Министерството за образование и наука (МОН) и Комисијата за заразни болести се уште бараат заеднички јазик за можните сценарија од септември, во игра се повеќе опции, а по одложувањето на денешниот состанок, кој треба да продолжи утре, од Министерството за здравство посочија дека крајниот збор сепак ќе го имаат од МОН.
„Комисијата за заразни болести ги подготви мерките за заштита и потребните протоколи што треба да се запазат за заштита на децата и наставниците во текот на наставниот процес. Сепак, финалната одлука за почеток на учебната година и начинот на одвивање на наставата е во надлежност на Министерството за образование и наука“, стои во соопштението на Министерствот оза здравство.
И додека се чека исходот од денешната средба помеѓу претставници на МОН и членови на Комисијата за заразни болести, родителите немаат сомнеж, па така, веќе над 2.000 лица потпишаа онлајн петиција за настава на далечина.
„Единствено со онлајн настава ќе се заштитат децата, наставниците, родителите и нивните блиски, вработените, ризичните групи и целата популација. Моделот што имавме можност да го видиме, а вклучува два часа дневен физички престој во училиште, под маски и физичка дистанца, сменска настава, скратена програма и зимски распуст од 180 денови, е модел кој нема да обезбеди здрава средина за развој, социјализација и едукација и не го поништува ризикот од заразување и изложување на ризик на целокупното население. Со предложениот модел за физичко присуство, дополнително се комлицираат обврските на родителите, а доколку во целиот тој процес бидат вклучени бабите и дедовците (што се чини неминовно), доколку родителите се на работа, се ризикува животот на најранливата категорија граѓани“, стои во барањето на родителите.
Во своето барање родителите како пример наведуваат и други поголеми земји кои се одлучија да ги отворат училиштата, но тоа не во некои од нив заврши добро.
Методот „Заштитен меур“ не успеа во Израел
Израел и Данска беа помеѓу првите земји кои се одлучија да ги отворат училиштата во екот на пандемијата, откако во земјата ситуацијата делуваше навидум стабилна. Најпрво Данска го искористи методот „Заштитен меур“ за учениците до 12 години, на тој начин што тие беа поделени во мали микро групи и беше побарано од нив да доаѓаат заедно во определено време во училиштето, да ручаат заедно како група и да користат за нив посебна зона во игралиштето.
Обврска на секој ученик е на секои два часа да ги измие рацете, но немаат обврска за носење маски. Клупите се одвоени на растојание од 2 метри и целокупниот материјал и опрема за предавањата се чисти два пати дневно. Кога е можно наставата се врши надвор на отворено, а родителите немаат пристап внатре во училиштето.
Овој метод се покажа како успешен во оваа земја, а по еден месец слични протоколи се донесоа и за учениците од 12 до 16 години.
Израел, следејќи го примерот на Данска, исто така примени „Заштитен меур“, но резултатите не беа исти. Еден месец по функционирањето на овој начин училиштата во оваа земја беа повторно затворени откако се регистрирани вкупно 2.026 новозаразени ученици и наставници.
За разлика од данскиот модел, после две седмици од отворањето на училиштата, во Израел се укина мерката за следење настава во мала група и токму овој потег придонесе за зголемувањето на бројот на новозаразени.
Строгите мерки даваат резултат во Јужна Кореја
Продолжувањето на наставата во Јужна Кореја беше одложувано неколку пати, а откако училиштата конечно добија зелено светло за отворање, само по два дена, околу 100 од нив одново се затворија поради зголемениот број на новоинфицирани со Ковид-19.
Сега училиштата во овие земји повторно функционираат, со тоа што учениците присуствуваат на настава секој втор ден во помали групи, а редовно им се мери и температура, се носат заштитни маски и строго се почитуваат сите препораки за заштита од коронавирусот.
Во некои од училиштатата се користи и комбиниран модел кој вклучува и учење на далечина.
Две училишта во Германија затворени по неколкудневна настава, основните школи во Шведска останаа отворени и во екот на пандемијата
По неколку денови откако покраината Мекленбург- Предна Померанија стана првата во Германија која ги отвори училиштата по летните одмори, околу 800 ученици беа принудени да се вратат во своите домови откако еден наставник беше позитивен на тестот на за Ковид-19.
Заразениот наставник не држел настава од понеделникот, кога беше отворена гимназијата, но сите 55 наставници сега ќе мора да бидат тестирани на коронавирусот. Училиштето ќе остане затворено најмалку до среда, соопшти општината.
Уште 100 ученици од основно училиште во регионот на Росток се ставени во двонеделен карантин откако еден нивни соученик бил позитивен на вирусот.
Од друга страна, кога станува збор за основците, она што треба да се потенцира е дека во Шведска ниту едно основно училиште не беше затворено во екот на пандемијата, додека наставата во средните училишта и универзитетите продолжи онлајн.
Вработените во отворените основни училишта беа обучени како да препознаат симптоми кај децата, да одржуваат хигиена и да ги учат децата на хигиена и правилно миење на рацете.
Чистењето на просториите беше зачестено, а обезбедени се и доволно средства за хигиената во сите школи постојано да е на највисоко можно ниво.
Во овие училишта на сила стапи и препорака да не се организираат настани со над 50 луѓе.
Искуства од САД покажуваат дека со отворање на училиштата Ковид-19 се шири побрзо
Коронавирусот може да се шири во училишната околина и летни кампови полесно отколку што тоа се сметаше претходно, покажува искуство од отворање на училиштата во САД.
Во извештајот на американските центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) за ширење на вирусот во летен камп во државата Џорџија, исто така, се сугерира дека – дури и асимптоматски случаи – би можеле да бидат значајни носители на Ковид-19 во пошироката заедница.
Овие тврдења се спротивставуваат на претходните студии во кои постои консензус дека децата ретко го пренесуваат вирусот меѓу себе или други луѓе.
Сепак, оваа недела на дури 260 вработени во едно од најголемите училишта во Џорџија им беше забрането да доаѓаат на работа, бидејќи се позитивни за коронавирусот или поради тоа што имале контакт со заразено лице.
Во еден летен камп во Џорџија, на кој на крајот на јуни чествуваа повеќе од 600 млади луѓе, околу 200 тинејџери беа позитивни на вирусот, покажува официјалниот извештај, без оглед на тоа што се почитувале сите санитарни мерки.
Одлука треба да падне утре, омбудсманот повика да се опфатат и проблемите на учениците со попреченост
Токму овие примери со странските земји укажуваат дека треба добро да се разгледаат сите агли при носењето на вака комплексна одлука за продолжувањето на наставата во нашата земја, а веќе утре би требало да ни биде познат и наставниот модел кој ќе се имплементира од први септември.
Поради сето тоа, народниот правобранител вчера упати апел да се земат предвид и учениците со попреченост, односно при креирањето на наставниот модел, да се разгледаат и нивните проблеми.
„Народниот правобранител препорачува, при изборот и креирањето на модалитетот за изведување на настава, да се имаат предвид и овие категории на ученици, при што во изборот на начинот на реализација на истата да не се поаѓа само од типичниот ученик. Според Народниот правобранител, креаторите на образовните политики треба да ги идентификуваат и да се раководат од потребите на најмаргинализираните категории, вклучително и учениците со попреченост, при што да се обезбеди непречен пристап, квалитетно следење и успешно стекнување на знаења, без разлика дали учениците се вклучени во редовните или посебните училишта“, стои во документот на Омбудсманот.
The post ИСКУСТВА ОД ОТВОРАЊЕТО НА УЧИЛИШТАТА ВО ДРУГИТЕ ЗЕМЈИ: Дел од нив ставија клуч по само неколку дена appeared first on Слободен печат.
ИСКУСТВА ОД ОТВОРАЊЕТО НА УЧИЛИШТАТА ВО ДРУГИТЕ ЗЕМЈИ: Дел од нив ставија клуч по само неколку дена was first posted on август 11, 2020 at 2:27 pm.