност со отровот на нивните загадени умови, повторувајќи ги до кретенизам истите обвинувања против новата влада за дела што тие систематски ги правеа повеќе од деценија.

Фала ви за одбраната на татковината, самопожртвувани бранители на Македоња! Со успешната тактика на уништување на земјата, не само што ја правите неинтересна цел за сите надворешни непријатели, туку и уште повеќе: таа со вас ќе стане неживеежна и за нејзините внатрешни непријатели – жителите на Македонија. Историјата нема да ја заборави вашата жртва!

 

The post Историската саможртва на ВМРО во одбрана на татковината appeared first on Слободен печат.


Историската саможртва на ВМРО во одбрана на татковината was first posted on август 22, 2020 at 3:00 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....